Да, мислам на Законот за заштита од пушењето. Наспроти општоприфатените тези за наводната здравствена и секаква друга полза од ваквите законски решенија, според моето длабоко убедување, овој закон е фундаментално погрешен. И тоа на повеќе нивоа.
Прво, самото име на законот е погрешно. Според неговиот наслов, тој штити од пушењето! Прашањето е кого го штити и, уште поважно, како го штити? Колку што успеав да разберам, според Институтот за јавно здравје, пушењето е работа на слободен избор. Тоа значи дека секој има избор дали да пуши или не, но законот одредува каде тој избор можете да го реализирате, а каде не.
Всушност, практично никаде, освен дома или на некој (ограничен) отворен простор. Со други зборови, ова е закон за заштита на непушачите, а не за заштита од пушењето. Едноставно, не гледам како тоа мене, со повеќе од половина век практикување на оваа навика, ме заштитува законот, кога веќе ми го одобрува мојот слободен избор да пушам.
А ако е закон за заштита на непушачите, како што е, тогаш слободно може да се оквалификува и како дискриминаторски, затоа што не се однесува на сите граѓани подеднакво, туку едно значително малцинство, речиси половина од полнолетното население се ставени во подредена положба.
Цигарите, сами по себе, не само што не се нелегален производ, туку се достапни на огромен број продажни места. Станува збор за можеби најдостапниот производ на македонскиот пазар. На пример, во голем број маркети е јасно и јавно истакнато дека не продаваат алкохол на малолетници, но никаде не е истакнато дека не продаваат цигари на деца.
На бензинските пумпи не се продаваат алкохолни производи, со образложение дека консумирањето алкохол при возење го загрозува вашиот и други животи. Но, затоа продавањето цигари е сосема во ред. Претпоставувам дека се тргнало од сфаќањето дека палењето цигари на бензинска пумпа е безбедно за вашиот и за туѓите животи.
Европски практики
Сакам само да кажам дека сите рестрикции и забрани на пушењето во услови на раширена, дури и стимулирана дистрибуција на цигари се – лицемерни.
Лицемерно е и повикувањето на европските вредности и практики при предлагањето на овој закон. Колку што знам, забраната за пушење не е услов за влегување во Европската Унија. Наспроти тоа, услов е внесување на бугарското малцинство во Уставот, ама тоа, како што гледам, не нѐ загрижува многу, туку сосема е ставено ад акта.
Интересно е како од сите тие „европски практики“, ние ги следиме само оние (нај)рестриктивните. На пример, односот кон мигрантите. И односот кон – пушачите! Има тука некој садомазохизам. И мора тука да се сложам со белградскиот новинар Милош Васиќ, кој своевремено, токму коментирајќи ги пушачките забрани, рече дека власта мора да ѝ овозможи на оние „просветени“ малограѓани да се изживуваат врз некого.
Ако не можеш да бидеш припадник на Европа, никако поинаку, тогаш (наводно) ќе бидеш со забрани и рестрикции
Така се владее. Барем во овие просторни европски дупки. Ако не можеш да бидеш припадник на Европа, никако поинаку, тогаш (наводно) ќе бидеш со забрани и рестрикции.
Иако досега би требало да биде јасно дека ваквите забрани не носат добро никому. Или барем не на мнозинството. САД не го запреа алкохолизмот со прохибицијата на алкохол од првата половина на минатиот век. Напротив. Само ги развија корупцијата, сивата економија, даночната евазија и криминалот. Мерката беше далеку поштетна по американската општествена патологија, отколку што донесе некаква полза во однос на здравјето на нацијата. Не гледам причина зошто тоа не би било така во државите на ниво на развојот на Македонија.
И ако веќе ја спомнуваме ЕУ, тогаш треба да се каже дека Унијата нема единствено законско решение во однос на пушењето. Оставено е секоја држава да го уреди ова прашање онака како што смета дека е најцелисходно за своите граѓани. Најригорозните држави, токму на нивото на новопредложениот македонски закон, се Ирска, Италија, Франција, Малта, Финска, Унгарија, па и Грција и Бугарија.
