Регион

Лавров: Хашкиот трибунал треба да се затвори

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), требало одамна да биде затворен, бидејќи бил пристрасен и против Србите.

Маја Живановиќ, Белград

RСергеј Лавров. Фото: Викимедиа/Стејт департмент.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во понеделник изјави дека МКТЈ требало одамна да биде затворен, бидејќи „ја докажал својата пристрасност и едностраност“, објави руската новинска агенција Спутник.

„Околу 80 отсто од случаите, според мое мислење, беа иницирани против Срби. Случаите што беа покренувани против другите националности, често пропаѓаа“, рече Лавров, говорејќи на Светскиот форум на млади и студенти во Сочи.

Лавров како пример го наведе сегашниот косовски премиер и поранешен командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рамуш Харадинај, кого МКТЈ во 2012 година го ослободи од обвиненијата за воени злосторства.

Тој истакна дека Харадинај не требало да биде ослободен.

„Сите повикани сведоци или исчезнаа или одбија да сведочат“, додаде Лавров.

Досега, пред МКТЈ, се осудени 83 лица, главно од Босна и Херцеговина, од кои значителен процент босански Срби.

Во февруари 1993 година, Русија гласаше за резолуцијата 808 на Советот за безбедност на ООН, за формирање на меѓународен трибунал пред кој ќе се судат воените злосторства извршени во конфликтите во поранешна Југославија.

Мандатот на МКТЈ завршува кон крајот на оваа година, а предметите што ќе преостанат, ги презема Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ).

Во декември 2010 година, Русија се воздржа од гласање за Резолуцијата 1966 на Советот за безбедност на ООН, за формирање на ММКТ.

Ова не е првпат Лавров да повика на затворање на Хашкиот трибунал.

Во април 2016 година, тој оцени оти овој суд „е политизиран“, а како пример за тоа, тој, и тогаш, го наведе ослободувањето на Харадинај.

МКТЈ е првиот трибунал за воени злосторства што ООН го формирал и првиот меѓународен трибунал за воени злосторства по Нирнберг и Токио. Пред него, во период од над две децении, сведочеле речиси 5.000 сведоци и биле одржани околу 11.000 дена судење.

МКТЈ подигна обвиненија против 161 лице, главно високи претставници на државниот, воениот или полицискиот апарат.

Во историјата, тој ќе замине како прв суд кој обвини претседател на држава за геноцид и други злосторства, иако поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ почина во 2006 година, пред да му биде изречена пресудата.

Објавено и на Балканска транзициска правда