За демократијата и за другите заблуди

Демократијата е лош систем на управување, ама човекот не смислил ништо попаметно.

Оваа реченица, која наводно ја рекол Винстон Черчил, прва ми падна на памет кога разбрав дека во петокот бил Меѓународниот ден на демократијата.

Иако разно-разните „меѓународни денови“ често се објект на пополнување на медиумскиот простор, овој 15 септември, „одбележувањето на демократијата“ помалку или повеќе ги заобиколи македонските информативни средства. Индиферентноста на презентерите на јавниот интерес кон демократијата како општ, генерички поим може да се толкува на повеќе начини. Тоа, на пример, може да значи дека демократијата е во криза или дека постои дефицит на демократија, па како таква таа не е интересна или интригантна тема за консументите на медиумските содржини. Или, едноставно, може да биде само одраз на традиционалната новинарска аљкавост или непрофесионалност. А веќе е аксиом дека без професионални и кредибилни медиуми, демократија – нема.

Во секој случај, заклучокот е поразителен. Демократијата ја нема ниту во општеството, ниту во медиумите.

Ваквиот след на размислување нѐ доведува до круцијалните прашања: дали демократијата воопшто му е потребна на човекот? Дали луѓето воопшто сакаат демократија или не?

Прокламираната еднаквост е само апстрактна вера, некој вид олтар на кои сите се молиме и сите се убедуваме во нејзината апсолутна вистинитост

Иако на прв поглед прашањава изгледаат прилично реторички, тие всушност се суштински и клучни за разбирање на времето во кое живееме, па ако сакате и за разбирање на актуелните политички процеси кај нас и во светот. На пример, за разбирање на растежот на десниот популизам во општиот политички простор.

Но, што навистина е демократија, во политичкото значење на овој збор? Според Оксфордскиот речник, демократијата е „систем на владеење на сите луѓе, директно или преку претставници; општествена форма во која се игнорираат наследените класни разлики и се толерираат малцинските ставови.“

Според оваа дефиниција, а и според другите бројни дефиниции, може да се види дека демократијата во својата суштина е илузија, некој вид утопија за убедување на човекот дека неговото мислење, неговиот став и неговиот интерес се со иста тежина, односно рамноправни со ставовите и интересите на другите.

На пример, врз слични постулати се потпираше и комунистичката идеологија: секој според можностите, секому според потребите. Па, заврши така како што заврши, речиси како проскрибиран термин во глобалната политичка лингвистика. А во меѓувреме, токму под апстрактното уверување дека сите се исти, се изродија низа авторитарни режими.

Значи, прокламираната еднаквост е само апстрактна вера, некој вид олтар на кои сите се молиме и сите се убедуваме во нејзината апсолутна вистинитост. А, всушност, знаеме дека не сме исти. И тоа како знаеме дека не сме исти пред законот, на пример. Дека се врши скриена или нескриена дискриминација според класната, етничката, верската, родовата, па и расната припадност. Дека нашето влијание во сите системи, па и во политичкиот, и тоа како е детерминирано од нашиот социјален статус. И ние, сепак, избираме да веруваме во идеалната, апстрактна демократија на апстрактната еднаквост на апстрактната индивидуа.

Теориски, срцевината на демократијата е поединецот. Тој на избори се прашува кому ќе ја даде својата доверба да ја води државата, комуната, куќниот совет или што и да е, во негово име. Тој има свои претставници во власта.

Дали?

На пример, новоизбраниот претседател, во својот инаугуративен говор редовно потенцира дека ќе биде „претседател на сите граѓани“. А што ако јас не сум го гласал? Што ако јас немам доверба дека тој ќе може релевантно да ги претставува и моите интереси? Што ако јас не го сметам за мој претседател? Каде е тука мојата партиципација во владеењето?

Одговорот е едноставен. Никаде! Демократијата, едноставно, е хегемонија на мнозинството врз малцинството. Мнозинството, без оглед колку била тесна или широка неговата изборна победа, добива сѐ, ја добива власта, а малцинството не добива ништо.

Почитувањето на малцинските ставови, особено во мултикултурни општества, какво што е и македонското, најчесто се презентира преку вклучувањето на етничките заедници во различни степени на власта. А тие се редовно застапувани од политички партии со национален предзнак. И сите тие партии тврдат дека ќе ги застапуваат нивните национални интереси.

Како божем човекот да е соголен само на неговиот национален идентитет. Како да нема некои други интереси. Како да не го живее животот како хомо сапиенс, туку само како етнички објект. Та, не се иселуваат од државата и регионот луѓе со национални предзнаци, туку – луѓе, во општата смисла на зборот.

Демократијата е, ако смеам да го парафразирам Његош, чудно овоштие, ти го кршиш, а таа заби ти рони

Во таа смисла и „историските“ избори (а во Македонија сите избори се „историски“) не се сфаќаат како некаков демократски механизам за изразување на политичката волја, туку како некаков демократски карневал, некој вид прочистување во кое треба да се смени „злото“ со „доброто“. Некој вид холивудски филм каде што на крајот, по низа перипетии, добрите момци секогаш ќе ги победат лошите.

И кога ќе се случи промената на власта, симболично ќе ги запалиме куклите на ликовите што ја карактеризирале претходната власт.

И потоа… Потоа следи разочарувањето. Зар ова е тоа? Зар за ова гласавме? И тогаш мнозинството, како и малцинството, сфаќа дека во политичкиот простор, всушност, е – ништо! И така се доаѓа до таканаречената криза на демократијата, која првенствено се огледа во недовербата кон државните институции, во извесната апатичност при изборниот процес (сите се исти), во недовербата кон политичките партии итн.

Тука некаде се кријат и корените на исконската желба на општествата, какво што е македонското, на политичката сцена да се појави некоја „цврста рака“, „домаќин човек“, некој „месија“ што ќе ги заштити нив, обесправените, понижените и омразените од целиот божји свет. Оттука е и идолопоклонството кон „водачите“, љубовта кон Путин, Ердоган, Орбан, Вучиќ… Тие знаат како треба, тие не го виткаат ‘рбетот пред „диктатот“ на моќните… Оттука е идејата дека БРИКС е решение, а не ЕУ.

Демократијата е, ако смеам да го парафразирам Његош, чудно овоштие, ти го кршиш, а таа заби ти рони.

Ама подобар систем сѐ уште не сме измислиле.

И затоа, со мало задоцнување, им го честитам Меѓународниот ден на демократијата на сите што го слават.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија