Зошто ВМРО-ДПМНЕ веќе ги изгуби изборите

Ако сакаме да бидеме реални, како што милува да каже партијата на власт во својата предизборна кампања, Никола Груевски и неговата екипа ги загубија овие избори многу одамна. Уште во времето на студентските протести, а поразот го потврдија со бомбите, Шарената револуција и со настаните во Диво насеље.

Или, ајде уште пореално, ги загубија изборите во моментот кога ги добија минатите избори, односно откога се виде дека владејачката елита не може да ги контролира процесите со бојкотот на Собранието од страна на СДСМ и со сопствените потези.

За волја на вистината, тие се изгубија уште од убиството на Мартин Нешковски, со антиквизацијата, со Никола Младенов, со аболицијата на хашките злосторници, со „Скопје 2014“, со Букурешт 2008, со екстерните тестирања, со понижувањето на трудот на македонските работници, со малата Тамара, со смртта на неброените родилки, со Кембриџ системот, со мегаломанската државна издавачка дејност…

Во таа смисла, изборниот ден би требало да биде само техничка верификација на поразот на една погубна политика за севкупниот македонски општествен живот.

Овие избори се историски, затоа што ќе бидат избори за враќање на каква-таква нормалност во државата, за криминализација на озаконетата корупција, за враќање на минимум достоинство на еден транзициски напатен народ…

Ете, затоа овие избори се историски. Затоа што тука не се работи повеќе за битка дали СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат на власт. И нема да се бира меѓу помало или поголемо зло. Ниту, како што вообичаено се мисли, ќе се гласа против актуелната владејачка гарнитура. Не! Ова ќе бидат избори за враќање на каква-таква нормалност во државата, за криминализација на озаконетата корупција, за враќање на минимум достоинство на еден транзициски напатен народ…

Ете, само хипотетички: замислете ситуација кога Џорџ Сорос нема да биде повеќе најголемиот крвник на македонскиот народ и опсесивен непријател на неговиот идентитет туку ќе си остане она што е – остарен и по малку дезориентиран американски милијардер. Е, сега е време да дојде таа ситуација!

На крајот од краиштата и изборните листи говорат доволно сами за себе. Освен што изборните листи на сегашната власт барем делумно делуваат како да се копирани од досиејата на Специјалното јавно обвинителство, тука ќе го најдете и името на единствениот хашки осуденик од Македонија или, со други зборови, единствениот овдешен воен злосторник, единствениот Македонец кому му е докажано дека извршил злодела против човештвото.

Во некои држави што, за жал, се наоѓаат на далечина на илјадници светлосни години од нас, самиот овој факт ќе беше доволен партијата што го номинирала хашкиот долгогодишен затвореник за член на највисокото државно застапничко тело да биде целосно дискредитирана, а некоја институција од типот на Државната изборна комисија да ја врати листата како невалидна, односно како нездрава заебанција со сопствените избирачи.

Па, и самата кампања, онака неинвентивна колку што може да биде, сепак дава некакви сигнали. ВМРО-ДПМНЕ упорно ја зголемува и онака скапата цена на својот евтин популизам, плашејќи го плебсот со големите наративи од типот на федерализации, кантонизации, двојазичности… Кај СДСМ сепак превладува она „ЗА“, колку тоа во овој момент и да изгледа нереално и фантастично.

Да, остануваат само техникалиите за конечната солуција, што не значи дека сме добри во изведувањето на техничките работи. Од времето кога ни доцнеше возот за оние места каде што се носеа важни одлуки до времето кога го насетувавме она што потоа го осведочивме преку фамозната реченица „Нека снема едно ливче“, не покажавме некои особени вештини во освојувањето на демократските вредности.

Се разбира, во овие техникалии спаѓа и не баш среќно избраниот пропорционален изборен модел во шест изборни единици (добро, седум, заедно со дијаспората, што исто така не е премногу среќно решение), кој, пак, се пресметува со (за малите и неразвиени демократии како македонската) уште понесреќниот Донтонов метод (според белгискиот математичар Виктор Д’Онд), кој ги форсира големите партии, односно коалиции.

Овој метод на распределба на парламентарните мандати е малку модифицирана верзија (ама, многу малку) од таканаречениот Џеферсонов метод што се применува при пресметување на резултатите на американските избори. Разликата е во тоа што во САД се води сметка за наводна правична застапеност на државите што се во нејзин состав, а во европската варијанта за правичната застапеност на партиите.

Сепак, на крајот сѐ добро ќе заврши. Ако не заврши добро, тоа значи дека не било крај

Како и да е, резултатите се такви какви што се. На пример, во САД Доналд Трамп ќе освои убедлива победа со помал вкупен број гласови од неговата противкандидатка. Или, на пример, на изборите во 2011 година ВМРО-ДПМНЕ (поточно коалицијата што ја предводи) ќе освои безмалку 39 проценти од гласовите, односно 56 пратеника (од можни 123), а СДСМ безмалку 33 проценти, односно 42 пратеника. Но, што е тука е. Правилата се однапред зададени и познати, само што играта повеќе не е игра.

И што ќе се случи ако постојната, до срж криминализирана гарнитура остане на власт? Ништо особено. Ќе продолжиме како и во последната деценија: без судство, со партизирана администрација, со паушални закони, со извршители над глава, без медиуми, без достоинство и без слобода. Веројатно навикнавме и веројатно не знаеме дали слободата ќе знае да пее како што робовите пееја за неа, што би рекол Бранко Миљковиќ.

Сепак, на крајот сѐ добро ќе заврши. Ако не заврши добро, тоа значи дека не било крај.