Збогум, ЕУ!

Да биде јасно уште на самиот почеток: насловот на овој текст не се однесува на некакви апокалиптични сценарија за наводното самораспаѓање на Европската Унија (наративи главно проширувани од руската пропагандна машинерија), иако за (не)функционалноста на ЕУ и тоа како може да се дискутира.

Значи, овој текст се однесува на откажувањето на Македонија од својата наводна стратешка цел – влегувањето во Европската Унија.

Наспроти сите оние прокламативни изјави дека „Европската Унија нема алтернатива“ и дека „цврсто стоиме на европскиот пат“, сведоци сме на упорното кочење на тој европски пат токму од овдешните политички елити, чии ега, очигледно, се простираат многу подалеку од реалното значење на нашата држава во европските, па и во регионалните рамки.

Додека, од друга страна, количеството на нивното познавање на меѓународните односи е токму обратнопропорционално од нивните надуени величини.

Комплекс на виша вредност

Со еден збор кажано, да, ние сме за ЕУ, но само ако Унијата се прилагоди на Македонија, а не обратно. И ова треба отворено да се каже, овој со ништо непоткрепен комплекс на виша вредност, најчесто и најмногу и најдрастично се манифестира во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Да се потсетиме, од пред две децении, од времето на владата на Владо Бучковски, сега веќе во далечната 2005 година, кога на 17 декември, Европскиот совет официјално го потврди статусот на Македонија како земја – кандидат на членство во ЕУ, Македонија едвај да мрдна половина чекор на тој пат.

Тогаш, ирскиот дипломат Ерван Фуере, во тоа време шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија, му подари на Бучковски виски од ирскиот бренд „Џејмисон“, со што „Џејмисон“ практично стана македонски национален пијалак од овој вид, далеку потиснувајќи ги дотогаш доминантните шкотски марки „Балантајн“ и „Џони Вокер.“ А тогашниот премиер рече дека во Македонија доаѓа времето на оптимизмот. И, секако, дека цврсто стоиме на европскиот пат.

Имаше јасни знаци дека Македонија не е заинтересирана за континентот на кој се наоѓа, туку своето место си го наоѓа во некои далечни и егзотични краишта, каде што корупцијата и криминалот се начин на живеење

За разлика од кусото траење на оваа еуфорија, европската агонија потоа траеше долго. Неговиот наследник, сега бегалец од правдата, Никола Груевски, по принципот „ми се може“, ја спроведе таканаречената „антиквизација“ на Македонија, форсирајќи тука некои чудни ликови од племето Хунзи од Индокина, како наши сонародници или некои мегакриминалци од Индија, од типот на Субрата Рој, кои беа буквално пречекувани како кралеви.

Сето тоа беа јасни знаци дека Македонија не е заинтересирана за континентот на кој се наоѓа, туку своето место си го наоѓа во некои далечни и егзотични краишта, каде што корупцијата и криминалот се начин на живеење. Токму како кај нас.

Некакво приближување кон Европа се случи со прагматичната политика на Зоран Заев и прагматичното сфаќање дека терањето инает со оние што ги диктираат правилата, не само што не носи резултати, туку ја турка земјата во целосна изолација. Оваа политика, првенствено олицетворена во Преспанскиот договор, но и во Договорот за добрососедство со Бугарија, резултираше со прием на Македонија во НАТО, но и со условеното отворање на преговарачкиот процес.

И, секако, со окитување на Заев со етикетата на „најголемиот предавник на македонскиот народ и македонската држава.“

И – потоа повторно доаѓа ВМРО-ДПМНЕ на власт и повторно Македонија ѝ поставува некакви услови на ЕУ, ако сака да нѐ има во своите редови. Ту некакви гаранции за идентитетот, јазикот и не знам што друго, ту гаранции дека можеме да правиме што сакаме и дека тоа нема да бидат причини ЕУ да нè блокира, ту ќе го ставиме бугарското малцинство во Уставот на крајот на преговарачкиот процес, ту не знам веќе какви сѐ услови ЕУ ќе треба да исполни за да се одоброволиме и да влеземе во овој сојуз.

Не можам да кажам дека сме премногу изненадени што ЕУ не е баш испотресена од нашите желби и соништа. Напротив. Тоа е мотив повеќе да ја замразиме оваа „курва вавилонска“ и да продолжиме со нашето жалење над „клетата судбина“ и „неправдата“ што „вековно“ се прави врз нас.

На пример, само врз нас се истеруваат принципи, а другите држави влегуваат во ЕУ како низ широко сито. И така ќе ламентираме дека, ако има правда, Бугарија и Романија, па дури и Унгарија и Словачка, никогаш не би требало да влезат во ЕУ, а ние, ете, како „библиска земја“ им пречиме на „големите.“

Желбата да преговараме онаму каде што не можеме да преговараме има своја цена. А цената да не преговараме онаму каде што можеме да преговараме е уште повисока. Едноставно е, ако не си крај масата на која се разговара, тогаш си на масата како предмет на разговор. Мислам дека тоа Црна Гора и Албанија, и тоа како го сфатија и сега се таму каде што се.

Слепо црево

А ние сме и ќе останеме слепото црево на Европа. Некоја територија што нема никакво значење и за која ќе нема никој интерес. Ако не сте знаеле, ЕУ е поврзана преку „Синиот коридор“, односно јадранско-јонскиот автопат (Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Грција), но и преку Виа Карпатија (Литванија, Полска, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Грција).

