Возовите што одат

Македонски железници прават извонредни иновативни и револуционерни реформски потези со кои ќе го сведат традиционалното доцнење на возовите на минимум. Ги укинуваат железничките линии!

Ако се знае дека само минатата година, македонските возови (да го парафразираме хрватскиот комичар Горан Винчиќ) доцнеа две години, одлуката за укинување на две од трите дневни железнички линии на релацијата Скопје – Битола – Скопје, навистина може да направи драстични подобрувања на ова поле. Годинава, возовите ќе доцнат само осум месеци. И ете решение. Ако се укинат сите железнички линии, ќе нема ниту минута задоцнување.

Верувам дека дури и Јапонците ќе доаѓаат на студиски патувања во Македонија, за да ја откријат тајната на овој епохален успех.

Ако не сообраќаат возовите, тогаш оние 500 или колку веќе ги има километри пруга можат да се уништуваат до мила волја. И никому ништо. Како божем и досега некому да било нешто

Со оглед на фактот дека претпријатието Железници на Северна Македонија – Транспорт досега не дало никакви официјални објаснувања зошто од оваа среда (25 октомври), дури за две третини ќе ја намали фреквенцијата на овој патен правец, можеме само да претпоставуваме на што се должи ваквата ингениозна одлука. Освен наведеното драстично подобрување на точноста на возовите, во ваквото решение постојат и големи ресурси за сериозни заштеди на овој традиционален загубар во континуитет.

Еден од медиумите што ја пренесоа оваа информација шпекулира, односно „дознава од свои извори“, дека укинувањето на линиите се должи на уништените или девастираните железнички прагови на пругата. Ете, и тоа е можен аспект на приказнава. Ако не сообраќаат возовите, тогаш оние 500 или колку веќе ги има километри пруга можат да се уништуваат до мила волја. И никому ништо. Како божем и досега некому да било нешто.

Плус замислете само колку ќе се зголеми безбедноста во железничкиот сообраќај. Ем нема сообраќајни несреќи на пругите, ем сите пруги руинирани, ем сите директори во претпријатието на број. Три во едно, што би се рекло.

Но, еве и сериозен предлог за создавање дополнителен екстра профит. Железници на Северна Македонија можат да организираат патувања од Скопје до Битола и назад отприлика во истата фреквенција во која Елон Маск ги организира планираните комерцијални патувања на Месечината. И да ја применат истата тактика: на лицитација да продаваат билети за следното патување со воз до Битола. На пример, на 25 октомври 2048 година.

Замислете колкава цена би достигнале тие билети? И колку ексцентрични милијардери од кај нас, а богами и од светот би биле подготвени да платат енормни суми во долари или евра за вакво егзотично и екстремно опасно патување?

Па, кога можеа оние несреќни богаташи да платат за патување на онаа подморница до остатоците на „Титаник“ да платат онолкави пари и да имплодираат во неа, зошто некои други да не платат за „надморницата“ наречена македонски воз од кинеско потекло за патување до таков егзотичен предел каков што е Битола.

Нема сега да ги споредувам крајпатните пејзажи со оние на Месечината, ниту да влечам паралели меѓу „Титаник“ од една страна и Скопје и Битола од друга. Иако и тука има што да се каже. Само ќе наведам еден цитат, кој ми изгледа прилично убедливо како појдовна точка за реализација на оваа идеја:

„Возовите имаат рустикален, стар класичен шарм, кој скоро е неодоллив. Зачудувачки погледи, живописни бои и инспиративни пејзажи оставаат длабоко, речиси трансцедентно влијание врз нас кога патуваме со воз. Секое патување со воз нуди панорамски поглед на природата најдобро. Патувањето со воз ви дава можност да го доживеете и да уживате во патувањето исто колку и самата дестинација. Само седнете, опуштете се и оставете го искуството да преземе! Патувањата може да траат само неколку часа, но искуството трае цел живот. Некои од најдобрите дестинации низ целиот свет можат да се стигнат само со воз.“

Нормално дека не сте во право ако помисливте дека ова е цитат од некој вдахновен македонски потпросечен поет. Ова е цитат од официјалната интернет-страница на Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД, Скопје. На некој што е подготвен вака инспиративно да го опише патувањето со воз од Скопје до Велес, само првата железничка рампа е граница на неговата инвентивност.