Но, има и земји што прават исклучоци за пушачите, како што се Германија, Австрија, Чешка, Словачка, Словенија…, а има и такви што се уште полабави во тој поглед: Шпанија, Португалија, Луксембург… Ние, секако, ќе се фатиме за Ирска и ќе ја прогласиме за „европски стандард.“
Македонијо, колку ти чини тутунот?
Она што прилично се заборава, во поглед на пушењето и тутунот во Македонија, тоа е дека тутунот е македонска стратешка суровина и дека е длабоко навлезен во македонската традиција. Нема иронија во тоа што сега ќе го кажам: одземањето на правото на пушење за македонскиот просечен граѓанин е еднакво на – одземање на идентитетот!
Основоположникот на македонската современа литература, Кочо Рацин пее за Ленка, која „не беше родена за тија пусти тутуни“, за тутуноберачите… Не бадијала, Гане Тодоровски, во својата значајна песна „Фуснота без повод“, дури во два одвоени стиха (речиси како рефрен) ја прашува Македонија колку годинава ќе биде платен тутунот!
Според податоците до кои можевме да дојдеме, тутунот и тутунската индустрија создаваат 3,2 проценти од македонскиот бруто домашен производ. Четири проценти од вкупното македонско производство отпаѓаат на тутунската индустрија. Над четири проценти од вработеното население е ангажирано во тутунското производство.
Четири проценти од вкупното македонско производство отпаѓаат на тутунската индустрија…Дури 40.000 семејства живеат и зависат од тутунот и од тутунските производи.
Ако овие цифри ви се чинат мали, одиме натаму. Пет проценти од вкупниот македонски извоз отпаѓа на тутунот и на тутунските производи, односно дури една третина од севкупниот земјоделски извоз (вклучувајќи ги тука сите рани и доцни зеленчуци, сите грозја и вина, и сѐ друго) отпаѓа на тутунот и на тутунските производи. Дури 40.000 семејства живеат и зависат од тутунот и од тутунските производи.
Без оглед на „европските практики“, извозот на тутун и тутунски производи е една од ретките стабилни ставки каде што нема некои значајни осцилации, односно намалувања на извозот. Токму затоа, тутунот е државен монополски продукт, односно неговото одгледување е под строга контрола на државата. И токму затоа, државата Македонија издвојува сериозни средства за субвенции на тутунот, односно да го стимулира неговото одгледување.
Во 2024 година, Македонија, од својот буџет, издвоила околу 40 милиони евра за субвенции за тутунот (околу 2,4 милијарди денари). Мислите ли дека тоа бадијала го направила или пресметала колку од тие пари ќе ѝ се вратат назад? Мислите ли дека нешто слично нема да направи и годинава? Ќе направи, се разбира. Или, што би рекол еден мој пријател, ќе ги плати субвенциите од наплатените казни што произлегуваат од овој закон.
На крајот на краиштата, оваа прогноза е прилично блиска до реалноста, затоа што, според некои статистики, во Македонија, преку 48 проценти од полнолетното население се пушачи, а дури 44,4 проценти пушат повеќе од една кутија дневно, што нѐ става при врвот на пушачките нации во Европа и во светот. Но, токму овој процент повторно говори за длабоката вкоренетост на пушењето во идентитетот на овој народ.
Не треба да се изуми ниту тоа дека единствениот тутунски комбинат што уште произведува цигари во Македонија, оној во Прилеп, ѝ припаѓа на американската корпорација „Филип Морис интернешнел“, со седиште во САД. Нивни е и Тутунскиот комбинат во Скопје, кој сега служи за логистика и како продажен центар. Тутунскиот комбинат во Куманово, за жал, не е во функција и во моментов е во посед на државата.
Навистина не знам како „нашите стратешки партнери“, САД, ќе го сфатат намалувањето на профитот на нивните компании поради нашите државни рестриктивни мерки. Не е тука битно што и САД имаат ригорозен закон за забрана на пушењето. Администрацијата на Трамп очигледно ја интересира исклучиво профитот, а не здравјето на светската популација.
Тука не ги спомнувам ни намалените приходи од акцизи, од ДДВ, намалениот промет во угостителските објекти, потрошените пари за инвестирање во оградените тераси, зголемување на државната администрација (веќе се најавени 40 нови вработувања исклучиво да го „инспекторираат“ спроведувањето на овој закон).
За ритуалите и идентитетот
Дали цигарата е штетна по здравјето. Па, штетна е, се разбира. Конечно, со децении веќе секој непушач педантно и прецизно ми објаснува што сѐ ќе ме снајде ако продолжам да пушам. Конечно, и старата поговорка вели дека сѐ што е убаво е штетно по здравјето.
Не знам само како ќе се заштити моето здравје ако излегувам надвор секој половина час, на дожд и ветер, на минусни температури и на секакви други временски прилики. Не знам како тоа ќе биде почист воздухот со оние плински чуда и оние греалки, па и ќумбиња што сега ќе ги наредат кафеанџиите во своите дворови за да си го задржат прометот колку-толку.
Од друга страна, цигарата е ритуал. Незаменливото чувство на првиот дим со првото утринско кафе. Или цигара по добар оброк. Па, ако сакате и цигара по секс. Ритуалот и рутините, тоа го знае секој верник во оваа држава, се мошне важни работи за секој човек. Сите ние знаеме што е „луле на мирот.“ Зошто не постои „луле на војната“? Затоа што пушењето е знак на толеранција и мирољубивост. Хитлер бил непушач.
Ако се обидам да ги ставам на кантар ползите и штетите од претпоставениот закон за заштита од пушењето, не сум сигурен на која страна ќе се придвижи вагата
Уште во моите рани адолесцентни, поточно доцни гимназиски денови го развив тој ритуал. Секоја сабота околу десет часот наутро одев во скопската градска кафеана „Пелистер“, купував куп весници од блиските трафики, еден од оние експрес-лозови, на кои веднаш можеш да видиш дека си ги изгубил парите, седнував сам на една маса. Нарачував кафе, палев цигара и го прелистував дневниот и неделниот печат.
Се сеќавам уште на стандардниот разговор со легендарниот келнер Боге, кој ми приговараше дека не можам да му држам цела маса неколку часа само со едно кафе. А јас секогаш објаснував дека објектот во кој седам се вика „кафеана“ и дека самиот збор не доаѓа ниту од пиво, ниту од вино, туку од кафе. Основната функција на кафеаната е да служи кафе. И со кафето да се запали една цигара.
И денес, веќе на половината од седмата деценија уште го негувам овој ритуал. Секоја сабота, кога ќе можам, одам во некоја кафеана и со себе носам некоја книга за читање или мојот лаптоп (безброј од овие колумни се напишани така). Разликата е во тоа што нема повеќе весници или барем ги нема во доволен број за една ваква сеанса. И што кафеаните повеќе не служат турско кафе. Но, ритуалот е тој.
И денес, велам, како и пред половина век и „легендарните“ разговори со Боге, животот ми е обележен со низа ритуали и рутини, ситни мали задоволства, кои го создаваат мојот идентитет. И нема да дозволам овој идентитет да ми биде одземен.
Значи, ако се обидам да ги ставам на кантар ползите и штетите од претпоставениот закон за заштита од пушењето, не сум сигурен на која страна ќе се придвижи вагата. Сево ова ме потсеќа на една славна карикатура на Дар-Мар на која Пецко стои пред гробишта. На едната половина од гробиштата стои табла на која пишува „За пушачи“, а на другата стои табла на која пишува „за непушачи“! Мене, велам, нема да ме заштити! Ја немам таа опсесија да умрам здрав!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија









