Вести

„Талир“ ја носи партијата ВМРО-ДПМНЕ на обвинителна клупа

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, палатата „Христо Татарчев“ | Фото: Роберт Атанасовски

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска поднесе две обвиненија како дел од истрагата наречена „Талир“.

Првото обвинение, кое се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, ги опфаќа екслидерот Никола Груевски, други пет поранешни функционери и самата партија како правно лице.

Второто обвинение ги опфаќа Груевски и поранешниот владин генерален секретар Кирил Божиновски. Тие се товарат за незаконска изградба на партиското седиште Палата Христо Татарчев, попознато како Белата палата.

Обвинението за незаконско финансирање покрај самата ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ги опфаќа и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

Груевски се товари дека во периодот од 2009 до 2015 година обезбедил пари за партијата од анонимни и незаконски извори. Нему, според СЈО, му помогнале Кирил Божиновски и поранешниот министер Миле Јанакиески кои вршеле притисок врз фирмите што добивале тендери за да обезбедат готовина за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.

На ваков начин партијата добила најмалку 4,6 милиони евра.

Обвинителството тврди дека Илија Димовски, Миле Јанакиески, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска како потписници на партиските сметки ги пуштиле овие пари во оптек, иако знаеле дека се стекнати нелегално.

Обвинието за изградбата на партиското седиште, пак, се бави со начинот на којшто ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, во кои спаѓаат Белата палата и уште два милиони евра коишто „Бетон“ ги исплатила на партијата додека го финиширала објектот.

Минатата година БИРН го откри начинот на којшто ВМРО-ДПМНЕ покрај Белата палата добила уште два милиони евра од градежната компанија „Бетон“.

СЈО тврди дека „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на Белата палата, бидејќи во 2011 и во 2012, кога почна да се гради објектот, градежната компанија дури 75 отсто од приходите ги остварила од државни тендери. 

Обвинителството на Катица Јанева бара притвор за поранешниот премиер Никола Груевски и да ѝ се одземе пасошот на Елизабета Чингаровска, поранешната претседателка на Комисијата за хартии од вредност.

Груевски веќе втора недела е во Будимпешта, вчера доби и азил од Унгарија на база на неговите тврдења дека во Македонија врз него се врши политички прогон.