Во последниве неколку дена, во медиумите и по социјалните мрежи се крена, би рекле, голема расправа по повод објавувањето на, ајде веднаш да кажеме, гротескното образложение на пресудата во случајот „Анѓушев против ИРЛ“, што претходно ја донесе Граѓанскиот суд. Интересно е дека кога своевремено се објави самата пресуда, таа ни приближно не предизвика толку жестоки реакции (иако и тогаш имаше сериозни основи за тоа), како што тоа го направи писменото образложение на истата пресуда.
Со оглед на фактот дека во оваа дебата учествуваа и учествуваат многу мои колеги, новинари, потоа еснафски здруженија, стручњаци за јавно мислење, јавни личности, а и други заинтересирани… го прифаќам ризикот дека многу од моите тези по ова прашање ќе бидат повторени од оние што веќе го рекле она што и јас сум го заклучил по повод овој случај.
Оправдувањето ми е токму во, најблаго речено, проблематичноста на пресудата, пред која човек не може да остане нем. Особено не, ако во новинарската професија се движи успешно, помалку успешно или неуспешно повеќе од четири децении, колку што е и моето новинарско искуство.
Токму повикувајќи се на моето искуство од околу две децении новинарска работа во „едноумието“ и нешто повеќе во „плурализмот“, можам речиси со стопроцентна сигурност да кажам дека не можам да се сетам на ваква гротескност во некоја пресуда против јавното информирање, односно против јавниот интерес, да не кажам против основните демократски претпоставки на едно општество.
Во времето на благопочившата СФРЈ, студентите по новинарство (меѓу кои бев и јас) мораа речиси напамет да го знаат тогашниот (сојузен) Закон за јавно информирање. Првиот член на тој закон од „едноумието“ отприлика гласеше: „Секој човек има право да информира и да биде информиран“. Тоа, впрочем, беше и уставна категорија во тогашниот Устав на СФРЈ.
По падот на еднопартискиот систем и воведувањето на плурализмот беше проценето дека нема потреба од закон за јавно информирање. И тоа токму во насока на демократизацијата. Имено, нема никаква потреба државата да го регулира информирањето преку посебен закон (медиумите за кои постојат законски рамки, се само дел од системот на јавно информирање) и дека на тој начин ќе се обезбеди поголема слобода на говорот.
Во Македонија, информирањето е уставна категорија. Во членот 16, во еден став се вели: „Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.“ Во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, која, колку што знам е ратификувана во Македонија, се вели: „Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на поседување сопствено мислење, примање и соопштување информации и идеи без мешање на јавните власти и без оглед на државните граници.“
Целиот овој долг и веројатно здодевен вовед со цитати, повеќе или помалку познати на македонската јавност, е неопходен за да се сфати целата скандалозност на констатацијата во образложението дека „ИРЛ нема својство на медиум“ дека „членовите на истото немаат својство на новинари“, дека не смеат да објавуваат новинарски обликувани емисии, ниту, пак, да се претставуваат како новинари, ниту да се „бават со жанрот истражувачко новинарство“.
Јас навистина не знам и поради кои мотиви е донесена ваква судска одлука што нѐ вбројува во општествените системи од кои наводно сакаме да избегаме, ама секако сум убеден дека таа скапо ќе нѐ чини
Нема да навлегувам во мотивите и интенциите на судијката Јованка Спировска Панева да прогласува и промовира кои се новинари, а кои не се и кои имаат право, а кој немаат право да се занимаваат со „истражувачко новинарство“, ама ќе се задржам на нејзиното толкување дека само медиуми можат да објавуваат „новинарски производ“.
Како прво, што е медиум? Дали е медиум оној што привикува духови, на пример? Дали е медиум преносник на струја? Дали е медиум водената пареа во парните локомотиви? Во ред, судијката очигледно мисли на медиумите за информирање, па ќе се обидеме и тука да поставиме две-три реторички прашања: Дали телефонот е медиум? Дали писмото е медиум? Дали јазикот како таков е медиум? Па, се разбира дека се медиуми.
Освен ИРЛ, која е Здружение на граѓани! Кое, нели, не е медиум и не смее да пренесува информации.
Јасно е дека судијката се повикува на Законот за медиуми, кој, пак, не ги препознава интернет-порталите како медиуми. Токму затоа речиси сите македонски портали се регистрирани како здруженија на граѓани. Зошто не ги препознава? Затоа што интернет-просторот не е државен посед или национално богатство (како што се тоа етерот, водите, небото… – затоа законски се регулираат телевизиите, радијата, управувањето со води, контролата на прелетите итн.), за да може државата да го регулира тој простор. Законодавецот, сепак, нашол решение порталите да ги стави во нашиот правен систем, токму преку формулата „здружение на граѓани“, што никако не значи дека тие не смеат да се занимаваат со информативна дејност. Напротив. Интернетот сам по себе не е ништо друго, туку – медиум. И тоа, внимавајте, медиум за пренесување информации во пишан, аудио или видеооблик, односно запис. Јас лично верувам дека и конкретната судијка главно ги задоволува своите информативни потреби токму преку интернетот.
Од друга страна, спорната видеоемисија „Редакција“, поточно епизодата „Заговор против воздухот“ е емитувана на Македонската телевизија. Претпоставувам дека медиумскиот статус на Јавниот сервис не е спорен ниту за судијката Спировска Панева. Ако е така, тогаш бујрум, според позитивните законски акти треба да се казни и оној што ги објавува „клеветите“ и „навредите“. Во случајов и емисиите што „немаат својство на новинарски производ“.
Судијката вели дека во овој случај му дала предност на приватното право наспроти правото на слободата на говорот! Не станува тука збор дури ни за слободата на говорот, туку за јавниот интерес. Никој не му влезе на Кочо Анѓушев во спалната соба, ниту, пак, некои папараци го снимаа или фотографираа во некакви компромитирачки пози. Тука станува збор за загаден воздух, за здравствен, а првенствено за општествен проблем.
Нема тука да наведувам што во случајов би било приватно право или приватен интерес. За разлика од судијката, јас верувам во интелигенцијата на читателот на овој текст. Како што верувам и во интелигенцијата на оние што ја виделе спорната емисија. Нека пресудат сами за што се работи. Без судии и судијки.
Јас навистина не знам и не можам да знам поради кои мотиви е донесена ваква судска одлука што нѐ вбројува во општествените системи од кои наводно сакаме да избегаме, ама секако сум убеден дека таа скапо ќе нѐ чини, првенствено во напорите за европски интегрирања, а уште повеќе во демократизацијата на општеството. Не знам дали сме подготвени да ја платиме таа цена.
Еве, на крајот и ќе се сложам со судијката. ИРЛ не е медиум и нејзините членови не се новинари, ама на македонското новинарство и на Македонија како држава ѝ недостасуваат уште многу, баш многу ИРЛ-а и такви не-новинари
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија