Зошто министерот Адеми не треба да даде оставка

Во моментов кога е пишуван овој текст (недела навечер), министерот за култура Асеф Адеми сѐ уште не поднесе оставка. Во моментот кога го читате текстот, тој сѐ уште нема да поднесе оставка. Во моментот кога овој текст ќе биде застарен, Адеми сѐ уште ќе биде на својата позиција.

Зошто министерот Адеми нема да поднесе оставка? Затоа што тој во принцип само ја исполнува својата задача – ја спроведува овдешната културна политика. А културна политика, како што им е познато, не само на оние што се вклучени во културните индустрии, туку и на консументите на културните добра, во оваа земја, едноставно – нема!

Во таа смисла и Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во областа на културата и годинава е конзистентна во спроведувањето на непостоечката културна стратегија.

Она што, всушност, Министерството перманентно го прави е отфрлање на одговорноста за состојбите во културата, при што и самиот министер се чуди на она што се случува во неговиот ресор. Во таа смисла, дури и прашањето на она што порано се нарекуваше политичка одговорност, денес е сосема нерелевантно. А без политичка одговорност, се разбира, не може да има и пристоен културен модел. А и кому му е потребен?

Ако на оваа власт не ѝ е јасно, еве ќе се обидеме да нацртаме – таканаречената интелектуална опозиција на претходната власт, протестите, вклучувајќи ја тука и Шарената револуција, всушност не беа ништо друго, туку борба за промена, на во суштина, популистичкиот и како таков не само некорисен, туку и штетен културен модел. А културниот модел, односно културната политика, не само што не се промени, туку уште повеќе се зацврсти.

Од бројните дефиниции на културната политика, за оваа пригода ќе ја одбереме онаа на Тоби Милер и Џорџ Јудис (Toby Miller, George Yudice), колку да знаеме за што зборуваме. Тие велат дека културната политика, всушност, се институционални поддршки, кои од една страна се насочуваат кон естетската креативност, а од друга кон севкупниот начин на живеење – културната политика е мост меѓу овие два регистри.

Она што, всушност, Министерството перманентно го прави е отфрлање на одговорноста за состојбите во културата, при што и самиот министер се чуди на она што се случува во неговиот ресор. Во таа смисла, дури и прашањето на она што порано се нарекуваше политичка одговорност, денес е сосема нерелевантно

Во таа смисла, ако го земеме министерот Адеми како некаков симбол или синоним на културната политика, тогаш тој е мостот меѓу овдешната естетска креативност (олицетворена во оној несреќен саем на фризури што доби поддршка токму од Министерството за култура) и нашиот начин на живеење – ситен, маргинален, обесмислен во административно-бирократските процедури што ни го одредуваат секојдневието.

Токму во согласност со оваа дефиниција, Адеми ќе изјави дека сите одбиени проекти одново ќе се разгледаат и со тоа само ќе го запечати впечатокот за популистичкиот третман на националната култура. Што ќе се случи откога Адеми повторно ќе ги разгледа одбиените проекти? Ќе даде по некој денар, особено на оние позвучни имиња од одбиените институции и така ќе ја зацементира политиката секој да добие по нешто, а во суштина никој не добива ништо.

Јас знам дека Асеф Адеми не е Андре Малро, меѓутоа човек и не мора да биде најпознатиот министер за култура на Франција, па да разбере што е стратегија во културата, што е жива култура и што е децентрализација во културата. Тоа што Министерството за култура ќе одвои средства за проекти во, на пример, Тетово, Гостивар или Струмица, тоа не значи дека ја децентрализира културата, туку токму спротивното – дефинитивно ја централизира.

Имено, министерот или, ете, нека биде тоа некаква комисија, подобро знае од луѓето во Тетово, Гостивар или во Струмица што им треба и колку таа работа чини. На крајот на краиштата, колку што разбрав, министерот Адеми бил на Берлинскиот филмски фестивал и таму се сретнал со луѓето од европската иницијатива „Креативна Европа“, па можел барем да ги праша што подразбираат под тој поим и што значи културата за регионалниот развој на една земја.

Не се одбиваат проекти од областа на културата само затоа што во пријавата фалел некој документ, како во случајот со Скопскиот џез-фестивал или затоа што не биле прописно залепени во коверти, како во случајот на издавачката куќа „Или-или“, како што впрочем не се прифаќаат проекти само затоа дека документацијата им е целосна или дека имаат дури повеќе документи отколку што е потребно. Проектите се прифаќаат или одбиваат во зависност од јавниот интерес. Државата (министерството) е тука да го артикулира овој интерес. На пример, да процени дека во моментот е најважно да се појават поголем број млади писатели и да го поддржи тој бран. Или дека се потребни повеќе филмови за широка публика. Или дека годинава ќе се стави акцент на сликарството итн.

Или, еве, ако изминатите години Министерството за култура на Елизабета Канчева Милевска сите свои ресурси ги стави во функција на „Скопје 2014“, тогаш ова министерство можеше барем дел од своите човечки и финансиски капацитети да ангажира во отстранување на естетски штетните артефакти од овој проект. Или, што знам, да ги оживее празните простори со кои располага Владата. Или што било, на крајот на краиштата.

Во случајов, Министерството за култура поддржува – ништо. Без план, без идеја, без концепт… Токму во согласност со долгогодишната културна стратегија.

Значи, додека го читате овој текст, министерот Адеми сѐ уште не дал оставка. А и да ја даде, пак му доаѓа на исто.