Проширувањето: Императив на ЕУ

Колумна на Иван Вејвода

Дебатата за тоа како ЕУ треба да се реформира е отворена. На 19 септември, извештајот насловен „Пловење на отворено море: реформирање и проширување на ЕУ за 21 век“, презентиран од француско-германската група од дванаесет експерти, иницирани од министрите за Европа на Франција и нa Германија, Лоренс Бун и Ана Лирман, беше дискутиран на Советот за општи работи на ЕУ.

Тоа е најзначајниот, конкретен придонес во бранот изјави за потребата ЕУ да направи храбри геополитички, геостратешки избори доколку сака да остане влијателна на светската сцена.

Извештајот проучува на кој начин ЕУ може да биде „подготвена за проширување“ до 2030 година, датум што претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, неодамна го предложи на Бледскиот безбедносен форум во Словенија.

Тоа директно ги исцртува неопходните чекори што водат кон продлабочување на ЕУ пред нејзиното проширување. Целиот пристап на извештајот се заснова на почитувањето на основните вредности на ЕУ за владеење на правото и демократијата, како во земјите-членки, така и во земјите-кандидатки.

Во суштина, ако ЕУ не може да ги поддржи овие вредности преку правила и процедури, таа нема да ја исполни својата мисија.

Грубо будење

Бруталниот напад на една светска нуклеарна сила каква што е Русија, врз Украина, суверена европска земја со 43 милиони жители луѓе, беше грубo будење. Тоа, всушност, почна во 2014 година, со анексијата на Крим. Руската агресија ги урна сите илузии за мир на европскиот континент.

Познатата реченица на Монтескје „les doux effets du commerce“ или благотворните ефекти од интензивната трговија меѓу земјите ќе доведат до избегнување конфликт поради меѓузависност, се покажува драматично погрешна на почетокот на 21 век.

Ако ЕУ не може да се реформира и во исто време да се консолидира преку процес на проширување заснован на заслуги, ќе го изгуби влијанието, иако нејзината економија е најсилна по онаа на САД

Тие што веруваа дека Русија е подготвена да го прифати меѓународниот поредок заснован на меѓународни правила, не обрнаа внимание на изјавите на Владимир Путин на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2007 година, кога тој ја обзнани својата пресвртница („Zeitenwende“), односно сосема поинаков поглед на светот.

Европската комисија, под водство на Урсула фон дер Лајен, во 2019 година се изјасни дека е „геополитички“ свесна за променливиот свет со кој се соочува. ЕУ едноставно не можеше да продолжи како и обично. Потребно е време за ЕУ да дејствува и како што се вели, таа се формираше и се зајакнуваше преку кризи. Сепак, руската агресија драматично ја измести од самодоволност и доведе до единство што не е забележано во ЕУ откако беше соочена со Брегзит.

Будење од кома

Проширувањето на ЕУ се воспеваше како една од нејзините најуспешни политики. Но, во последната деценија откако Хрватска последна се приклучи во 2013 година, многумина го опишуваа процесот како коматозен или неактивен. Процесот на проширување го загуби кредибилитетот.

Дури и некои евроентузијасти од Западен Балкан, земји-кандидатки или потенцијални кандидатки, загубија верба во перспективата за приклучување кон ЕУ како полноправни земји-членки, и покрај големата јавна поддршка што постои за приклучувањето. Намалените напори, дури и сериозно уназадување на демократијата во земјите-кандидатки, исто така, предизвика сомнеж кај ЕУ за тоа дали лидерите во тие земји се сериозни во нивната желба да се приклучат.

Време е за нов заеднички напор: реформите треба да се спроведат и во ЕУ и во земјите-кандидатки, но треба и да се создадат поблиски врски што е можно порано, за да се поддржи транзицијата и земјите-кандидатки чекор по чекор да се приближат до ЕУ.

Извештајот „Пловење на отворено море: реформирање и проширување на ЕУ за 21 век“ нуди неколку интересни предлози надвор од вообичаените односи меѓу владите: вклучувањето на граѓаните од земјите кандидатки во партиципативната демократија би било важен чекор. Партнерства/менторство/твининг меѓу членките на ЕУ и земјите-кандидатки…

ЕУ мораше да реагира на желбата на Украина и Молдавија, кои сакаат веднаш да го почнат процесот за пристапување во Унијата, што Украинците веќе јасно го искажаа на протестите на Евромајдан во зимата 2013-2014 година во Киев. Во меѓувреме, зголемените геополитички тензии и зголемената руска агресија, исто така, доведоа до преоценување на стратешката важност на внесувањето на земјите од Западен Балкан.

За да го поврати кредибилитетот, ЕУ треба да се прошири со една или со две земји во следните години до 2030 година. Црна Гора е лидер во тој процес од Западен Балкан, а Молдавија  се чини дека е другиот најверојатен кандидат, заедно со Северна Македонија

Кредибилитетот на ЕУ како глобален актер во светот, во кој, во безбедносна смисла доминираат САД и Кина, е доведен во прашање. Ако ЕУ не може да се реформира и во исто време да се консолидира преку процес на проширување заснован на заслуги, ќе го изгуби влијанието, иако нејзината економија е најсилна по онаа на САД, но со население што се намалува и во моментов претставува само седум отсто од светската популација.

Сега комбинираното очекувано проширување на ЕУ со Украина, Молдавија (потенцијално Грузија) и со шест земји од Западен Балкан ќе го зголеми бројот на земји-членки на 35 или 36.

Затоа, се нагласува во извештајот, ЕУ треба да дејствува без одлагање, со целосно прифаќање на сложеноста на процесот. Ако просторот се остави отворен, Русија и Кина особено, тоа ќе го искористат да дејствуваат за да ја покажат слабоста на ЕУ и да создадат безбедносни проблеми на европска територија.

За да го поврати кредибилитетот, ЕУ треба да се прошири со една или со две земји во следните години до 2030 година. Црна Гора, земја со само 600.000 жители, е лидер во тој процес од Западен Балкан, а Молдавија, земја со 2,1 милиони жители, се чини дека е другиот најверојатен кандидат, заедно со Северна Македонија. Доколку овие земји ги исполнат потребните услови, нивниот влез би покажал дека процесот е реален и кредибилен и би поттикнал конкуренција меѓу другите кандидати.

Земјите на Западен Балкан денес, поради драматичен демографски пад, имаат околу 16 милиони жители, што е приближно половина од сегашната проценета популација на Украина. Тие се со сосема различни големини. Примањето на Украина во идна поствоена ситуација бара суштински промени за многубројни клучни политики и инструменти на ЕУ.

Доделувањето датум за пристапни преговори на Украина и Молдавија од страна на Советот на ЕУ, во декември ќе биде клучна геополитичка порака на солидарност до луѓето од овие две земји, како и до Русија, за посветеноста и решеноста на ЕУ да се консолидира.

Во однос на севкупната безбедност и глобалната положба на ЕУ, цената на непроширувањето треба сериозно да се разгледа. Затоа овој извештај на „групата дванаесет“ го отвора патот за реформирана ЕУ,  подготвена да одговори на предизвиците на оние чии ставови се противат на општество засновано на демократски правила.

Иван Вејвода е постојан соработник и директор на проектот „Европа во ризик“ на Институтот за хуманистички науки, Виена.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија