Инженери на правдата

Каде беше гласот на искреноста на оној 30-ти јуни 2017 година, кога камион полн со кутии материјали за 17-те обвиненија на СЈО тргна кон Кривичниот суд? Гледано од аспект на денешниот „резултат“, подобро ќе беше некој да се одважи и да повика: Мајсторе вози, ама не кон судот, туку кон првиот отпад.

Каква е поентата шест години да ни приредуваат претстава со судски постапки и приказни за правда, ако за предметите на СЈО била испланирана иста завршница како и за системите со кои се спроведувало незаконското прислушување. Таа опрема заврши на дробилица, а измените на Кривичниот закон станаа дробилица и за предметите на СЈО. И опремата и предметите завршија на отпад.

Што добивме? Изгубени години, нула доверба во сѐ, и 100% увереност дека парите и политичкиот макијавелизам бушат кај што правната бургија ниту можела, ниту во иднина ќе може.

За почит е истрајноста со која холандскиот амбасадор добронамерно нѐ потсетува дека не сме ја завршиле домашната задача. За срам се суратите на домашните политичари, кои мува не ги лази додека се шепурат наоколу, потшепнувајќи дека „сѐ што се случува е со знаење на тие што треба“, бидејќи во прашање е големата цел.

Со тоа го олеснуваат читањето на пораките – зошто некои амбасади воопшто не го коментираа застарувањето на делото злоупотреба на службената положба и овластување во предметот „Таргет-Тврдина“, туку се покриваат со фразата „одблиску ги следиме сите случувања“.

Што добивме? Изгубени години, нула доверба во сѐ, и 100% увереност дека парите и политичкиот макијавелизам бушат кај што правната бургија ниту можела, ниту во иднина ќе може

Значи, ако може да се мижи пред криминал во име на ЕУ, може да се мижи и пред макијавелизам во име на ЕУ. Ама едно е јасно: не постои пат до интеграција и европски стандари, кој води преку девастирање на правниот систем, бидејќи така земјата си пука во нога.

Одамна го научивме правилото – не гледај што правам, слушај што зборувам – ама и правилото дека нема бесплатен ручек. Сѐ што сега ќе се искрка, подоцна ќе заврши со многу висок цех кој ќе ни го испорачаат истите тие со чие замижување наводно се случуваат правните повраќаници.

По првата епизода со акробациите во Кривичниот законик, со голем интерес се очекува втората епизода – овој пат во Врховниот суд. До него е доставена Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

На крајот од јуни Врховниот суд со потврда на пресудата за предметот „Транспортер“ се произнесе дека помилувањето од поранешниот претседател Ѓорге Иванов било дадено без правен основ. Може ли сега да најдат поинаква инспирација и аргументација? А зошто да не? Во земја каде правото е како пластелин, секој што има моќ може да го обликува по своја желба.

Само сетете се колку многу експерти (заедно со ЕУ) објаснуваа зошто новиот Закон за јавно обвинителство треба да овозможи предметите на згаснатото СЈО „да останат живи“. А најголемиот дел од истите експерти сега го предводеа и опелото за оправдан покој на предметите. Тој оркестар за погреби и свадби, наскоро ќе засвири и во Врховниот суд, по нечија партитура, пардон – тефтерче.

И ќе видиме дали истите лица на ист начин ќе го објаснуваат оспорениот член 11 од Законот за помилување, како што тоа го правеа претходно. Ако и таму историјата ни се повтори како фарса, тогаш фарсата дефинитивно ќе ни стане национална историја и идентитетско обележје за флотантна маса со меморија на риба.

Отсега натаму, терминот правда со сигурност ќе биде долгорочно елиминаран од каква било сериозна дискусија, а со правда ќе се занимаваат единствено стендап комичарите. И тоа нема да биде единствената последица од големата измама.

Сѐ што сега ќе се искрка, подоцна ќе заврши со многу висок цех кој ќе ни го испорачаат истите тие со чие замижување наводно се случуваат правните повраќаници

Откако сите игри се одиграа, тефтерчињата се усогласија, а мафиите се обединија, ќе биде тешко да и се објасни на јавноста зошто само на избори се исцрпува целокупното значење на демократијата, ако граѓаните меѓу два изборни циклуса немаат никакво влијание во општествениот живот. И тоа е измама, бидејќи демократскиот живот подразбира многу повеќе од тоа. Игнорирањето на тој глас драматично ќе се одрази на изборите.

Тешко ќе биде да се објасни и каква е разликата меѓу поведението на Катица Јанева која со злуопотреба на службената положба и трговија со влијание се впуштила во обезбедување поволности за едно кривично засегнато лице, и поведението на армија други (експерти, министри и пратеници) кои со предложените и усвоени измени на КЗ обезбедија такви поволности за сите останати „муштерии“ на СЈО.

После сѐ, кој може денес да вети дека „инженерите на правдата“, еден ден ќе одговараат? Буквално никој. Во држава каде што неказнивоста е озаконета, правдата обесмислена, каде што мафиите побрзо градат консензус и ги контролираат партиите и владите, тоа би било една обична лага. 

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија