Колку пати сте помислиле дека никој не може да испише толку неверојатни нешта колку што тоа го може животот. Колку пати сте ја мрмореле репликата на Бургер во „Среќна Нова ’49“ – „А што да правиш, живот пише романе“, но несвесни дека еден ден навистина ќе „дојде животот“ и ќе ви испише таков неверојатен роман.
Да кажеше некој во 2016/17 година – дека архинепријателот на СДСМ, човекот што беше персонификација за заробената држава, за режимот и злото што никогаш повеќе не смее да се повтори, да кажеше некој дека токму тој денес ќе биде обвиткан со аура на спасител, кој може да ги реши маките на власта со ВМРО-ДПМНЕ, гласникот на такво нешто ќе го прогласевме за луд. Ќе го „убиевме“ со громогласно смеење.
Сега, сè што ми паѓа на ум од тоа време не се паролите полни со надеж за правда, европско здравство и образование, туку онаа исмејуваната – „Ние сме лудаци“. Сите што дале бланко доверба на ветувањата дека врз пепелта на режимот ќе се гради правна држава и едно општество за сите, денес слободно може да се чувствуваат како лудаци (без право на чоколада).
Човекот, кој до вчера власта го третираше како кукавица што избегала, одеднаш израсна во митолошко суштество, кое низ епистоларна пракса се всели во нашето секојдневие
Само може да претпоставиме колкави биле димензиите на моралниот и политичкиот очај на тие што решиле како подизведувач за излез од нивната политичка оскудација да помислат да го ангажираат бегалецот од правдата и неговата инфраструктура (дружината братско стебло).
Тој демантира, тие демантираат, а секој ден испливуваат некакви детали, кои сведочат дека каде што има чад, имало и оган.
Човекот, кој до вчера власта го третираше како кукавица што избегала, одеднаш израсна во митолошко суштество, кое низ епистоларна пракса се всели во нашето секојдневие. Тие што се фалеа – како што заминал, така ќе го вратиме – д’ткаа секогаш кога ќе ги прашаа – а како заминал? „Па, во гепек“.
И сега „човекот од гепекот“, стутканиот како ѓеврек меѓу резервната гума и дебелата бовчичка со зелено-книжни спомени калапени во буџетските прегратки на мајка Македонија, тој што едвај се исправил откако влегле кај Хоргош, тој ли треба да биде некаков фактор за иднината? Како што неговиот братучед стана фактор за Преспанскиот.
До кога одговорноста и санкциите за криминалот преку измени во Кривичниот законик или други операции ќе се претвораат во хартии од вредност за живот на слобода? До кога ќе се плаќаат индулгенции за „мали услуги“ кон големите мајстори на кујната, чија пракса открива дека не планираат Македонија да стане правна и пристојна држава, иако со таа песна се будат и заспиваат.
Од обраќањата на бегалецот се потврди дека волкот го менува влакното, ама не и карактерот. Во нив не треба да се трага по меѓуредови, нијанси, скриени пораки… Сѐ е просто како грав. Партијата ја третира на истиот султански начин како и пред да го напушти нејзиното кормило и пред да избега од земјата.
„Сето тоа може да му биде интересно (на Мицкоски – н.з.) до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе што го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија што му ја оставив. Но, што потоа?“, прашува Груевски.
Тоа е стариот познат речник. Членовите за него не се луѓе од крв и месо, туку безимена „партиска машинерија“ што ја вади од џебот и ја остава некому. Како сушен рузмарин врз унгарски фозелек или рендан кашкавал врз топол лангош.
Вели дека ако сакал да се пазари, имал неколку шанси уште додека бил во Скопје, но ги одбил. Навистина? А зошто досега ниту еден збор не кажал за тие понуди? Зошто ги крие понудувачите?
За нивото на гневот во едностраната „преписка“, доволно говори неговиот опис на „комплексите, нечовечноста и егото на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ: (…) раскажува невистини со голема омраза кон мене, им зборува на луѓе дека тој ќе ме донел во Идризово, изразува нетрпение и видлива фрустрација што воопшто постојам и што сум жив. Очигледно тој би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта“.
Тешко за читање. Сепак, додека не сака да ѝ нанесе штета на партијата, најинтересни се лекциите што им ги држи на некои членови од раководството и на претседателот, опишувајќи ги како забревтани, самобендисани, непромислени и арогантни, луѓе кои ги има обземено злоба, исплашени некој да не им ги земе местата, кои додека се занимаваат со „лов на вештерки“, секој ден им поминуваат штетни одлуки за државата.
Врв на сѐ е лекцијата за осудените.
„Ви лежат луѓе невини по затвори, ги влечат по судови, со прст не мрднувате да им помогнете, вие ликувате и горди сте што никому ништо не помагате. Се ситите на маката на луѓето со кои до пред некоја година бевте заедно и им се умилкувавте. Срамота е тоа! Бедно е!“
До кога одговорноста и санкциите за криминалот преку измени во Кривичниот законик или други операции ќе се претвораат во хартии од вредност за живот на слобода?
Ова го вели лидерот на кого око не му трепна што си ја летна кон Будимпешта, кога неговите сопартијци секојдневно беа по судовите. Како им помогна тој со неговото бегство – ги охрабри ли?
Тој ги повикуваше граѓаните да не седат дома пред телевизор во папучи, туку да излезат на улица и да ја земат судбината во свои раце. И по обичај никогаш не беше во Скопје кога беше густо. На 27 април беше во Виена. Не знаел што се случува овде. Телефонот го оставил на клавирот во домот на Хабсбурговците.
Кога во Собранието се гласаше амнестијата за хашките случаи што предизборно му ја ветил на Ахмети, на „машинеријата“ ѝ нареди да се нацрта таму. Гласај и молчи.
Тврдеше дека на функција дошол со нож во грбот, а си заминал со повеќе ножиња. Се жалеше дека ВМРО-ДПМНЕ страда поради византиските игри. А и самиот ѝ заби нож со оценка дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ се должи само на неспособноста на СДСМ: „Има поголем рејтинг од СДСМ, од што народот веќе не можел да ја гледа таа неспособна, корумпирана и предавничка власт“.
Од Бихаќка, наместо да се скријат во глувчешка дупка и да баталат јалови работи со кои пред стратешките партнери се презентираат како аргати на “црнолисташот“, тие во соопштение порачуваат „Нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ, и затоа Мицкоски е толку нервозен“.
Ако СДСМ нема дилема кој е вистинскиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тоа значи нешто. Не за друго, ама ако утре се јави потреба од лидерска средба, барем ќе биде јасно дека таа ќе мора да се одржи во Будимпешта, од објективни причини. Освен, ако дотогаш нѐ отпаднат. На причините мислам.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија