Насловот е позајмен од eден сегмент во пристапната беседа на Горан Стефановски во МАНУ, (17 декември 2004 година), во која тој направи симболичен рекапитулар на она што сме го постигнале во изминатите децении. Од неговиот „попис“ до денес поминаа 14 години. Кога би го употребувале оној застарен попишувачки речник, кој преброените парчиња од разни нешта во графите ги заведува со кратенка од српското „ком“ (комада два, комада три…) тогаш, по прашањето на државата Македонија, во графата може јасно да запишеме „комада – један“. Цела е, не е поделена, не е продадена, разменета, окупирана или избришана, како што некои заговорнички ѝ предвидуваа, гледајќи во црниот филџански талог подметнат од разни регионални мешетари.
Па, и ако направиме споредба меѓу тогашните наоди на Горан со овие денес, може да констатираме дека состојбата на попишаното „целосно се совпаѓа“.
„Ние сме во свесен и несвесен раскол со светот, но и со себе самите и внатре меѓу нас. Во беспоштедна борба, нетрпеливост, отровна пизма, мерење сѐ низ двојни аршини (…) Страста што ја имаме е и храна и отров, може да ни го стопли домот и да ни ја запали куќата, погонско гориво и за љубов и омраза“, констатираше Горан пред 14 години.
Денес би рекле – исто стање, ист број комада: 2 милиона, мање више…
Дијагнозата со години ја знаеме, лекот исто така, но дали сме подготвени да го примениме? Или можеби е тешко да ја определиме вистинската доза?
За волја на вистината, од 2015 година до денес, како на филмска лента се променија многу нешта, можеби многу побргу и од сето она во претходните две децении. Но, она што остана „константа“ е претходно посоченото: поделби, кавги, клетви, омраза… Македонија е предозирана од тоа. Дојдено е до оџакот. Не може да го апсорбира сиот чемер што се излева по улиците. Не постои шахта, не постои цевка со такво „фи“ што би можела да прифати толкаво количество отпадни води токсично загадени од нашето тензично секојдневие.
Дијагнозата со години ја знаеме, лекот исто така, но дали сме подготвени да го примениме? Или можеби е тешко да ја определиме вистинската доза? Пред таков предизвик е собраниското координативно тело за помирување. Во јавноста се создаде вистинска мешаница околу неговата мисија. Како мирудии во познатата „македонска салата“, таму е измешано сѐ: и помирување, и простување и делумна амнестија, и реформи, и поддршка на интеграциите. Сѐ е на куп. Црешите на врвот од купот – се деталите во кои се крие ѓаволот.
Велат дека денеска се договориле за принципите. Но, за да успее процесот, а треба да успее, неопходни се минимум чесност и транспарентност. Тој процес не смее да зависи од податокот дали Мијалков е во затворски притвор, домашен притвор или само со одземен пасош. Ако зависи од тоа, киднапиран ќе биде и целиот процес на помирување и уставни измени. Ако зависи од тоа, опасно се согласуваме пристапот до правдата да стане заложник на обидот истата таа правда да се избегне преку политичка факторизација на некого за нешто. Дотолку пострашно, ако уставните измени, а со тоа и македонските итеграциски перспективи, навистина зависат од тоа дали некое обвинето лице ќе повлече или ќе остави „своја“ парламентарна фигура на шаховската табла на македонската политика. Ако навистина зависи од тоа, подобро и да не постојат такви „перспективи“. Бидејќи секогаш ќе го носат жигот на антиперспективата во нашиот државен фундамент. Ако пратениците не влезат во процесот искрено и без калкулации, постигнатиот „успех“, кога-тогаш ќе ги покаже дефектите, во некоја следна фаза. И затоа сега мора јавно да се расчистат маглите и дилемите, а не да одиме во нова иднина потпирајќи се на она што Горан го нарекувa жив принцип на парадоксалноста: антилогика, слобода на глупоста, oбратност на перспективата…
Ако сакаме помирување, тоа треба да се случи безусловно. Ако се залагаме за амнестија на оние кои на 27 април не учествувале во никакво насилство, правната селекција за тој чин треба да ја направи судот врз основа на доказите, кои може да водат кон преквалификација на делото или други потези. Да, парламентот може да декларира волја, но подобро е тој чин да помине низ коридорите и механизмите на правдата.
Ако пратениците не влезат во процесот искрено и без калкулации, постигнатиот „успех“ кога-тогаш ќе ги покаже дефектите, во некоја следна фаза.
И ако има макар и минимум шанса општеството за заживее без плуканици и тешки зборови, таа треба да се искористи, преку правно втемелени мерки за поддршка и подготовка за таа цел. Дури и кога станува збор за компромис, мерката не смее да биде изгубена.
„Во политиката, како и во бизнисот, не го добиваш она што сметаш дека си го заслужил, туку она што ќе успееш да го избориш, да го испазариш, да го договориш. Демократијата е постојано и стрпливо пазарење со оние кои не мислат исто како тебе, со оние со кои си објективно спротивставен. Демократијата е преговарање, приспособување, компромис. Нешто кое му е туѓо на чаршискиот, инаетчиски, тврдоглав и фиксиран поглед на свет“, беседеше Горан.
Овде компромисот сѐ уште се сфаќа исклучиво како предавство. Факт е дека не сме го стигнале соодветниот степен на еманципација, во која подготвено ќе се ставиме во позиција на другиот, за да можеме да го разбереме. Факт е дека поради тоа во овој процес никој нема да помине без да плати политичка цена, поголема или помала. Факт е дека досегашната поларизација и на ова прашање ќе ги покаже истите заби, со кои и до вчера го гризеше просторот кој можеше да се претвори во заеднички содржател или именител на минимум конзензус. Но, главното прашање е: во која мера креаторите на процесот и во такви услови ќе успеат да ги задржат клучните коти на еден нужен дигнитет и интегритет? Знам, оправдано ќе се прашаме: Зар владеењето на правото е помалку стратегиски интерес од ЕУ и од НАТО, односно conditio sine qua non токму за членството во нив? На тоа мислам кога велам дека треба се најде формула нашето општествено помирување да се реализира, но да не заличи на панаѓур, во кој оние што до вчера беа на различни страни на плотот, сега ќе глумат рамена на прегратки, но за да го одвлечат вниманието од грабежите на државната кочија и нивното процесуирање. Едноставно кажано, како тешката кнедла да не се претвори во повеќе кнедли? Како при „исправање“ на некои состојби да не искривиме други, да не искреираме нов потежок проблем кој ќе нѐ врати во претходната „агрегатна“ состојба?
Тоа се дилемите и бараат темелно осмислени чекори и јавни одговори. Како што вели Горан, нашата победа не смее да биде во нашиот пораз.
Ова е исклучително важно. Не само поради претходните дилеми, туку и поради она што деновиве се слуша од опозициските кругови: дека нашиот најпознат азилант во Европа е во интензивна комуникација со своите партиски колеги. Да не излезе по вторпат да бидеме изненадени. Да не излезе дека одредени решенија ги креира и ги подметнува некој од Будимпешта. Доволно поразително ќе биде дури и ако само се обидел.