Ем нема сообраќајни несреќи на пругите, ем сите пруги руинирани, ем сите директори во претпријатието на број. Три во едно, што би се рекло

Но, да не бидеме цинични до крај. Авторот е дефинитивно во право кога вели дека неколкучасовното патување со македонските возови е искуство што трае цел живот. Тоа, впрочем, можат да ви го потврдат оние ретки среќници што патуваа токму на релацијата Битола – Скопје по десетина часови.

Сега, со одлуката оваа релација да се сведе на еднаш дневно, тие патувања дефинитивно и непречено можат да траат и подолго. Целодневно искуство за цел живот.

Намалувањето на железничкиот сообраќај може да се гледа и низ друга призма. Станува збор за главниот гарнир, да не кажеме за вишната на шлагот на прославата на 150-годишнината од воспоставувањето на железничкиот сообраќај во сегашната држава. Имено, во тој некој, мислам, април 1873 година е воведена првата железничка линија Солун – Скопје.

Не, не ме гледајте во чудо. Уште има возрасни читатели кои на своите внуци и внуки им прераскажуваат преданија дека некогаш со воз можело да се стаса до Солун. Дури некои раскажуваат легенди дека со воз биле и до Трст. Оние најегзотичните старци, каков што е и авторот на овие редови, можат да се заколнат дека се сеќаваат на нешто што се нарекуваше „интер реил“, билет со кој можеше со воз да се обиколи цела Европа.

Веќе навестувам дека некои дедовци и баби на некои идни внуци и внучиња ќе им раскажуваат бајки дека некогаш многу одамна, на пример, во 2023 година, со воз можело да се стаса од Скопје дури до Битола. А овие ќе ги гледаат во чудо. Како што јас ги гледав во чудо повозрасните од мене кога ми објаснуваа дека името на легендарната дојранска кафеана „Фук так“, всушност, е ономатопеја на звук на воз и дека кафеаната се наоѓа на местото на некогашната железничка станица во Дојран.

Одлуката за укинување на две од трите дневни железнички линии на релацијата Скопје – Битола – Скопје, навистина може да направи драстични подобрувања на ова поле. Годинава, возовите ќе доцнат само осум месеци

Безброј сеќавања и референци ме врзуваат за возови, па и за славниот „Пелагонија експрес“, брзиот воз Скопје – Битола. Ми паѓа на памет дека една од моите иницијации во новинарството беше репортажа за тогашнато Радио Скопје по повод првата годишнина од пуштањето на Железничката станица во Скопје, тогаш, како што ми беше наведено, најмодерната во Европа.

Мислам дека беше некој август, претпоставувам 1982 година. Тогаш, ако не ме лаже сеќавањето (што е мошне можно), некој од моите соговорници рече дека Кензо Танге предвидел Железничката станица да има 16 перони бидејќи тврдел дека возот ќе биде превозно средство на иднината. Некој овдешен прекрасен ум го скратил бројот на пероните наполу, сфаќајќи дека и тие осум во некоја иднина ќе бидат премногу.

Ми паѓа на памет, на пример, дека Ана Каренина не може да вирее тука. Едноставно, нема воз под кој ќе се фрли. Ми паѓа на памет и лектирата од детството „Возот в снег“ на Мато Ловрак, и сјајниот филм на Вељко Булаиќ со симптоматичен наслов „Воз без возен ред“, и филмот „Животот е убав“ на Бора Драшковиќ, каде што еден воз, исто така заглавен во снег, практично ги најави југословенските војни.

Но, првата асоцијација дефинитивно ми е песната „Возовите што одат“, практично „трејдмаркот“ на Живко Дуев. Излегува дека сум бил визионер кога своевремено оваа песна ја предлагав за химна на Македонија.

Во неа има еден прилично илустративен стих: „Сеќавај се секогаш во далечина за нас“.

Сакам возови и со задоволство се сеќавам на нив.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија