Книго моја, помини на другиот

За почеток неколку примери. Еден мој пријател имаше викендичка во Велестово. Што би се рекло, стриктно еколошка куќичка. Дури и мебелот му беше направен од земја и шут од старата урната куќа што беше на тоа место. Немаше телевизор, телефон, радио, компјутер… Едноставно, таа му служеше за своевидно бегство од цивилизацијата.

Единственото вредно, и тоа бесценето вредно,  што беше во куќата беа неколку книги, антиквитети објавени во почетокот на минатиот и крајот на оној таму век. Еден ден му се јавуваат на пријателот и му соопштуваат дека викендичката му е ограбена. Човекот, се разбира, прилично вознемирен, доаѓа до Велестово колку што може побргу. И констатира дека крадците му ја украле – светилката! Всушност, најголемата штета е скршената брава, а бесценетите книги останале негибнати, таму каде што ги оставил!

Откога ја сменил бравата, газдата на викендичката оставал по десетина светилки пред вратата на викендичката додека е во Скопје, само за да не се мачат луѓето да му ја кршат за бадијала.

Втор пример. Ако не се лажам, тоа беше некаде во времето на Шарената револуција. Во центарот на Скопје ограбија една книжарница. Еден од сопствениците на книжарницата ми вели: „Ќе им простев сѐ на крадците, само да украдоа барем некоја книга“. Направиле тие некоја штета. Се фаќале околу касата и компјутерот, ама пописот направен веднаш потоа покажал дека сите книги се на број!

Трет пример. Еден мој пријател, издавач, мора да однесе некои книги по факултетите, до Министерството и до некои други институции. И тоа го прави со велосипед. Купил човекот и две симит погачи и застанал на Бит-пазар да докупи нешто. Кога се вратил по пет минути ги видел кесите со книги оставени до велосипедот. Се разбира, ниту една книга не недостасувала. Украдени биле симит погачите.

Државата (читај: Министерството за култура) одамна не се грижи за дистрибуцијата на културните добра што самото ги продуцира

Кога своевремено имав можност да им предавам на млади ентузијасти за новинарство, младите луѓе ме прашаа што е најважно за да се совлада вештината на критичкото мислење во медиумите. Отприлика им реков дека најважно е читањето. И дека треба да читаат без селекција. Макар да се тоа рецепти, готвачи или мали огласи. Па, ако треба и струјомери или водомери. Само со читање можат да се развијат критериумите за она што е важно и за она што е маргинално.

И додадов дека ако не ми веруваат мене, тогаш нека му веруваат на Ворен Бафет. Наводно, кога го прашале Бафет за тајната на неговиот успех, тој покажал кон својата богата библиотека и само рекол: „500 страници дневно“. И образложил: „Ако читате секој ден, знаењето се зголемува. Нешто како каматна стапка“. И додал: „Јас знам дека секој може да го прави ова, ама сигурен сум дека повеќето не сакаат“.

Ако ви се чинат многу овие 500 страници на Бафет, тогаш тука ќе се повикаме на едно истражување, кое вели дека човек во една минута може да прочита меѓу 200 и 400 зборови, односно една страница за околу две минути. Ако просечната книга има 50.000 зборови, тоа значи дека за да прочитате 200 книги во годината неопходни ви се 25.000 минути, односно 417 часови.

Ви се чини многу? Тогаш ќе наведеме дека просечен човек годишно поминува 608 часови на социјалните мрежи и дури 1.642 часа пред телевизиските екрани. А може и вака: за да ја прочитате „озлогласената“ „Војна и мир“ на Толстој (581.450 зборови, 1.296 страници) потребни ви се 38 часа и 46 минути. Затоа, пак, за „Мостот на Дрина“ на Иво Андриќ (78.500 зборови, 314 страници) ви се потребни пет часа и 14 минути.

Секако, ова се релативни податоци, затоа што постојат книги што се „голтаат“ и буквално се читаат во еден здив. Но, постојат и книги што се читаат полека, врз кои се размислува и им се навраќа.

И сите овие горни редови се напишани во нивна чест, во чест на книгите, затоа што вчера (23 април) беше нивниот ден. Светскиот ден на книгата и авторските права. Овој празник на читањето во Македонија, традиционално ќе се обележи во НУБ „Св. Климент Охридски“ со читање на делови од „Дон Кихот“ на Сервантес (23 април е роденденот на Сервантес и на Шекспир, додуша според различни календари, но и тој податок се зема како придонес на книгата за поврзување на разликите) и со отворање изложба за носителот на Златниот венец на поезијата, Хусто Хорхе Падрон.

Денот, веројатно, ќе се обележи или е обележен и во некоја од локалните библиотеки. Не можеме со сигурност да тврдиме затоа што медиумите со сигурност не се заинтересирани за овој тип информации.

Во светот, оној кон кого се стремиме, работите изгледаат малку поинаку. Овој ден се користи токму за објавување истражувања и анализи за тоа колку се чита, кои се трендовите во издаваштвото, кои се придобивките од читањето…

И уште да кажеме, бидејќи кај нас тоа е помалку познато. Годинава светска престолнина на книгата е Акра (Гана). Минатата година беше Гвадалахара (Мексико), а следната година ќе биде Стразбур (Франција). Буџетот на Стразбур за оваа намена изнесува четири и пол милиони евра.

Во повеќе земји (меѓу кои и земјите во нашето опкружување) веќе десетина години постои и Ноќ на книгата. Ноќта на книгата, кога книжарниците работат цела ноќ, се користи и за размена на книги меѓу луѓето. Се проценува дека во САД, во оваа ноќ се разменуваат околу 50.000 книги.

Можеби и кај нас би успеала некоја ваква идеја за популаризација на читањето, само ако имавме – книжарници! Знаете, од оние што не се фотокопирници и џиџимиџарници. Државата (читај: Министерството за култура) одамна не се грижи за дистрибуцијата на културните добра што самото ги продуцира. Се сеќавате на оние силни тиражи и едиции што ги финансираше владата на Груевски? Каде можат да се пронајдат? Во некоја библиотека, по некој примерок кај продавачите на стари книги и – толку!

Дури и без енергетски ефикасни прозорци, нацијата може да оствари напредок, ама без читање не може! Без книги нема ни фотоволтаици, ниту одгледување тутун

Се случувале години кога во Македонија се снимале повеќе филмови отколку што има киносали во земјата. Со оглед на квантитетот на нашата филмска продукција, можете да замислите колку киносали има во земјава. Истата приказна е и со книжарниците.

Можеме ние тука да рониме крокодилски солзи и да раскажуваме со лиги во устата какви книжарници има во Софија, Солун, Белград, Загреб… Можеме и да ламентираме дека нивната култура на читањето е поголема (!), дека сме мал пазар, дека писменоста ни е на ужасно ниско ниво итн., но едно е факт – ако фотоволтаиците, пвц прозорците или тутунот се субвенционирани, книжарниците не се!

И, да се разбереме, дури и без енергетски ефикасни прозорци, нацијата може да оствари напредок, ама без читање не може! Без книги нема ни фотоволтаици, ниту одгледување тутун. Земјата што со гордост истакнува дека е лулка на сесловенската писменост, тоа бездруго би требало да го знае.

Долгогодишната идеја за формирање Агенција за книга, тело што буквално би се грижело за пласманот на книгата, првенствено во државата, а потоа и надвор од неа, одамна е заборавена. Но, наспроти ова, Македонија има автори што успеваат да продадат повеќе изданија од своите книги, па и да станат читани не само во опкружувањето, туку и во светот.

Проблемот е во тоа што и тие се оставени самите на себе, односно нивниот успех не се должи исклучиво на несомнениот квалитет на нивните остварувања (без кого не се може), туку и на извесен склоп на околности или на нивните способности да го изменаџираат своето дело. А не на некоја (државна) стратегија за пробив на овдешните културни вредности.

Сепак, ја користам оваа пригода да им го честитам Светскиот ден на книгата на сите оние што го слават и да го повторам старото правило: Не е важно колку ќе ве чини една книга, важно е колку ќе ве чини ако не ја прочитате таа книга.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија