Воздухот не се гледа, не мириса и нема вкус. Така отприлика гласеше дефиницијата за воздухот што во мое време ја учевме на училиште. Јас навистина ја разбирам маката на сегашните наставници кои мораат да им ја предадат оваа дефиниција на денешните деца, се разбира, ако сѐ уште функционира во нашиот образовен систем и ако воопшто се учи за воздухот како таков. Како ќе им кажеш на децата дека воздухот не се гледа, кога тие го гледаат со свои очи? Или дека не мириса, кога смрди? Или дека нема вкус, кога има?
Скопје и повеќето градови низ Македонија, ете, веќе години наназад, ги побиваат основните природни закони. Оние места каде што наводно воздухот е без својства, едноставно, немаат мерни единици што ќе го мерат неговиот квалитет. Просто сум уверен дека еден ден, онака колективно ќе добиеме Нобелова награда за хемија или физика (каде што веќе влегуваат хемиските и физичките својства на воздухот) за револуционерниот пресврт во научната мисла за воздухот, која владее уште од античките времиња до денес.
Забрането е палење огнови на јавни површини, бидејќи, како што е точно констатирано, оваа мерка природно ќе го намали бројот на бездомниците, кои, ете, се загадувачи на воздухот
Замислете само овој наш изум да му беше познат на Хитлер, на пример. Историјата ќе имаше сосема поинаков тек. Наместо човекот да троши дебели пари за скапи хемиски отрови за неговите концентрациони логори, а финансиите ќе ги пренасочеше за производство на оние негови летечки бомби. Едноставно, ќе ги пратеше своите логораши во Македонија да му работат под исти услови под кои работат овдешните работници во таканаречените странски инвестиции, плус ќе отвореше по некој рудник онаму каде што загаденоста го нема достигнато скопското ниво и ете – работата е завршена.
Сведоци сме, значи, на фреквентната употреба на една фраза во овдешната дневнополитичка, би рекле и дневна, реторика што не ја познава науката – „чист воздух“. Според сите сознанија, воздухот не може да биде чист или валкан. Тој е – воздух! Добро, може да се интервенира во неговиот состав и да биде не само неупотреблив за човековиот организам туку и екстремно штетен.
Се разбира, оние еколошки свесните навремено си купиле (обезбедиле) еколошки бензински џипови, „аудија“, „мерцедеси“ и нивниот воздух треба да биде чист. Затоа и ќе ги ставаат оние еколошки налепници. За да се обележат еколошки несовесните возачи кои едвај крпат крај со крај и кои возат општествено неприфатливи возила. Може и на сопствениците на овие возила да им се стави некоја Давидова ѕвезда. Онака да знаеме кои се поединците меѓу нас што ни ја загадуваат животната средина.
Забрането е палење огнови на јавни површини, бидејќи, како што е точно констатирано, оваа мерка природно ќе го намали бројот на бездомниците, кои, ете, се загадувачи на воздухот. Плус, со оваа мерка може да се заштеди нешто и на социјалната помош, а богами и малку да се намали невработеноста во земјата.
Владата може, на пример, сиромашните, пушачите, бездомниците, безобразните кафеанџии, дизелашите, пензионерите… да ги дислоцира во специјални гета, не мора да се викаат логори и, конечно, чистата бела македонска раса да дише чист воздух од својата водњанска тераса
Со зголемувањето на цената на паркингот во Општина Центар ќе се дестимулира одењето со автомобил во Општината и така ќе се намали загадувањето во целиот град. Се препорачува користење велосипед или градски сообраќај (пешачењето по овој воздух не е препорачливо).
Морам да признам дека оваа мерка ми е најгенијална. Не само што ќе го здебели градскиот, туку сериозно ќе го растовари државниот буџет. Замислете само повозрасно лице од, не знам, Ченто или Ѓорче, со хронични респираторни или кардиоваскуларни болести или со скршен колк, како мора итно да стигне во Клиничкиот центар или во Градската болница. Ќе чека возило на Брза помош? Ќе јавне велосипед? Ќе менува два или три градски автобуси за да стаса? Можете да замислите колку само ќе се растовари пензискиот фонд од плаќање прекумерни пензии кога ќе помине зимата.
Во смисла на заштита на општественото здравје ја сфаќам и онаа неодамнешна робусна акција на македонската полиција по скопските кафеани и кафулиња, каде што се одвивал криминал од невидени размери. Некој 17-годишник пиел пиво во 23 часот во сабота навечер. А, што е уште полошо, некој и пушел.
Бидејќи газдите на кафеаните се познати по својата агресивност кон инспекциите, речиси колку и пушачите, а приближно колку малолетниците што во сабота навечер излегуваат во кафулиња и пијат пиво, мораше да биде употребена целата Единица за брзо распоредување или како веќе се викаа оние страшни униформирани момци што ги обиколуваа кафеаните во саботата вечер.
Речиси неверојатно ми изгледаше изјавата на портпаролот на Министерството за внатрешни работи. Безмалку треба да сме среќни што немало жртви во сериозната пресметка со организираниот криминал. Имено, портпаролот употребуваше термини од типот: „акција“, „оперативни сознанија“, „следење“… А нешто како бонус му доаѓаат оние стотина возачи, фатени во два сабајле како возат под дејство на алкохол.
Сега, кога се позиционирани главните загадувачи, Владата може да дејствува и со други мерки, познати во историјата. А, како тргнале, убеден сум дека и тоа ќе им текне. На пример, сиромаштијата, пушачите, бездомниците, безобразните кафеанџии, дизелашите, пензионерите… да ги дислоцира во специјални гета, не мора да се викаат логори и, конечно, чистата бела македонска раса да дише чист воздух од својата водњанска тераса.
На крајот и ќе му поверувам на оној наш ренесансно универзален сликар дека некој нѐ прска со алуминиум. И затоа сме толку загадени.