Каменот и од фасадата доаѓа

По нивните зборови ќе препознаете што сакале да премолчат! Oвој афоризам го посветувам на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во  вчерашното интервју на 1ТВ изјави дека му е чест и гордост кога влегува во партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ.

Секако, нема ништо поприродно, партиски лидер да се гордее со домот на партиското семејство. Но, прашањето не беше во генерална смисла, туку за конкретното здание, за т.н. Бела палата, која стана синоним за непримерен луксуз, несоодветен на сликата за една народна партија, за зграда со огромен габарит и огромни финансиски средства, чии извори се предмет на истрага.

Не е забрането Мицкоски дури и во такви околности, со гордост да влегува во таа зграда. Но, мора да расчистиме кога ја говори вистината и поради тоа однапред се извинувам што морам да бидам прилично индискретна. Имено, кога пред седум месеци (во април) го интервјуирав Мицкоски во Белата палата, неговата нелагодност, непријатност и срам од ентериерот беше изразена јасно и недвосмислено. Сведоци на тие околности се и нашиот фоторепортер и соработникот на Мицкоски, преку кој го договаравме терминот за интервјуто.

Па, сега прашувам: од гордост или од срам, господинот Мицкоски замоли за позиција на негово фотографирање, од која во заднина нема да се гледаат сликите, кристалните лустери и неокласицистичкиот мебел? Со оглед дека не постоеше таква позиција (просторот беше задушен и од слики и од мебел), дали во еден момент дури падна и предлог (нема да прецизирам од кого), едната слика непосредно зад Мицкоски да биде симната од ѕидот!? И дали таа варијанта отпадна, откако, за среќа на Мицкоски, пробните фотографии покажаа дека заднината зад неговиот лик останува целосно матна? Меѓу другото, дали тој посочи и конкретен простор/објект во соседството, кој би го изнајмиле за да го преселат партиското седиште, простор кој по габарит е сличен на старата жолта куќа, која сите ја чувствувале како дом по своја мерка?

Ќе застанам овде, без споделување други детали.

Тие заложби на Мицкоски ми оставија исклучително силен впечаток. Беше тоа период, во кој сѐ уште имаше одредени афтершокови на незадоволство од неговиот избор за претседател, па поверував дека преселбата од „грдото наследство“ што им го оставил Груевски ќе биде првиот чекор на Мицкоски, кој ќе наиде на општ консензус кај членството, но и јасен знак дека планира дисконтинуитет со претходните практики.

Гордеејќи се со таа зграда, практично Мицкоски им се потсмева на членовите, кои не се согласуваат со сликата за таква разузданост и сакаат да стават крај на таквите практики

И, кога конечно го почнавме интервјуто, на прашањето дали во тој ентериер се чувствува како во своја кожа тој – наспроти сѐ претходно кажано – ми одговори: „Се чувствувам свој на своето!“ и се посвети на елаборација дека зградата ја третира исклучиво од аспект дали е функционална или нефункционална, енергетски ефикасна итн.

Не го потрошив интервјуто во инсистирање на одговор како може до пред пет минути да зборува едно, а сега друго. Го сфатив тоа како негов обид јавно да не отвора фронтови со претходното раководство уште во старт на мандатот, туку постепено да создава атмосфера за расчистување со сите реликвии од минатото.   

Но, не разбирам зошто таквото лицемерие продолжува и сега, дури и кога архитектот на тој кич, Никола Груевски, е далеку од Македонија, опкружен со вистински неокласицизам околу себе, оставајќи ги сопартијците овде со целиот фејк и срам. Од кого и натаму се плаши Мицкоски? Сигурно не од „народот“. Па, нели цело работно лето го помина по села и градови? Дали столчињата или гајбите на кои седеше со членови пред скромните простории на месните комитети беа во барок?

Молкот или дволичниот однос на Мицкоски кон таа зграда е одраз на неговиот однос кон реалноста. Тоа покажува отсуство на здрава дистанца од непримерните постапки во еден период на партијата. Секоја партија, па и ВМРО-ДПМНЕ ја чинат луѓето и идеите. Тие се главниот капитал, а не зградата во која некој ги реализирал своите архитектонско-естетски фрустрации, узурпирајќи пари од народот/членството на кое се повикува.

Гордеејќи се со таа зграда, практично Мицкоски им се потсмева на членовите, кои не согласуваат со сликата за таква разузданост и сакаат да стават крај на таквите практики.

Истото се однесува и на дефиницијата на Мицкоски за политички прогон. „Политичар + обвинение/судски процес = политички прогон“. Нема поголема манипулација од ова. Кога ќе влезе „во сила“ фактот дека не е битен титуларот -дали станува збор за политичар (премиер, пратеник, лидер), туку дали за лицето со правосилна пресуда е потврдено дека извршило кривично дело?

Од гордост или од срам, господинот Мицкоски замоли за позиција на негово фотографирање, од која во заднина нема да се гледаат сликите, кристалните лустери и неокласицистичкиот мебел?

Во спротивно, ниту еден политичар, ниту сега, ниту во иднина не ќе треба да биде суден, затоа што неговите приврзаници секогаш ќе тврдат дека тоа е политички прогон. За кого ќе постои правдата – за продавачи на марули на диво?

За жал, Мицкоски уште еднаш пропушти да промовира приврзаност кон правдата, сега кога со неа се соочени и членови на неговата партија. Со ставовите за политички прогон востоличува модел на одобрено политичко однесување, без разлика на докази, легитимни и транспарентни судски процеси, кои говорат спротивно на тоа.

Да, има многу проблеми во судството, но со генерална оценка дека тоа e комплетно политички контролирано, само се инвестира во алиби за неказнивост, а не и за подобрување на состојбите во правосудството.  

Особено, што во второто ниво на ваквата реторика, со обвинувања дека на удар е целата партија, се мобилизира и кон конфликти, кои водат кон нова идејна организација на политичка омраза со висок интензитет.

Но, тоа e и стапица во која Мицкоски самиот може брзо да пропадне, ако дел од неговите сопартијци јавно посведочат за некои незаконски активности во кои биле вовлечени или принудени да учествуваат. Потоа ќе биде доцна да се прашува од каде доаѓа каменот. Некогаш доаѓа и од фасадата. Можеби од зграда, можеби и од фасада на сопствениот образ.