Историскиот ден во ЕУ, навистина, ќе биде историски: Унијата донесе одлука да почне пристапни преговори со Украина и со Молдавија, ама без да ги антиципира штетите поради децениската стагнација на земји од Западен Балкан на европскиот пат.
Украина со право може да биде горда. Во војна, во екот на руската агресија, успеа во она што на дел од земјите од Западен Балкан не им успеа во мир. До пред два дена, како неверојатна изгледаше анализата во реномиран украински медиум, кој повикувајќи се на дипломатски извор во ЕК, речиси го скицираше исходот на вчерашната дебата.
Во неа беа нотирани и напори, преговарачките рамки и процедурите за Украина и Молдавија да бидат различни и поедноставни, со што членството ќе стане полесно отколку за балканските земји, но и дека ќе биде интригантно како тоа ќе се одрази на некои веќе почнати преговори во Западен Балкан.
Не е интригантно. Напротив. Извесно е дека исходот од овој самит нема да го охрабри регионот, но ќе ги засили апетитите на тие што имаат интерес тој никогаш да не се интегрира во ЕУ. Вчерашната средба на врвот на ЕУ и де јуре го завери „пророштвото“ на албанскиот премиер Еди Рама, кога низ „шега“ го илустрираше политичкиот реализам на ЕУ, на панел на Бледскиот форум во август годинава.
„Кој кого треба да нападне на овој панел, за да добие побрзо членство со Украина? Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија без сомнение, Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија лесно може да го нападне Косово, Босна и Херцеговина може да се нападне самата себе, нема проблем. Ако ги замолиме Грците да ни направат услуга, би нѐ нападнале со задоволство. Црна Гора може да се преправа дека е мртва на плажа. На овој начин може да бидеме подготвени да се приклучиме на возот со Украина“, порача Рама.
Извесно е дека исходот од овој самит нема да го охрабри регионот, но ќе ги засили апетитите на тие што имаат интерес тој никогаш да не се интегрира во ЕУ
Бидејќи нападот не мора секогаш да биде со огнено оружје, денес во тоа набројување има од сѐ по малку. Одлуката на ЕУ за Украина го фрли во вода фетишизирањето на некои билатерални пречки, како што уставните измени беа и останаа издигнати во камен на сопнување за Македонија. Се покажа дека кога има политичка волја, не постојат бариери. Дури и европскиот enfant terrible Виктор Орбан прифати да не употреби вето, туку доброволно да замине накратко од состанокот, за да им овозможи на неговите колеги да ја одобрат одлуката за Украина.
Очигледно, за Македонија никој не морал да излезе од состанокот. А и зошто би излегол? За разлика од реалната војна во Украина и нејзините жртви за одбрана на земјата, но и за европските вредности, нашите мирнодопски битки и жртви за тие вредности не беа соодветно валоризирани.
Македонија ја прифати привремената референца БЈРМ, го смени знамето, го смени името, беше посочувана како исклучителен пример за решавање на повеќедеценискиот билатерален спор. По сето тоа и со кандидатски статус од 2005 година беше „наградена“ со вето поместено во преговарачката рамка: земјата да може да ја комплетира фазата на отворените пристапни преговори – само откако ќе направи уставни измени.
Последново, колку што сведочи за „немањето исав“ кон земји чија конструктивност се чита како слабост и отвореност за нови условувања, толку сведочи и за дебакл на дипломатијата, во чија снисходливост и желба да се допадне во центрите на одлучување со неселективна „јес политика“, интересите на државата ги сведе на „дај што ќе дадеш“.
Оттука, воопшто не е случајно што во европскиот речник доминираше терминот „зделка“ (најдобра зделка што може да ја добиете). ЕУ не е виновна што таква зделка била прифатена од наша страна и што никој од власта не се осмелил да каже „не“.
Земјата што го спаси ОБСЕ, што се промовира како центар за дијалог во кој се бараат решенија и за билатерални спорови меѓу соседите во регионот, не успеа да ја спаси единствено својата Преговарачка рамка од монтирање услов во фазата на отворање на пристапниот процес, ниту да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка за уставни измени, бидејќи такво мнозинство, ниту беше градено, ниту беше информирано, ниту консултирано „кога се калеше челикот“.
Ние имаме политичари што бараат мнозинство за уставни измени, а не можат да обезбедат мнозинство ни за да сменат закони и да ги скратат платите зголемени за 78 отсто
Па, денес, некои од дипломатите и со право може да речат – вашите нѐ убедуваа дека предлогот ќе помине. Или да потшепнат дека не им е јасно врз основа на што било изградено, лиферувано и одржувано таквото уверување од лани досега.
Но, работите се многу поприземни, за жал. Ние имаме политичари што бараат мнозинство за уставни измени, а не можат да обезбедат мнозинство ни за да сменат закони и да ги скратат платите зголемени за 78 отсто.
Тој манипулативен манир, во пакет со постојани поделби на „про“ и „антиевропејци“, не ѝ помага на Македонија, туку дополнително ѝ ја еродира позицијата, и тоа во време на видлив национален егоизам во Европа, кога сите си ги гледаат само своите интереси – кој за Шенген, кој за европски пари, далеку од наративите за солидарност и заедништво.
Орбан, на пример, за унгарското државно радио изјавил дека требало да го блокира пакетот финансиска поддршка за Украина, за да биде сигурен дека Унгарија ќе ги добие сите средства од буџетот на ЕУ определени за земјата, а не само половина или четвртина од нив.
Зар условувањето на поддршката на Украина со вето е европско однесување? Не е. Она што во моментов вистински воодушевува е атмосферата во Украина, каде што покрај сите Танталови маки владее силен поттик за реформи, елан, енергија, сон…
Тоа е сѐ што немаме ние. Во нашиот стабилократен мир, изморен од услови и ветувања, но и лишен од кредибилни реформи, овој „резултат“ ќе биде користен за изборни потреби, нови поделби и за критики, од сите страни на политичкиот спектар.
Патот кон ЕУ – гледан низ аспект на реформи нема да го видиме, бидејќи и во следните месеци сите патишта ќе водат само кон избори. Како и досега.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија