Има една точка во јавната комуникација, која без исклучок ми алармира дека говорот, а и говорителот немаат апсолутно поим за прашањето за кое имаат став – а тоа е ламентот за „старите добри времиња“ или „старите изгубени вредности“. Тоа отсуство на аргумент, таа празнотија на тврдењето, комплетирана со самодоверба буквално заснована на ништо, најчесто ме доведува до тоа да го насочам вниманието кон некој друг предизвик.
Па, сепак, реториките за величественото минато, чие враќање е наводно нужно, толку се зачестени, што денес речиси да доминираат како колективно расположение и позиција. Оттука, игнорирањето е невозможно.
Лелеците по минатото и отсуството на визии, освен на оние свртени наназад, ги забележувам насекаде, од дебатни емисии, колумни, текстови, па сѐ до комуникацијата на социјалните мрежи. Во овој своевиден „бумерски хорор“ се заробени да живеат сите, и млади и стари.
Последен таков случај на кој наидов беше колумната на Јагнула Куновска со наслов „Љуљај Ѓуро дете“. Некаде на средината на прилично несериозната аргументација, авторката го внесува овој носталгичарски занос на тажење по времињата од нејзиното детство со следниов опис – „Тогаш немаше бездомници, незгрижени стари лица, напуштени и гладни деца, питачи… па дури ни сурија од кучиња скитници. Немаше кражби, иако куќите не ги заклучувавме ни дење, ни ноќе. Немаше измами, дрогирање, силувања, убиства, киднапирања… педофилија, педерастија… со еден збор – имавме бескрајно среќно детство!“
Во кое и да е минато, ако сериозно погледнеме, со сигурност ќе најдеме видливи траги на опресија, нееднаквост, сиромаштија, корупција и насилство
За почеток, не ми е јасно што бараат геј луѓето да бидат наброени меѓу силувања, убиства и киднапирања, но настрана оваа нелогичност, јас лично тврдам дека ТОГАШ имало „педери“. Сиромаштија, кражби, измами, убиства, киднапирања и други видови кривични дела апсолутно постоеле и кога Јагнула била дете, па и пред да биде родена. Силувања, исто така, имало, но тие, како и денес впрочем, често не се пријавуваат до надлежните институции.
Она што немало е сензационалистички медиумски наративи, чија цел се кликови што се добиваат најмногу кога се известува за криминал, особено ако тој криминал се претстави екстравагантно. Па така, кога Куновска заговара враќање во минатото, тоа може да биде многу нешта, но секако не може да биде сериозна политичка мисла или стратегија.
Овие барања на јавноста имаат своја рефлексија во политичката понуда, исто како што понудата ги обликува и политичките барања. Во политичките науки, овие реторики се класифицираат како популистички дискурси. Популистичките политичари насекаде низ светот го користат овој наратив, најавувајќи робусни проекти за враќање на изминатото „златно доба“ денес.
Од слоганите на Трамп за повторно враќање на величественоста на Америка, преку комеморативните симболични практики за воспевање на старата сила на Унгарија на партијата на Виктор Орбан, па сѐ до повиците за воскреснување на славното минато на Турција на Ердоган. Популистите мошне успешно ја инструментализираат носталгијата за да ја создадат срцевината на својата политичка стратегија, срцевина која не е ништо повеќе од една ретроспективно конструирана утопија заснована на напуштено, но очигледно сѐ уште живо минато.
Во ова „живо минато“ сме натиснати сите. Сите денес сме заробена публика на овој ретроспективен спектакл, чиј политички и културен ефект е едно големо ништо. Укотвени, лишени од мотив за поместувања, апатични и со украден потенцијал за соништа и проекции.
Така комплетно демотивирани, не ни останува ништо друго, освен да се јадеме меѓусебе на сметка на некаква можна колективна акција. Како и во секое популистичко општество, поделбата и поларизираноста е доведена до максимум.
Овие внатрешни расцепувања, видливи во јавната комуникација, деновиве се поврзани со иницијативите за унапредување на родовата еднаквост и отпорот кон нив, кој доаѓа од одредени верски лидери, како отец Јаков и владиката Петар, но и организации и групи што се дел од антиродовото движење во Македонија. Аргументирањето против родовата еднаквост е силно врамено во политиките на носталгијата.
Носталгијата повторно е сфатена како копнеж по некое златно доба на херојска доблест, морална кохерентност и етичка сигурност, односно копнеж по минатото претставено како период на апсолутна благосостојба на луѓето. Или со зборовите на некои од гласноговорниците против законот за родова еднаквост: копнеж по времето кога жените наводно беа почитувани мајки, сопруги и домаќинки и кога семејството и домаќинството наводно беше безбеден и плоден простор и заедница за своите членови.
Оваа политичка сегашност, не само што не го бара од нас напорот да ја замислуваме и градиме најдобрата можна иднина, туку тоа и ни го забранува
Се разбира дека е ова шарена лага. Во кое и да е минато, ако сериозно погледнеме, со сигурност ќе најдеме видливи траги на опресија, нееднаквост, сиромаштија, корупција и насилство. Со други зборови, минатото не е ниту блескаво, ниту монструозно, односно е и едното и другото, во зависност во која сфера се гледа.
Актуелното минато, некогаш било сегашност, која исто е вреднувана како поразителна во споредба со нечие друго минато. Овие временски вратоломии немаат никаква доблесна примена, освен како политички практики на манипулација.
Приклештени во феноменот што Бауман го нарекува ретротопија, односно политички визии лоцирани во изгубеното/украденото/напуштеното, но живо минато, наместо во сè уште неостварената и толку непостоечка и непредвидлива иднина, ние, всушност, патиме од хронична лишеност од визија, стремеж, копнеж и мотив. Нашата иднина е вчера, а нашето минато е утре.
Оваа дури и малку налудничава сегашност има единствен ефект – зачувување на привилегиите на тие што традиционално ги имаат. Нема што ние останатите многу да се заморуваме. Оваа политичка сегашност, не само што не го бара од нас напорот да ја замислуваме и да ја градиме најдобрата можна иднина, туку тоа и ни го забранува.
Погледот назад е диригиран мошне успешно. Сепак, тоа не е поглед само на мрзеливите, туку и на мрзоволните, апатичните, очајните и обезмоќените. За да останеме така, за навек. Оттука, колективното збогум на овие реторики не е само важно, туку и неопходно.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија