Поранешните челници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) имаат главна улога во тековната изборна кампања во Косово, и покрај можноста некои од нив да бидат процесирани од страна на новиот суд за воени злосторства
Пишува: Дие Морина, Приштина
Доколку во недела, како што се очекува, на парламентарните избори во Косово, највеќе гласови освои политичката коалиција составена од тројца поранешни лидери на ОВК, тоа ќе значи дека во наредниот период, политичкиот живот на Косово ќе го водат поранешни припадници на ОВК, велат аналитичарите.
Коалицијата е составена од Демократската партија на Косово (ПДК), која ја предводи Кадри Весели, Алијансата за иднина на Косово (ААК), на чело со Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма), чиј лидер е Фатмир Лимај. Сите тројца имаа важни улоги во војната.
„Главните личности на ОВК веќе неколку години се во политиката и речиси станаа експерти за изборни кампањи“, изјави за БИРН, Незир Краки, професор по политички науки на Универзитетот Париз-Ест.
Оваа коалиција за прв пат обединето настапува на избори.
Меѓутоа, како што вели Краки, личности од војната се присутни и во други партии и коалиции.
„Воените личности се и понатаму најбезбедна врска со политичкиот континуитет кои тие го креираа во мирнодопски услови, некои директно придонесувајќи, а некои, кои не можат да се кандидираат, со индиректен придонес кон кампањите во изборниот процес, лобирајќи за одредено ‘воено крило’“, коментира за БИРН, Бехлул Беќај, политички аналитичар од Приштина.
Тој истакнува дека „некои поранешни воени личности, кои по војната ги оствариле своите предвоени цели, се трансформирале во партиски спонзори“.
Од друга страна, Краки нагласува дека актуелизацијата на воените прашања во кампањата, служи исклучиво за изборни цели.
„Денес е вообичаена воената реторика, особено на Балканот, и, како во Косово, така и во соседните земји, се користат симболи и нешта кои би требало да инспирираат национални чувства“, додава тој.
Меѓутоа, за време на кампањата, кандидатите не коментираа многу во врска со новиот специјален суд со седиште во Хаг, пред кој наскоро ќе бидат поднесени обвиненија против некои поранешни припадници на ОВК, за злосторства извршени за време и непосредно по војната.
Според гласините, обвинети би можеле да бидат и некои од водечките косовски политичари.
За време на кампањата, Лимај изјави дека парламентот згрешил што гласал за формирање на овој суд, иако пратениците својот глас го дадоа после многу одложувања, бурни дебати и протести, како и силни притисоци од ЕУ и од САД.
„Специјалниот суд само ќе предизвика потешкотии во изградбата и промовирањето на Косово. Парламентот постапи погрешно, кога гласаше за овој суд“, изјави Лимај за ТВ Клан Косово.
На Лимај досега неколкупати му е судено за воени злосторства и во сите случаи е ослободуван од обвиненијата.
Во мај оваа година, Врховниот суд на Косово го ослободи од обвинението со кои се теретеше за воени злосторства извршени над цивили и воени затвореници во импровизираниот затвор Клечка, за време на конфликтот кон крајот на 90-тите години.
И Хашкиот суд, во 2005 година, го ослободи Лимај од обвинението за воени злосторства извршени над Срби и Албанци, кои биле осомничени за соработка со Србија.
Во јануари оваа година, повторно му е судено за воени злосторства, односно за убиство на двајца цивили, косовски Албанци, извршено во октомври 1998 година, при што се изјасни за невин.
И неговиот коалициски партнер, кој коалицијата планира да го назначи за премиер доколку победат на изборите, Харадинај, беше два пати ослободуван од Хашкиот трибунал, од обвиненија за воени злосторства извршени во конфликтот во Косово.
Меѓутоа, Србија и понатаму сака да му суди на Харадинај, поради наводни воени злосторства. Тој, врз основа на потерница од Србија, во јануари беше уапсен и притворен во Франција, која на крајот го ослободи.
Албин Курти, еден од водечките лица на партијата Самоопределување (Ветевендосје), изрази сомнеж дека пред новиот суд, наскоро, ќе бидат подигнати обвиненија.
„Скептичен сум во врска со Специјалниот суд…наскоро поминуваат две години откако е покренато ова прашање и можеби ќе има и многу други (прашања) пред судот да почне со работа“, изјави Курти.
Новиот суд, кој ќе функционира како дел од косовскиот правосуден систем, чие седиште е во Хаг, не е многу популарен во Косово, затоа што се смета дека ја минимизира војната што ја водеше ОВК против српските сили.