Ист текст, од првата до последната буква, објавен на два различни портали. Ист е и насловот, а употребена е и истата фотографија за илустрирање. Кој од кого украл? Чии авторски права се прекршени? Ниту некој неовластено презел содржини, ниту повредил некакви права. Едноставно – порталите се во сопственост на истата фирма, ги уредуваат истите луѓе, па содржините што ќе се подготват се објавуваат на две или на повеќе места.
Групирањето портали под една фирма или еден кров е тренд во македонскиот медиумски простор повеќе години, уште откога онлајн-медиумите станаа значаен фактор во информирањето. Го има во различни форми – од фирми што поседуваат повеќе медиуми на кои речиси без исклучок објавуваат идентични информации, до групации чии портали имаат различни или специјализирани содржини, кај кои повремено се среќаваат дуплирани објави.
Но, што се постигнува со тоа? Според комуникациските и технолошките експерти што ги консултиравме, на овој начин компаниите се обидуваат да измамат одредени алгоритми и да постигнат засилувачки ефект со содржината што ја објавуваат, односно таа да се прикаже на повеќе луѓе.
Од друга страна, тоа им служи и во маркетингот, да им понудат на огласувачите рекламирање на повеќе портали. Не е за потценување и можноста што им ја нудат изборните кампањи, бидејќи имаше случаи кога фирма со четири портали од државата наплатила четири максимални суми за партиските предизборни реклами.
Откога се донесе решението државата од буџетот да ги плаќа медиумите за изборните реклами, се постави законски максимум колку тие може да наплатат. Овој плафон за еден портал е 15.000 евра, но бидејќи нема ограничување колку портали може да има една фирма, максимумот се умножува со секој нов регистриран домејн.
Од Белизе до Крива Паланка
Меѓу основоположниците на овој тренд во Македонија беа компаниите Ем Медиа и Прва Република, своевремено инвестиции од Белизе. Ем Медиа и денес стои зад Курир.мк, Економски.мк, Вистина.мк, Здравство.мк и Денешен.мк, а Прва Република ги има Пресингтв.мк и Република.мк. И Ем Медиа и Прва Република се во доминантна сопственост на иста компанија – Адинамик медиа на унгарката Агнеш Адамик.
Имаше период кога истата новинарска екипа ги уредуваше порталите Локално.мк и Стандард.мк, двата во сопственост на компанијата Нет Медиа, и тие во минатото ги дуплираа содржините. Но, тоа веќе не е случај.
Меѓу најпознатите групации чии портали објавуваат идентични содржини на повеќе портали се Скајпресс од Ресен и Ултимејт Иновејшн од Крива Паланка. Ресенската фирма порано имаше повеќе портали – Центар.мк, Вестиплус.мк, Скај.мк и Преспаскај.мк. Последните два веќе не функционираат, а Центар.мк и Вестиплус.мк, иако се идентични, сега се раководени од две фирми на иста адреса, и заедно ги наплаќаат изборните реклами. Кривопаланечката Ултимејт Иновејшн објавува идентични содржини на Граѓанскизбор.мк и Ипортал.мк.
Познат е и примерот со тетовецот Рами Мислими, поранешен вработен во Општина Тетово, кој ги поседува порталите тетовасот.мк, билд.мк, индекс.мк и тс.мк, и благодарение на нив, на минатите локални избори наплати 70.600 евра од Државната изборна комисија зашто објавуваше реклами на ДУИ.
Продукцијата Шорткат, во сопственост на Џабир Дерала, првиот човек на невладината организација Цивил, го зголемува бројот на портали со кои раководи. Почна со Фронтлајн.мк, потоа го презеде и Нова.мк, а неодамна го отвори и Градска.мк. Освен тоа, и порталот основан од невладината, цивилмедиа.мк, објавува информативни содржини. Некои содржини, пред сѐ, колумни се објавуваат на повеќето од нив.
Маркетиншки метод за вирализација на вестите
Најголемиот светски пребарувач Гугл ги индексира пониско порталите со дуплирани содржини, односно ги прикажува на помалку интернет-корисници во споредба со оние со единствени содржини. Тоа оди до таму што им прави проблем на разни немедиумски компании што имаат потреба на повеќе места да ја објават истата информација, па на интернет се рекламираат консултанти што ги учат како да го избегнат дуплирањето или негативните последици од него.
Но, кај некои агрегатори за вести може да има обратен ефект – алгоритмот да препознае дека повеќе медиуми објавиле некоја содржина и да помисли дека е важна, па да ја стави меѓу првите.
„Ваквите онлајн-објавувачи формираат своевидни „медиумски кластери“, кои координирано дистрибуираат и редистрибуираат информации. На тој начин, овие информации, користејќи тактика слична на рекламите, за омнипрезентност, т.е. максимизирање на присутноста во вестите, се обидуваат да креираат вирален ефект и да доминираат врз другите информации“, вели, за БИРН, комуникологот Сеад Џигал.
Според Џигал, мултипликацијата на исти содржини, со цел привлекување внимание, дојде со подемот на онлајн-медиумите и на социјалните мрежи и целта е да се привлече вниманието на што поголем број корисници. Тоа е сѐ уште „копи-пејст“ новинарство, додава тој, односно целосно преземање содржини од едни портали на други, а единствената разлика е што не се земаат туѓи информации неовластено, туку своите се умножуваат во информативниот онлајн-простор – плански и договорено. Како што објаснува Џигал, на тој начин се наметнуваат информациите, така што каде и да отвори корисникот, може да налета на некоја од идентичните објави.
„Социјалните мрежи потоа се користат за засилување на ефектот на присутноста и редистрибуцијата на овие информации. На одреден начин, тоа е обид некои маркетиншки тактики за вирализација на онлајн-содржини да се применат врз вестите“, додава комуникологот.
Игор Трајковски, сопственикот на агрегаторот Тајм.мк и експерт за информатички технологии, вели дека умножувањето содржини може да има ефект, но не секаде.
„Кај некои агрегатори на вести, тоа може да има ефект, така што ќе им ја подигнат содржината погоре, затоа што ја препознале како важна тема што ја објавуваат различни портали. На Тајм.мк тоа не функционира, бидејќи тој ги препознава дуплираните содржини и ги спушта подолу“, вели Трајковски.
Кога е во прашање етичкиот аспект на новинарската работа, овој феномен, според Џигал, е на самата граница и повеќе натежнува кон пропаганда. Во суштина, станува збор за медиуми што градат имиџ на групации, иако се управувани од еден центар и работат со капацитети за една редакција.
Сето тоа го креира парадоксот „повеќе медиуми, помалку информации, а секако и помалку новинарство“.