Регион

БиХ: Повеќе од 43.илјади евра отштета на поранешен полицаец

Судиите на Уставниот суд на БиХ. Фото: Уставен суд на БиХ

Уставниот суд на БиХ, донесе одлука дека на Петар Чивчиќ, кој беше ослободен од обвинението за вмешаност во убиство на околу 200 лица на локалитетот Кориќанске стијене во август 1992 година, треба да му се исплати поголем износ на отштета од веќе доделениот од 43.470 евра, дознава БИРН.

Имено, во 2016 година, Судот на БиХ донесе одлука со која на Чивчиќ му се доделува износ од 43.470 евра, на име отштета за 1.036 дена што тој ги поминал во притвор, пред да му биде изречена конечната пресуда, со која беше ослободен од обвинението дека извршил воени злосторства.

Чивчиќ поднесе жалба на оваа пресуда, но советот за ревизија на Судот на БиХ го одби неговото барање за поголема отштета.

Потоа тој ја испрати жалбата до Уставниот суд на БиХ, кој на 5 февруари му наложи на Судот на БиХ да донесе нова одлука.

„Предметот му се враќе на Судот на Босна и Херцеговина, кој е должен по итна постапка да донесе нова одлука”, стои во одлуката на Уставниот суд на БиХ, која не беше веднаш јавно објавена.

Адвокатот на Цивичиќ, Саван Зец, изјави дека Судот на БиХ треба да донесе одлука во рок од три месеци.

„Тој доби 85.000 КМ (43.470 евра), бидејќи помина две години и десет месеци во притвор. Математички, тоа значи добива по 82 КМ (42 евра) на ден“, рече Зец.

„Сметаме дека би било фер ако износот е поголем, бидејќи кога ѝ плаќате на државата, давате 100 КМ (51 евро) на ден, но кога е обратно, износот е помал”, додаде тој.

Зец алудираше на 100 КМ што затворениците осудени на помалку од една година затвор, треба дневно да ѝ исплатат на државата, ако сакаат да бидат надвор од затвор.

Чивчиќ, поранешен полицаец на интервентниот вод на станицата за јавна безбедност во Приедор, во септември 2013 година беше ослободен од обвинението за вмешаност во масовните убиства на локалитетот Кориќанске стјене, БиХ, во август 1992 година.