Вести

Коњановски: Во РЕК се горел несоодветен увезен јаглен

ЕСМ со потврда на наодите на БИРН дека од Албанија се увезувал јаглен со аномалии

Ова е доказот за тоа каков јаглен се увезувал за РЕК Битола, рече Зоран Коњановски, новиот директор за производство на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), држејќи скаменета материја во раката, на денешната медиумска посета на рудниците за јаглен Суводол и Брод-Гнеотино што ги организираше државната енергетска компанија.

Коњановски додаде дека парчето што го покажа пред медиумите е дел од наслагите што биле извадени од третиот блок на РЕК, а што таму се налепиле поради употребата на увезен битуменизен јаглен, несоодветен на технологијата на комбинатот.

Наслагите биле во висина до 13 метри и три месеци морало да се отстрануваат со минирање и со рударска опрема, со што се довела во ризик и статиката на блокот.

„Обвинителството треба да се заинтересира за ова, а ние ќе поднесеме пријави за оваа и за други состојби во РЕК“, рече Коњановски.

БИРН, во 2023 година, пишуваше, повикувајќи се на повеќе независни извори, дека со увезениот јаглен од Албанија се увезле и аномалии, поради кои блокот 3 не работеше или отежнато функционираше во првите месеци од таа година.

Тогашното раководство на ЕСМ, за БИРН, одговори дека неработењето се должи на „сервисни активности на опремата“ и негираше дека има какви било оштетувања поради изборот на јаглен што се согорува.

На социјалните мрежи и во приватна комуникација на интернет, пак, се споделуваа фотографии за кои се велеше дека се од наслаги и од оштетувања во блокот, а до дел од нив дојде и БИРН.

Увозот на јаглен беше дел од политиката на претходните енергетски власти од 2022 година, како одговор на енергетската криза. Планот беше целосно да се задоволи пазарот на електрична енергија со домашно производство, односно наместо да се увезува струја, да се купува јаглен од Албанија и од Грција и со тоа термоцентралите во земјава да работат со полн капацитет.

БИРН, во август 2022 година, објави дека на две од трите компании што беа избрани за да увезуваат јаглен за РЕК Битола, и добија бизнис вреден девет милиони евра, косопственик беше исто лице – извесен Аљибер Ибраими од тетовска Мала Речица.

Едната, наречена „Куантум солушнс“, била формирана ден пред да се распише тендерот, а другата, „Енергија икс“, се регистрирала додека повикот течел. Тие беа формирани со влогови од по пет илјади евра, немаа вработени, освен управителите, и немаше информации со каква опрема располагаат. На нивните регистрирани адреси во Скопје немаше никој.

БИРН, со барање за пристап до информации од јавен карактер, ги побара договорите со двете фирми и целата тендерска документација, но од ЕСМ немаше никаков одговор.

Во 2019 година, пак, пишувавме и за бизнисот со ископување јаглен што го прават приватни фирми за РЕК Битола, дел од кои имаа и политички врски. Една недела откако се објави истражувањето, тогашниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека компанијата ќе купи своја опрема, за да заштеди пари.

Новиот директор на РЕК Тони Петрушевски, на денешниот настан рече дека пред три години била набавена опрема како камиони, багери и друго, која не се користела, и наместо тоа, копањето јаглен продолжиле да го вршат приватниците. Тој додаде дека опремата ќе се стави во употреба и очекува со тоа за една третина да се намали потребата од ангажирање приватни фирми во рудниците.