Регион

Бугарија: Страв од загадување поради заринкан брод

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Бродот „Вера су“ . Извор: youtube screenshot

Северното црноморско крајбрежје на Бугарија е загрозено од заринкан брод полн со товар што е опасен за околината и за живиот свет, предупредуваат екологистите од земјата. Пловилото Вера Су, регистрирано во Панама, уште од 20 септември се наоѓа на неколку метри од брегот кај местото Јајлата.

За разлика од централните и јужните делови на бугарското приморје, каде што е развиен масовниот туризам, северното крајбрежје меѓу Варна и романската граница се заштитени поради своите природни вредности. Токму тука е заглавен бродот товарен со 3.300 тони азотни ѓубрива.

Асен Личев, в.д. министерот за животна средина на Бугарија, за медиумите изјавил дека морските води се испитуваат во радиус од еден километар околу бродот, за да се следи дали има излевање на опасни материи.

„Главниот ризик го отстранивме со тоа што ја испразнивме нафтата од резервоарите“, рекол Личев.

Азотното ѓубриво веќе се растовара од бродот, но примероците од водата земени на 28 септември покажале дека има загадување. Нуркач, исто така, објавил видео на социјалните мрежи каде што се гледа дека дел од азотното ѓубриво веќе истекло од бродот.

Екологистите стравуваат дека ако се излее големо количество од ѓубривото, тоа ќе поттикне прекумерен раст на фитопланктонот, кој, пак, ќе испушти токсини што ќе го убијат живиот свет во морето.

Според бугарските власти, лошите временски услови ја зголемуваат загриженоста дека азотното ѓубриво нема да се извлече навреме и дека голем дел од него ќе заврши во морето.