Зошто ја сменивме Бранка Костиќ Марковиќ!

Пред извесно време имав можност да разговарам со еден директор на една национална установа од областа на културата. Разговаравме за можностите за соработка меѓу Фондацијата „Славко Јаневски“, која ја застапував јас, и институцијата со која раководи тој. Впечатокот ми беше дека станува збор за стручен човек што ги познава работите во неговата област и кој има визија за квалитетно работење на неговата институција.

Затоа веројатно бев и изненаден кога во еден момент директорот ми рече дека ако сакаме да ги реализираме проектите, мораме веднаш да се фатиме за работа, бидејќи може да се случи во многу брзо време да го сменат од функцијата. Иако, претпоставувам дека на тоа место се наоѓа едвај една година. Подоцна, во оние неслужбените шпекулативни кафеански муабети со „обично добро информираните извори“ разбрав дека тоа директорско место ѝ припаѓа на партијата Беса.

На оваа епизода се сетив кога ја прочитав веста дека Бранка Костиќ Марковиќ е разрешена од функцијата претседател на Управниот одбор на Македонската филхармонија. Во ред, оваа одлука не е директен резултат на партиократијата што владее во културата, бидејќи не верувам дека партиите нешто се загрижија за управните одбори во институциите од областа на културата, затоа што во суштина станува збор за волонтерски функции, што не носат некакви материјални или финансиски бенефиции, а, како што гледаме, ниту особена моќ. Парадоксално, не е Костиќ Марковиќ сменета за да ја замени некој од некоја друга партија (колку што знам ниту самата Бранка Костиќ Марковиќ не е партиска членка), туку нејзината смена е директен производ на волунтаристичката (не волонтерската) политика во културата.

Парадоксално, не е Костиќ Марковиќ сменета за да ја замени некој од некоја друга партија , туку нејзината смена е директен производ на волунтаристичката (не волонтерската) политика во културата

Токму поставувањето на Бранка Костиќ Марковиќ на местото претседател на УО на Македонската филхармонија беше некаков знак дека барем срамежливо во културната стратегија ќе надвладее меритократијата, наместо партиократијата, односно дека стручноста и идеите ќе испливаат на површина, наспроти партиската подобност и долгот кон „заслужните“ поединци што треба некаде да се „вдомат“.

Каква само бура на социјалните мрежи во тоа време предизвика изборот на Дарко Лешоски за претседател на УО на Струшките вечери на поезијата, потег кој исто така требаше да претставува некаков дисконтинуитет со општата бирократска пракса на раководење со културните институции. За волја на вистината, неодамнешното именување на директорот на СВП, долгогодишниот административец во Министерството за култура, Тодорче Тасевски, помина речиси глуво, односно без никакви реакции).

За разлика од Дарко Лешоски, именувањето на Бранка Костиќ Марковиќ, во јавноста (барем во онаа што ги следи културните политики) беше еднодушно поздравено. Бранка Костиќ Марковиќ е несомнено стручна во својата област, а со оглед на нејзиното долгогодишно новинарско искуство, очигледно и добро ги познава приликите на музичката сцена.

Зошто тогаш е сменета од нејзината функција? Одговорот на ова прашање не може да се добие од соопштението на Министерството за култура. Во него едноставно – нема одговор, нема образложение и нема логика. Тоа, се разбира, е очекувано, затоа што со години работите во културата функционираат токму така – дилетантски и низ призмата на дневно-политичките интереси; затоа што во она што тука се нарекува културна политика, никогаш немало ниту конзистентна стратегија, а уште помалку некаков континуитет.

Денес толку популарната фраза „губење на идентитетот“ неправедно им се припишува на политичките процеси. Губењето на идентитетот не е ништо друго, туку нашиот волунтаристички и несериозен однос кон културата и културните вредности

Со други зборови, случајот на Бранка Костиќ Марковиќ во суштина не е битен. Тој е само илустративен пример дека компетентноста е најмалку битна во квалификувањето на одредена личност да извршува некаква функција во македонската култура.

Откога паметам, а паметам долго, дневната политика тука секогаш ја користела културата како паричка за дневно-политичко раскусурување. Со исклучок на Елизабета Канчевска Милевска и Благоја Стефановски, ниту еден министер за култура не успеал да истурка еден цел мандат. На пример, во времето на четиригодишното владеење на Љубчо Георгиевски, министри за култура беа Димитар Димитров, Љубен Пауновски и Ганка Цветанова. Во просек по една година и три месеци.

Ќе се сложите дека тоа е прекраток период за да се направи каков било посериозен чекор, а камоли некаква стратегија. Особено ако се знае дека речиси секој министер носи некаква екипа со себе, која ја распоредува во Министерството и на директорските места.

Не знам колку е неопходно да се расправа за важноста на континуитетот во културата? Практиката секогаш да почнуваме одново и од нула, на крајот на краиштата, нѐ доведе само до еден ваков монструозен проект каков што е „Скопје 2014“, и не е само причина на низа започнати, а никогаш незавршени проекти, туку е основната причина за она што се нарекува колективен заборав, а без колективно помнење нема ни нација, па ни држава, ако сакате.

Денес толку популарната фраза „губење на идентитетот“ неправедно им се припишува на политичките процеси. Губењето на идентитетот не е ништо друго, туку нашиот волунтаристички и несериозен однос кон културата и културните вредности, нашата смена на Бранка Костиќ Марковиќ.