Знаци покрај патот

Веќе одамна за мене не е важно кој умее да говори во ова општество, не е важно ни со какви зборови ни со каков тон; важно е тоа – што знае да направи тој, како го прави тоа, и како она што некогаш го направил умее да го одржува, да го усовршува и да го брани.

(Иво Андриќ, „Знаци покрај патот“)

 

Завршува кампањата, се сумираат впечатоците, се дешифрираат „знаците покрај патот“… Во стилот – не влегувај во фризерница каде фризерот нема средена фризура, и не викај водоводџија на кого чешмата дома му капе, од ВМРО-ДПМНЕ прашаа како Зоран Ногачески, градоначалничкиот кандидат на СДСМ, ќе се грижи за општината Дебрца кога не си го поправил ни покривот на неговиот дом?

Како доказ понудија фотографија на која се гледаат четири-пет разместени керамиди. Прашањето изгледа логично: види го човекот како го средил домот, приближно ќе процениш како ќе ја води и општината. Да, сме го виделе тоа, но за жал, во спротивна насока: уреденоста и сјајот на приватните домови на општинските татковци, не се преслика и на нашите јавни простори.

Ногачески одговори дека не се срами од старата куќа во која пораснал, а ја наследил од покојните родители, скромни земјоделци. Не се срами ни од возилото марка „Југо“ од 2005 година. Но го праша неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ и досегашен градоначалник, Игор Трајкоски, како станал толку голем „домаќин“: како успеал за 4 години со градоначалничка плата да купи стан во Скопје, две патнички моторни возила, да ја реновира семејната куќа во Ботун, да реновира куќата во Охрид (и да обезбеди ред други привилегии со општински пари), а ништо да не изреновира во општината? Одговор од големиот домаќин немаше.

Знаците што остануваат покрај патот велат дека секогаш е полесно да се поставуваат прашања, отколку да се дадат одговори… Веројатно од такви мотиви Коце Трајановски избега од дуел

Знаците што остануваат покрај патот велат дека секогаш е полесно да се поставуваат прашања, отколку да се дадат одговори… Веројатно од такви мотиви Коце Трајановски избега од дуел. Веројатно од такви мотиви ВМРО-ДПМНЕ не ја продолжува серијата прашања за домаќинлакот, бидејќи во истиот стил би требало и себе си да си постави многу непријатни прашања.

На пример, како Јохан Тарчуловски, ќе се грижи за безбедноста на општината кога не успеал ни сопствената сопруга да ја спаси од пад од првиот кат во зградата кадешто живеат? Или, каков домаќин ќе биде тој на Кисела Вода, ако јавно најавува дека за едни ќе гради инфраструктура, а за други не?

Или како Владо Мисајловски ќе ги исправа работите во Ѓорче Петров, кога не обезбедил ни исправност на домашниот оџак, па домот му пламна во пожар? Да не зборуваме за автопатиштата кои сега треба да се исправаат преку ресорот каде до вчера министеруваше тој.

Или, со кој аргумент Тони Трајковски ќе бара трет мандат во Гази Баба, кога ланските поплави во атарот на таа општина однесоа 22 жртви, уништија огромни земјоделски површини и покажаа каков бил неговиот „домаќинлак“: неисчистени канали, неасвалтирани патишата, неизградена канализација и цел сет причини кои ја уништија можноста да се се ублажат последиците од поплавите и да се спречи да завршат со жртви. И ако веќе не градел, зошто морал да учествува во донесување на одлуки за рушење („Космос“)?.

Нобеловецот кој го цитирам на почетокот на текстот, за вакви пригоди вели: „Еден гради, а десетмина гледаат или дури уриваат и разградуваат. Па, како може да се одржи такво општество?“

Сигурно не преку домаќинлакот со кој ВМРО-ДПМНЕ си го има замислено враќањето на „светлината“ во земјата: преку ноќни, незаконски и диверзантски акции (како што е прикажано во спотот), на идентичен начин на кој семејството Бајрам си „позајмувало“ струја од ЕЛЕМ за потребите на нивната велелепна палата, сместена меѓу картонско-лимената реалност во Шуто Оризари.

Некој треба да објасни колкав јубилеј се слави од денот кога кражбите се издигнати на ниво „домаќински и одговорно“?  Но, партијата не разговара за овие прашања и со тоа остава нови знаци покрај патот. А тоа не е еден пат, особено не оној виртуелен, разубавен, асфалтиран, осветлен, како што ни го прикажуваат во изборните ветувања.

Се работи за сите наши реални улици, калдрми, дупки и макадами по кои во недела граѓаните ќе одат од домовите кон гласачките места, а нелагодноста во табаните ги потсетува дека со години надежите за подобро растат правопропрционално со дупките. И на улиците, и во стандардот. 

Се работи за сите наши реални улици, калдрми, дупки и макадами по кои во недела граѓаните ќе одат од домовите кон гласачките места, а нелагодноста во табаните ги потсетува дека со години надежите за подобро растат правопропрционално со дупките. И на улиците, и во стандардот

Андриќ вели дека „оној којшто сака да владее, или кој поради склоп на околности е доведен во ситуација да мора да владее со луѓето и човечките вредности, би морал многу да знае и да разбира, и уште повеќе да чувствува. Сеедно дали таа негова власт се однесува на некое скромно домаќинство или на голема држава со многу население. Но таквиот „владетел“, пред сè, мора да знае и да разбира, или барем да насетува и да претпостави кои се мерките и границите на човечкиот дух и тело, што сè може да помисли, да каже и да направи жив човек под притисок на многукратни и нејасни инстинкти кои во него постојано се менуваат од раѓањето па сè до смртта. Ако не го знае тоа, тој никогаш нема да може добро, праведно и корисно да владее и да управува ни со две мачки, ни со три пилиња, а не, пак, со помал или поголем број луѓе“.

А замислете, како изгледа тоа, кога човек ќе изгуби претстава за реалноста, за луѓето, за нивните потреби, па дури за правото на нивна молитва во тишина и спокојство. Кој би очекувал дека во агресивната трка за гласови Марјан Ристески толку безобирно ќе влета дури и – во џамија!

Тоа што верниците си заминаа во истиот миг, е уште еден знак покрај патот. Срамен за кандидатот. Срамен за партијата. Срамен за личната и колективна култура. Се разбира, ако сакаат да ги видат. Може да се прават и дека не ги гледаат, да ги игнорират, да ги третираат како нешто моментално, привремено…

Изгледа дека се уште не го виделе знакот кој предупредува дека „нема ништо потрајно од привременото“. Оној што мижи пред реалноста, сигурно ќе се сопне на него. Битно е тоа да не бидат гласачите.