З’ш немет платно!

Кога одбираш фризер, прво види дали му е средена фризурата. Кога одбираш автомеханичар, види во каква состојба му е возилото. Кога избираш градоначалник, види што ти нуди – факти или приказни. Еве, почна кампањата за локалните избори и многу бргу ја откри целата имагинација на градоначалничките нарации, соодветни на кулисите за една масовна фантастична сцена.

Еден кандидат ветува дека ќе го направел Вардар пловен и ќе имало бродски транспорт од Ѓорче Петров до Лисиче. Или човекот не живее во Скопје, или одамна не го видел водостојот на Вардар, кој ветува само едно – сигурно насукување. На кандидатот, особено. Засега од  Ѓорче до Лисиче и уште подалеку – до Солун, пловен е само нашиот смет, предводен од непрекинатата регата од кеси и пластични шишиња.

Сите што се надеваат на пасивна јавност што нема да поставува прашања, го промашиле и рингот и тактиката. Но, сè додека трае кампањата, не е доцна да се коригираат

Друг кандидат ветува бесплатен јавен превоз во Скопје, ама без есап како ќе се реализира тоа. Вели – „ако може да функционира некаде, зошто не кај нас?“ Добро, ама треба да знаеме колкав е буџетот за таа намена на тие таму „некаде“, а колкав е кај нас?

Бидејќи, таму „некаде“ има и други примери – каде што роботи собираат и транспортираат смет, каде што роботи детектираат загадување од излеани опасни хемикалии и радиоактивни материјали, и каде што роботи чистат снег, додека сите други без проблем и без комунални консеквенции може да си бидат „изненадени“ од него.

Таму „некаде“ има примери каде што ниту комунални служби, ниту роботи не мора да чистат снег, бидејќи тој се топи под врелината на пареа и вода од гејзери, кои се спроведени во инсталациска мрежа под улиците, тротоарите, градските плочници и на секој јавен простор каде што се движат граѓаните. По основната инвестиција (подземна мрежа), со чистењето снег на јавни површини веќе никој не се занимава.

Има и општини каде што се спроведуваат и вселенски програми. Би сакале и ние, ама немаме ни средства, ни експерти за тоа, освен ако не дојде на власт Интегра, која еднаш ни вети вселенски и астрономски центар.

Накусо – за да се споредуваме со кој било од таму „некаде“, треба да ги посочиме можностите што ги имаме на располагање. Ветувањата и надежите последни умираат, ама буџетот – прв. За да им ветите на скопјани бесплатен јавен превоз, а истовремено да не ги потцените, мора да им дадете јасна пресметка како ќе го остварите тоа.

Според податоците од Град Скопје, трошоците на јавниот градски транспорт изнесуваат околу 30 милиони евра годишно, а буџетот на Градот е 80 милиони евра годишно. За да ги остават скопјани автомобилите дома и на тој начин да придонесат за чист и зелен град, минимум што треба да се направи е да се удвои автобускиот парк. Колку чини тоа? Повеќе од двојно од годишниот трошок. А колку ќе чини воведувањето дополнителни линии? Ако само за еден проект се истроши целиот годишен буџет, тогаш Скопје би останало без финансии за сите други потреби на градот.

Наспроти ова, објаснувањето е дека и сега има дефицит во касата на ЈСП. Дека ќе се кратат непродуктивни трошоци од ресурсите на ЈСП и дека преку соодветен менаџерски систем ќе се креираат најдобрите решенија. Не е коректно таков проект да им се објаснува на гласачите во две реченици. Нужно е детално да се презентира, ставка по ставка, во пакет со сите неопходни, релевантни и компаративни податоци, за јавноста да може да ги провери и да се увери што добива – факти или илузии?

Од начинот на кој кандидатите ја удостојуваат јавноста со нужни детали од нивните програми, гласачите го скицираат својот избор меѓу проѕирниот, предвидливиот или најубедливиот кандидат. Недостигот од таков пристап може да значи дека, или кандидатот нема јасна претстава во што се впушта, или дека е воден од ароганција, или дека длабоко им го потценува правото на веродостојна информација токму на оние од кои очекува да ја добие довербата.

За да им ветите на скопјани бесплатен јавен превоз, а истовремено да не ги потцените, мора да им дадете јасна пресметка како ќе го остварите тоа

Имате ли претстава што значи да им се вети на скопјани бесплатен јавен превоз?! Нема играње со тоа. А што ако Градот ги предимензионира податоците за трошоци за јавен превоз, што ако ги филува, што ако постојат непознати, резервни ставки и/или други ресурси што може да се пренаменат и да се стават во погон на ова изборно ветување?

Токму затоа овој предлог мора да биде јавно и детално образложен, наместо да лебди како надуен балон или сомнеж дека воопшто не се темели на јасна финасиска конструкција, туку само на зборови што убаво звучат. А најлошо е ако заврши како во скечот на К-15: „Бесплатно е, з’ш немет платно“. Па, на куцо магаре ќе го качат секој што неодговорно игра со вакви ветувања, дури и „Свети градоначалник“ да му пишува на кабинетот.

По 30 години независност на државата, по многу нереализирани ветувања, гласачите сè помалку имаат трпение да губат време во немо сведочење по прашањето чија пропаганда живее на укинување на разликата меѓу стварноста и фикцијата, поточно на устоличување на фикцијата на местото на реалноста.

Тоа само по себе е навредливо. Сите што се надеваат на пасивна јавност што нема да поставува прашања, го промашиле и рингот и тактиката. Но, сè додека трае кампањата, не е доцна да се коригираат. Јавноста ќе знае да го препознае тоа, а ако е искрено – и да го вреднува.