Ако не забележавте, ние и Србија сме целосно изолирани од европската патна инфраструктура.

Ако е некаква утеха, белки децата ќе прекинат да учат на своите часови по историја дека сме крстосница меѓу истокот и западот и дека оној што го контролира Страцин, може да ја контролира цела Европа.

И, конечно, доаѓаме до суштинскиот повод за овој текст (секако не причината): ентузијастички егзалтираната поддршка на акцијата на САД во Венецуела и апсењето на Мадуро од страна на нашиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, а потоа и од премиерот Христијан Мицкоски. Поддршка, која, и покрај релативно благата реакција на Европската Унија, може да се толкува (а и така се толкува) како дисонантен став од организацијата „која нема алтернатива.“

Едноставно е, ако не си крај масата на која се разговара, тогаш си на масата како предмет на разговор. Мислам дека тоа Црна Гора и Албанија, и тоа како го сфатија и сега се таму каде што се

Всушност, мислам дека овој чекор ја закова последната шајка на погребниот сандак на нашиот влез во ЕУ.

За разлика од нас, кои безрезервно го поддржуваме американскиот претседател Доналд Трамп, ЕУ, сепак, покажува одредена доза воздржаност, покажувајќи загриженост за почитувањето на меѓународното право. Ние, се разбира, не се грижиме за меѓународното право.

Премиерот Мицкоски не сака да го коментира тоа прашање, ама затоа буквално ќе каже дека него најмногу го загрижува „громогласната тишина“ на европските и на светските земји „кога меѓународното право се кршеше врз грбот на македонските граѓани.

Како тогаш сите тие оглувеа и никој не го коментираше сето тоа.“ Првенствено, се разбира, се мисли на промената на уставното име на државата. Но, сепак, премиерот Мицкоски, намерно или случајно, заборава да каже дека меѓу тие „светски“ земји што се истакнаа во „громогласната тишина“ беа и САД. И тоа во времето на првиот мандат на претседателот Трамп.

Оваа македонска државна реакција не води сметка барем за два фактори. Прво, еден од условите за влез во ЕУ е (и) усогласување со европската надворешна политика и, второ (и поважно) дека САД уште на почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп не се сојузник на Европа, или барем не се сојузник од доверба.

Банално, па и патетично ми е тука да зборувам што значи инсистирањето да влеземе во „периметарот на Трамп“ или дури и тврдењето дека веќе сме влегле таму (што и да значи тоа). За потсетување, САД веќе неколку месеци немаат амбасадор во Македонија.

Најголемиот дел од програмите за покажување на таканаречената „тивка моќ“ на САД, односно за нивното пропагандно влијание врз земјата (и земјите) се укинати.

Интересно ми е тоa инсистирање на „периметарот на Трамп.“ Македонија не е во западната хемисфера, односно во доменот на интересите на Монроовата, сега веќе Донроовата доктрина (изведенка од Монро и Доналд). И навистина е фасцинантно како државите од таа хемисфера, односно од Латинска Америка живеат во страв токму поради нивниот ограничен суверенитет, кој зависи од „моралот и умот“ на американскиот претседател, а ние правиме сѐ да влеземе токму во таа зона на интерес. Вистинското прашање е зошто го правиме тоа?

Каде припаѓаме?

Вашингтон се наоѓа на некои 7.600 километри воздушна линија од Скопје. Кога во Скопје е 18 часот, таму е 12 напладне. Што имаме толку заедничко со „браќата Американци“? Омразата кон комунистите, мигрантите и поинаквите? Не. Американците, во глобала, не ја негуваат таа омраза. Ја негува нивниот естаблишмент. А и нашиот.

Она што треба да се знае е дека најголемиот економски партнер на Македонија е Европската Унија. Трговската размена со земјите на ЕУ во 2025 година изнесувала 13,8 милијарди евра. Дури 78 проценти од извозот, Македонија го реализира во земјите на ЕУ. Остатокот од извозот главно е во регионот, и тоа во земјите што се кандидатки за членки во ЕУ.

За споредба, трговската размена со САД е околу 290 милиони евра (со значаен дефицит), со Кина размената е 1,22 милијарди долари (со огромен дефицит), а со Русија едвај 142 милиони долари (повторно со дефицит).

Се проценува дека надвор од Македонија живеат меѓу 700 и 800 илјади македонски државјани. Од нив, во државите на ЕУ се над половина милион. Во САД и во Канада околу 200.000. За Русија, проценките не одат повеќе од две-три илјади луѓе, а во Кина се бројат десетици до (две-три) стотици луѓе.

Ова е важно поради девизните дознаки што нашите луѓе ги праќаат во матичната земја. Иако нивната цифра се намалува со годините, тие воопшто не се за потценување. За 2024 година се проценува дека преку девизни дознаки во државата се слеале 310 милиони евра. Близу два проценти од домашниот бруто производ. Од нив се речиси 200 милиони од земјите од ЕУ, а остатокот е од остатокот на светот.

Но, да не заморувам повеќе со цифри, ама, сепак, ЕУ е најголем донатор во Македонија, најголем инвеститор, најголем доверител на поволни кредити… Ама, ние сме во периметарот на Трамп.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија