Специјалното обвинителство на Косово, поднесе обвинение против лице од српска националност, за воени злосторства во Пеќ, во 1999 година, при што биле убиени 33 албански цивили.
Осомничениот, кој веќе е во притвор, а кого српската влада го именува како Зоран Ѓокиќ, е обвинет за воени злосторства извршени врз цивили во Пеќ, во март и во април 1999 година.
Според обвинението, обвинетиот, заедно со организирана криминална група на лица од српска националност, облечени во воени, полициски и паравоени униформи, извршил воени злосторства, при што биле убиени 33 цивили, Албанци.
„Обвинетиот З. Ѓ. во март и во април 1999 година, во населбата Кристал во Пеќ … предизвикал страдање, повреда на физичкиот/менталниот интегритет, заплашување на незаштитеното цивилно население, убиство, грабеж на граѓанин или на место, и наредил раселување на цивилното население или на одредени цивилни поединци, кои директно не учествувале во конфликтот“, се вели во соопштението на Специјалното обвинителство на Косово.
Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, соопшти дека Ѓокиќ бил уапсен на 1 февруари на граничниот премин Јариње меѓу Србија и Косово, поради сомнение дека извршил воени злосторства.
„Косовската полиција првично два часа го држела на преминот, а потоа, со вооружена придружба, го спровела во Пеќ, додека неговото дванаесетгодишно дете морало да биде сведок на тоа малтретирање, а потоа и само да го продолжи патот кон Косовска Митровица”, соопштија од Канцеларијата.
Во соопштението се додава дека Ѓокиќ е раселено лице од Пеќ и дека неговото апсење е „уште една потврда дека Приштина нема намера да се откаже од кампањата на заплашување на српското население во Косово и Метохија, со злоупотреба на т.н. тајни списоци на осомничени за воени злосторства”.