Врева повеќе од потребното

Оној кој самиот себеси се лаже, најлесно се навредува. (Достоевски)

Во духот на оваа мисла, ете, успеавме самите да се навредиме, да создадеме перцепција дека ова е земја каде што тлее антисемитизам, да ја глодаме таа коска како прегладнети песови, во надеж дека од раните на таа самонанесена навреда, утре еден ќе добие, а друг ќе изгуби. Мислам на изборни поени. 

Впрочем, и нема ништо друго во мотивацијата за лансирање на оваа антисемитска епизода. Таа приказна не врви овде. Во Македонија има антисемитизам, колку што во Сахара има поплави предизвикани од поројни дождови. Отприлика толку. 

Но, кај нас има нешто друго – манир од мува да се прави слон, од капка – океан. Патем, видете ги пиковите кога се случуваат ваквите „откритија“: во предизборни периоди! 

Истото се случи и во февруари 2011 година, кога медиумите ја објавија „дефиницијата“ од 143-та страница на учебникот „Политички теории – антика“ (2006) од професорите Ѓорге Иванов и Светомир Шкариќ, која гласи: „Антисемитистот е личност што ги мрази Евреите повеќе од потребното“.

А колку е доволно да се мразат Евреите? – гласеше контрапрашањето. 

Во Македонија има антисемитизам, колку што во Сахара има поплави предизвикани од поројни дождови. Отприлика толку. Но, кај нас има нешто друго – манир од мува да се прави слон, од капка – океан

Во тој период, авторот Иванов ја извршуваше функцијата претседател на државата. Се крена врева. Од Кабинетот на претседателот објаснија дека дефиницијата за антисемитизмот е преземена од Симон Веил (1927-2017), Еврејка која го преживеала Аушвиц и холокаустот, а се користела за на ироничен и саркастичен начин да се осуди омразата кон Евреите. 

Поконкретно, дефиницијата била преземена од Веил на годишнина од ослободувањето на Аушвиц, а споделена за францускиот весник „Paris Match“ (јануари 1994 година). Како што објаснија од Кабинетот, истата дефиниција ја употребувале и многу политичари или јавни личности што сакаат да го осудат антисемитизмот. 

Вистината е дека таа „дефиниција“ нема автор, а самата веројатно опстанала како резултат на цинизам кон оние кои го негираат холокаустот.     

Веил навистина заслужува да биде цитирана, но дали со таа, наводна, дефиниција? Зборуваме за жена што го преживеала холокаустот, за адвокатка, министерка за здравство во времето на Валери  Жискар Д’Естен, претседателка на Европскиот парламент, член на Уставниот совет на Франција, член на Француската академија…, но и жена што ја предводеше битката за легализирање на правото на абортус во Франција. 

Дали Иванов бил или е антисемитист? Апсолутно не. Дали во учебникот имало фуснота, која се однесува на споменатата дефиниција? Немало. За што зборуваме, за антисемитизам или за непрофесионализам? 

Во некое ново издание на учебникот можеби има, но во првото издание, како и во скриптата за студентите, ниту една од неколкуте стотици фусноти не се однесуваше на објаснување од каде е преземена споменатата дефиниција. Токму тоа остави простор за разни толкувања. 

Еврејската заедница тогаш излезе со став дека во Македонија немало, ниту има антисемитизам и ксенофобија како од граѓаните, така и од државните претставници, без разлика на нивната етничка, верска, политичка припадност или периодот во кој ја воделе државата. И со право.  

Секоја недореченост, нејасност или непрецизност, макар и во пост на Фејсбук, може да заврши исто така, бидејќи секогаш има доволно кандидати кои „подобро“ од авторот знаат што сакал да тој да каже. Затоа таа „антисемитска епизода“ сега ни се повторува како фарса. 

Како што во куќа на обесен не е добро да се зборува за јаже, или во домот на удавен да се зборува за убавина на река, не е добро ad hominem да се спомнува Давидова звезда во каков било контекст, бидејќи кај жртвите на холокаустот и нивните наследници тоа се разбира само на еден начин. И тоа треба да се има предвид. 

Инфлацијата од обвинувања за антисемитизам станува контрапродуктивна, и им оди во прилог на вистинските антисемитисти. Секако, тие не живеат овде

Но, важно е да се потенцира и она што честопати стои на другата страна од приказната: кога секој збор за Евреите се гледа низ призмата на антисемитизам. 

На пример, нема политички последици од вицови кои се потпираат на стереотипи – за мрзливи Црногорци, за прељубници Французи, за скржави Шкотланѓани… Но, истата шега низ стереотипот за скржави Евреи може да ве одведе на лизгав терен – антисемитизам. 

Кога станува збор за израелската политика на окупираните територии, исто така се брани од критиките со обвинувања за антисемитизам. И музиката на Вагнер сѐ уште се третира како израз на антисемитизам. 

А кога еден термин се (зло)употребува универзално, за сѐ и сешто, го губи значењето и вистинската смисла. Со тоа, инфлацијата од обвинувања за антисемитизам станува контрапродуктивна и им оди во прилог на вистинските антисемитисти. Секако, тие не живеат овде.