Обидот да се консумира ставот на бугарското МНР во врска со законските измени за здруженијата, бара вонредни напори. Многу обвинувања се фрлени на наша сметка – ограничување на правото на здржување на Бугарите, неосуда на комунизмот, отсуство на рехабилитација и компензација за Бугари репресирани во комунизмот, еднострана македонска интерпретација на историски факти, неподготвеност да се деблокира работата на Историската комисија…
Списокот е стар, но се рефрешира по разни поводи секојдневно, а за сѐ што се случува – виновна е Македонија. Бугарија, за среќа, е безгрешна. Членка е на ЕУ од 2007 година, не ги ферма одлуките на Европскиот суд за човекови права за правото на здружување во европска Бугарија.
Погледот и втренчен врз правата во нашиот „двор“, но не се грижи што такви права немаат нејзини граѓани, европски државјани, кои идентитетски се самоопределуваат поинаку од Бугарите. Си скрои Устав во кој не смее ни прашинка да влезе, а камоли малцинство и бидејќи таму „се си е во ред“, држи лекции на наш терен.
Во целиот однос на домашните власти кон темата Бугарија владее една неконзистентност: не може преговорите да се опишуваат како „некој со нож да ве сече во стомак“, а резултатот од тие преговори да се претставува како врвен успех.
Овде правото на здружување никому не му е оспорено, ама стравот е дека ќе се стесни просторот за провокација со имиња на здруженија и клубови, кои не само што не можат да бидат симбол за градење на мостови за добрососедство, туку се најширока платформа токму за спротивното. Голем дел од вината е наша, бидејќи тоа што навреме институционално не се спречило, сега потешко ќе се лечи.
Но, македонската влада не научи една важна лекција: дека со политички опортунизам не се постигнува ништо. Ем беше игнориран македонскиот клуб во Благоевград, ем само два дена пред отворањето беше „пуштен низ вода“ преку дистанцирање од него (Османи), и не само што не ја омекнаа Софија со таков потег (ако тоа била целта), туку на крајот пак стигна „поздрав“ од бугарското МНР.
Во целиот однос на домашните власти кон темата Бугарија владее една неконзистентност: не може преговорите да се опишуваат како „некој со нож да ве сече во стомак“, а резултатот од тие преговори да се претставува како врвен успех. Успех е или мачење? Ако не е успех, зошто се претставува поинаку?
Што е целта на тој ребус, освен ако авторот сакал да даде до знаење дека смислата лежи во фактот дека нема никаква смисла. Така не се обезбедува ни сочувство кај домашните граѓани, ни доверба кај соседите, туку впечаток за политика на импровизации, која потоа е лесна жртва на провокации.
Сега бугарската потпретседателка Илијана Јотова доаѓа во Македонија и веќе десетици теории продефилираа на таа тема. Според нејзиниот кабинет, ќе дојде на 5.11. за да присуствува на отворањето на изложба „125 години бугарско дипломатско претставување во Битола“ и на промоција на книгата „Досието ‘Галичица’ и скршената судбина на Панде Ефтимов“.
А што прават нашите политичари? Се расправаат кој е прогресивен европеец, кој не е. Лицитираат со разни барања за промени во Уставот
Преспанецот Ефтимов (1932-2017) во соседната земја важи за „патријарх на бугарштината во Македонија“, а за такви заслуги во 2018 година постхумно бил одликуван од бугарскиот претседател Румен Радев со орден „Стара Планина“ од втор степен.
Јотова ќе присуствува и на воено-црковен ритуал на бугарските воени гробишта во селото Цапари, каде за време на Првата светска војна биле погребани 214 бугарски војници и офицери. Организирана држава така работи.
Претходно, во пресрет на празникот на бугарските просветители, Јотова кон крајот на октомври положи цвеќе на гробот на бискупот Јосип Јурај Штросмајер во Ѓаково, Хрватска, како „благодарност што придонел во развојот на бугарската култура“ и го помогнал издавањето на песните на Константин и Димитар Миладинови.
А што прават нашите политичари? Се расправаат кој е прогресивен европеец, кој не е. Лицитираат со разни барања за промени во Уставот. Се жалат дека „дваесет отсто“е навредлива синтагма кога станува збор за нечиј јазик. Се согласувам. Ама, зошто не им е навредлива кога се работи за 20% провизии? Се расправаат дали ќе има лидерска средба, дали е преуранета, дали е задоцнета, дали е потребна…
Целта е да се обезбеди широк политички и општествен консезус за европската иднина на земјата, ама без волја да запрат отровните порции што си ги испраќаат партиите меѓусебно, за појадок, ручек и вечера, сѐ додека трае таа голема пауза до европската иднина.
Што прават друго? Ништо. Откако епизодите со клубовите ја покажаа македонската хиперсензитивност на провокации, се надеваат дека нема да се случат нови слични обиди. Или дека нема да наседнат.
Главно „газат по јајца“ и се врткаат „тука некаде“. Кога се отвораше клубот „Иван Михајлов“ во Битола, министерот Османи се сретна со бугарскиот премер Кирил Петков и колешката Теодора Генчовска кај трансформаторската станица „Битола 2“ на МЕПСО.
Утре, додека е Јотова во Битолско, претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски ќе бидат „таму некаде“, на одбележување на годишнината од РЕК „Битола“. И овој пат енергијата е лајт мотив. Се надевам без висок (политички) напон.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија