Регион

Србија реагираше на инсистирањето на Трибуналот за екстрадиција на радикалите

На инсистирањето на Хашкиот трибунал, Србија да го исполни барањето за екстрадиција на тројцата членови на Српската радикална партија, властите во Белград со одговор дека случајот е затворен.

Маја Живановиќ, Белград

Претседателот на Хашкиот трибунал, на 7 мај, се обрати пред Советот за безбедност на ООН. Фото: МКСЈ

Откако оваа недела, претседателот на Хашкиот трибунал побара од Советот за безбедност на ООН да преземе акција, со која конечно ќе се обезбеди апсење на тројцата членови на Српската радикална партија, СРП, од страна на Белград, во четврток, српското Министерство за правда одговори дека Вишиот суд во Белград, веќе има донесено одлука за нивна неекстрадиција.

Министерството за правда, објаснува дека во октомври 2016 година, оваа институција добила „доверлив“ налог за апсење и притворање на членовите на СРП, Вјерица Радета, Петар Јојиќ и Јово Остојиќ, кои Трибуналот ги бара поради непочитување на овој суд.

„Министерството ја достави оваа документација до Вишиот суд во Белград, односно до Одделот за воени злосторства. Во средината на октомври 2016 година, овој суд го даде своето мислење, според кое во овој случај не постои основа за преземање на акција во рамките на надлежностите на овој суд, со оглед на правосилната и извршна одлука на Вишиот суд во Белград, односно на Одделот за воени злосторства, од мај 2016 година“, стои во писмениот одговор до БИРН, од ова министерство.

Да потсетиме, Вишиот суд во Белград, во мај минатата година, донесе одлука според која Србија нема обврска да ги екстрадира Радета, Јојиќ и Остојиќ во Хаг, бидејќи законската обврска се однесува само на екстрадиција на обвинети за најсериозни воени злосторства, за геноцид и злосторства против човештвото.

Тројцата членови на СРП се обвинети за заплашување на сведоци, на судењето на нивниот лидер, Воислав Шешељ, кој минатата година беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства. Неговиот случај сега е во жалбена постапка.

Радета е пратеник во Собранието на Србија, како и нејзиниот лидер, Шешељ

На почетокот на 2017 година, Интерпол издаде црвена потерница по обвинетите.

Претседателот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Кармил Агиус, во средата, пред Советот за безбедност на ООН, изјави дека ова тело мора да дејствуваат, за да се спречи неисполнувањето на обврските што Србија ги има кон овој суд за воени злосторства.

Агиус истакна дека Белград не ги исполнил своите обврски во согласност со Статутот на Трибуналот и одбил да ги спроведе налозите за апсење на тројцата членови на СРП, обвинети за непочитување на судот.

„Советот за безбедност има капацитет да одговори на ова прашање и затоа е неопходно да преземе решителни чекори во оваа насока”, додава тој.

Истиот ден, во своето обраќање, српскиот заменик министер за правда, Чедомир Бачковиќ, одговори дека „Србија јасно и недвосмислено ја покажала својата посветеност кон борбата против неказнивоста за најтешките злосторства и соработката со МКТЈ“.

Бачковиќ додаде дека Србија досега на Хаг му предала 45 од вкупно 46 обвинети за воени злосторства кои Хаг ги барал, бидејќи еден од нив извршил самоубиство пред да биде предаден на Трибуналот.

„Ниту една друга земја нема ни блиску предадено волкав број на високи функционери, како што тоа го направи Србија, што е јасен доказ дека Србија му е посветена на процесирањето на воените злосторства“, додаде тој.

Тројцата радикали изјавија дека никогаш нема доброволно да му се предадат на Хашкиот трибунал, за да се соочат со обвиненијата.

Шешељ, исто така, одби да се врати во Хаг, откако во 2014 година беше привремено ослободен поради лекување. Тој не беше присутен на изрекувањето на пресудата во Хаг.

Мандатот на МКТЈ завршува кон крајот на 2017 година.