Регион

Посмртни останки на жртви пронајдени во масовна гробница во Србија, пренесени на Косово

Предавање на посмртните останки на албанските жртви. Фото: Денис Словиња/БИРН

Посмртните останки на 7 косовски Албанци, жртви на војната, денеска им беа предадени на косовските власти на граничниот премин Мердаре, четири месеци откако беа ексхумирани од масовна гробница лоцирана во рудник во јужна Србија.

Роднините на жртвите, убиени во масакрот во косовското село Резала, во април 1999 година, со солзи го гледаа примопредавањето, а косовскиот премиер, Албин Курти, им се обрати со зборовите дека „никој не може да го разбере товарот на отсуството, што времето го додава на вашите рани“.

На 5 април 1999 година, српските сили влегоа во Резала, во општина Србица, и убија 98 албански цивили.

Еден ден потоа, тие се вратиле да ги земат телата, од кои голем дел префрлиле во масовни гробници кај Рашка, во обид да го прикријат злосторството.

Курти нагласи дека овој масакр е „една од работите што го докажува геноцидот на Србија во Косово“.

Масовната гробница во која беа пронајдени останките на жртвите, во рудникот Кижевак, беше откриена во ноември 2020 година, откако авиоснимки укажаа каде можеби се закопани телата.

Пронајдената масовна гробница во Кижевак е петта таква пронајдена во Србија, од крајот на војната во Косово пред 22 години. Таа е лоцирана недалеку од рудникот Рудница, каде во 2013 година беше пронајдена масовна гробница, од која беа ексхумирани останки на 52 лица, сите Албанци од Косово.

Во 2014 година, Хашкиот трибунал го осуди поранешниот висок функционер на српската полиција, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, меѓу другото и заради неговата улога во прикривањето на телата на убиените Албанци од Косово.

Повеќе од 900 тела се пронајдени во масовни гробници во Србија, но ниту еден српски суд досега не осуди никого за учество во прикривањето на злосторствата.

Досега се пронајдени и идентификувани околу 6.000 луѓе кои се воделе за исчезнати во војната во Косово. Но, сѐ уште се трага по околу 1.600 жртви, главно Албанци, но и Срби.

Претходно, Комисијата за исчезнати лица на Србија, објави дека минатиот петок, идентификувани посмртни останки на Срби, кои настрадале во конфликтот во Косово, се преземени на граничниот премин Мердаре.

„Посмртните останки на жртвите, во името на семејствата, ги презедоа претставниците на белградската делегација на Работната група за исчезнати лица, од приштинската делегација“, се вели во соопштението на Комисијата.