Едвај чекам да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и да направи попис. Овие комуњариве еве со години се покажаа неспособни да спроведат една највообичаена статистичка операција и сакаат уште да останат на власт. Затоа, најенергично го поддржувам барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се спроведе попис.
Претпоставувам дека барањето е ултимативно. Односно, ако не се спроведе попис, тие во знак на револт веднаш ќе ја напуштат Владата и коалицијата со ДУИ.
Инаку, недостига само уште мал дел од операцијата, односно да се попише населението, затоа што стопанството е веќе попишано. Сте разменувале некогаш сликички? Знаете она кога овој што сака да се „мења“ со вас, ги врти неговите дупликати, а вие со пописот на оние што ви фалат в рака викате: „иам, иам, иам, неамтргнија, иам, иам, иам, иам, неам тргнија…“
Така отприлика се спроведе пописот во стопанството. И тоа со минимум човечки ресурси. Седнаа Сашо и Орце да го листаат адресарот со фирми и сѐ натаму ви е познато од детството и размената на сликички: „иам, иам, иам, неамтргнија, иам, иам, иам, иам, неамтргнија…“ Им фалеше од нафтениот бизнис една, успеаја да ја разменат. Но, оваа е за албумот на синот. За албумот на таткото сѐ уште се прават обиди да се стаса до кецот, онаа со амблемот… жолто-син.
Јас не само што верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ако еднаш дојде на власт, меѓу првите работи што ќе ги направи е спроведувањето попис, туку сум убеден дека ќе успее тоа да го постигне и претходно, пред да дојде на власт. Зошто сум толку голем оптимист? Затоа што имам информации од прва рака. Од Малта.
Седнаа Сашо и Орце да го листаат адресарот со фирми и сѐ натаму ви е познато од детството и размената на сликички: „иам, иам, иам, неамтргнија, иам, иам, иам, иам, неам тргнија…“
Сто пати се покаја Емил што го внесе Грујо на Малта. Како што јавноста е веќе запознаена, Димитриев во својство на „секретар партије и премијер државе“ учествуваше на самитот на ЕПП (порано кратенка за економско пропагандна програма, денес за европските народни партии). Исто така е познато дека пред влезот на хотелот, Емил го пречека еден познат лик од татковината, кој му се прикраде со стара финта што сите сме ја користеле за да влеземе на стадион без карта: Чичко, може со тебе да влезам?
Го внесе Емил во хотелот некако, ама го немаше ни на листата за соби, па мораше да му обезбеди и сместување. И така почна хоророт за Емил. Попис, па попис. Го удави Груевски со пописот, додека овој конечно не им подлегна на притисоците.
Но, не требаше само Димитриев да се убеди за пописот. Мораше да се излобира и кај странците.
Се лажат сите што мислат дека Груевски е растрчан по светот со куферчето пари за да бара и да лобира фамилијарна амнестија. Тој никогаш не бил против криминалците да одговараат, па макар тоа бил и самиот. Нели и на интервјуа во повеќе наврати си го нарача сопственото апсење. Не, тој беше таму да лобира за наше добро, за да се направи попис во државава.
Курир и останатиот тврдокорен македонски медиумски хор објави едночудо средби на Груевски во фоајето на хотелот со разни претставници од европската десница, вклучително и со италијанскиот егзибиционист и исто така обвинет поранешен премиер Силвио Берлускони. Добро, освен со Берлускони, со кого разменија искуства за „бум-бум“ забавите на Силвио и „бум-бум“ забавите на Халкидики, со сите други се разговараше за пописот.
Притоа, поранешниот премиер примени тактика која на север од нас е позната под името „сачекуша“. Односно, Груевски незабележан седеше крај шанкот и внимателно следеше ситуација. А забележеше некој да остане сам во фоајето, Груевски, онака фраерски со пијачка во рацете, божем спонтано ќе се приближеше до жртвата. И почнуваше спонтан разговор.
Груевски: Имате ли десет минути да поразговараме за пописот во Македонија?
Жртвата (откако ќе ѝ се истуреше кафето, онака стаписана од ненадејниот директен пристап на Никола): Молам?
Потем следуваа бескрајни обиди да избега од темата со неврзан муабет од типот: Да, да, сум чул за Вас, како сте во Македонија, како е Никола, а вие сте Никола, и слични фори, се само колку да се избегне темата „попис“.
– Но, господине, знаете ли колку ни важен пописот за граѓаните на Македонија, за економијата во Македонија. Ни измислија секакви глупости, бомби, криминал, добро нешто малку криминал може и е направен, ама па во вашата земја како ич да нема криминал, па политичка криза ни направија, предвремени избори, сега сакаат да ни конституираат собрание и институции на државата, сѐ се прави само колку да не спроведеме попис.
Дотуркана до ѕид со аргументи, жртвата мора да се вади со глупави изговори, де во соба заборавила нешто, де ќе одела по телефонот – ѝ бил на полнач, па сѐ до најбизарните ситуации, ќе одела божем до тоалет и потоа со саати не излегувала од таму. Демек ние нафта пиеме, па не знаеме дека, фатени во небрано, се кријат од попис во Македонија.
Читам денес во Македонија, некои таканаречени медиуми, се занимаваат со телефонската сметка на поранешниот премиер. Потрошил за роаминг 184.000 денари. Тоа можат да го коментираат само луѓе што никогаш не лобирале за попис. Што се три илјади евра за телефон во споредба со милионите што ги губиме со тоа што не се прави попис? Или со милионите што веќе ги потрошивме на попис што не се спроведе? До три илјади евра ви дошло, ситни души предавнички!
Што се три илјади евра за телефон во споредба со милионите што ги губиме со тоа што не се прави попис? Или со милионите што веќе ги потрошивме на попис што не се спроведе? До три илјади евра ви дошло, ситни души предавнички!
Сте помислиле ли колкава ќе беше сметката ако не дојдеше мама со него? Или сте слепи за овие жртви на Никола. Треба ли поранешниот премиер да се јави во партија да праша до каде е Илија Димовски со самореплицирањето и дали навреме ја зема терапијата? Треба ли да праша дали коалицијата со ДУИ функционира како што треба или ќе мора да излегуваат од влада? Треба ли да се чуе со Муса за да праша што има ново со платформата и дали се премислиле за коалиција „победник со победник“? Треба ли да провери со „еднооките“ колку милиони протестираат на улица? Од џеб ли да ги плаќа сите овие разговори што ги прави за добробит на Македонија и на македонскиот народ како носител на суверенитетот на самата Македонија?
На крајот од краиштата, не врти само тој, и нему му вртат. А кога си во странство плаќаш и кога тебе ти вртат. Тој амбасадорот на Македонија во Турција сто пати му се јави да праша дали е правилно поставен на пистата во Истанбул, да не пречека по грешка некој друг лидер на партија, наместо сопствениот. Па, потоа таму во Малта го утепаа од барање роднини и пријатели.
Хорхе сакал магнет за фрижидер, едниот внук си купил бензински пумпи па да се пофали, па пак Хорхе магнетот да бил со малтешки витез, зашто носеле шлемови исти како фалангата на Александар Македонски, па Иво Котески да каже дека идиоти (м.з. новинари) пак го прашувале недоговорени прашања, па Латас да се жали дека СЈО им ги извадило гаќите од пештерата, па… А бе, крај нема. На сето тоа треба да се одговори, а притоа да не се изгуби фокусот од примарната цел за којашто појде на Малта: Да има попис во Македонија!
И капак на сѐ, Антонио го бара и прашува што да ставеле во Манифестот.
– Па добро бе, идиоти едни, зошто сум јас овде! Попис да ставите, како што да ставите!?
– Да, но како да ја формилираме…
– Вака да ја формулирате: Попис, дата, вода пијам.
– Да, но сета вода на Ѕингота му ја дадовме под концесија.
– Е па пишете нафта тогаш, пичка му мајчина, ене ја Меркел сама е на маса, морам да одам, инаку тикви попис во Македонија.
Значи, бидете спокојни. Попис во Македонија ќе има! Ако не оваа деценија, тогаш следната. Односно, веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.
П.С. Само читател-идиот и ѓубре расипано може да го чита текстов со замена на зборовите попис и амнестија. Но, тоа не си ти, се разбира, зашто Ти си Македонија!