Регион

Мостар подготвен за концертот на Томпсон

Хрватскиот националистички пејач, Марко Перковиќ Томсон, чии концерти се забранети во Европа, ќе одржи концерт во поделениот по национална линија град Мостар, во знак на поддршка на шестмина функционери на босанските Хрвати, на кои им се суди за воени злосторства.

Пишува: Свен Милекиќ, Мостар

Плакат за концертот на Томпсон. Фото: БИРН/Свен Милекиќ

Иако постои загриженост дека поради концертот што Томпсон ќе го одржи во четврток вечер, може да дојде до зголемување на тензиите во Мостар, кој во голема мера е поделена меѓу Хрватите и Бошњаците, досега нема информации за можни инциденти во овој град.

Концертот на Томпсон се одржува во знак на поддршка на шест поранешни генерали и политичари на босанските Хрвати, лидери на самопрогласената воена Хрватска Република Херцег-Босна, кои пред Хашкиот трибунал чекаат да им биде изречена конечна пресуда по обвиненијата за воени злосторства извршени над Бошњаците, во периодот помеѓу 1992 и 1994 година.

Хашкиот трибунал во 2013 година ги осуди на вкупно 111 години затвор. Нивниот предмет сега е во жалбена постапка.

Концертот на Томпсон ќе се одржи на градскиот стадион, кој го користи фудбалскиот клуб Зрињски. Зад организацијата на концертот стојат хрватскиот Сабор, партиите на босанските Хрвати и здружението „Хрватско срцето на надежта”, невладина организација која ги промовира Хрватите во БиХ.

Освен постери и комбиња кои преку разглас го најавуваа концертот, поголеми реклами за овој настан во градот, нема. Тој главно се рекламира преку медиумите и социјалните мрежи.

Забрана на концертот побараа неколку невладини организации, пред се оние кои ги претставуваат поранешните воени затвореници и некои политички партии, како што се Социјалдемократската партија (СДП) и Партијата за демократска акција (СДА).

Тие се повикуваа на фактот дека концертите на Томпсон се забранети во Европа, последен пат во словенечкиот град Марибор, бидејќи Томпсон се поврзува со профашистичкото усташко движење.

Томпсон во неговата песна од 1991 година, „Чавоглаве”, го употребува усташкиот слога „За дом спремни”, додека изведбата на песната „Јасеновац и Градишка стара” (имиња на усташки логори во Втората светска војна), во 2009 година, во која се величат усташите, предизвика незадоволство во Хрватска и во регионот.

Невладините организации и политичките партии кои бараа забрана на концертот, потенцираа дека Томпсон, во својата популарна патриотска песна „Убава си”, која неодамна на официјален настан во Загреб ја пееше целиот хрватски политички врв, ја величи Херцег-Босна.

Кафуле во центарот на Мостар, во четврток наутро. Фото: БИРН/Свен Милекиќ

Во ноември 1991 година, кога избувна војната во Хрватска (а пред почетокот на војната во БиХ), босанските Хрвати ја формираа Хрватската заедница Херцег-Босна, како посебна територија под контрола и покровителство на Хрватска. Во август 1993 година, таа беше прогласена за република, иако никогаш не беше призната, ниту на меѓународно, ниту на интерно ниво.

На почетокот, нејзините вооружени сили, наречени Хрватски совет на одбраната (ХВО), заедно со Бошњаците се бореа против босанските Срби и Југословенската народна армија (ЈНА).

Меѓутоа, кон крајот на 1992 година, започна конфликт меѓу Хрватите и Бошњаците, во кој и на двете страни беа извршени сериозни воени злосторства. Конфликтот заврши со посредство на САД, со потпишување на Договорот од Вашингтон, во март 1994 година.

Затоа, невладината организација од Мостар, „Деца на војната”, најави дека ќе организира протест во центарот на градот, во близина на седиштето на градоначалникот. Но, полицијата го забрани нивниот собир, со образложение дека протестот може да доведе до насилство, поради што ова здружение го откажа протестот.

Голем број жители на Мостар, на нашето прашање што мислат за концертот на Томсон, не сакаа да го дадат своето мислење, нагласувајќи дека или не се заинтересирани, или дека не знаат ништо за тоа.

„Воопшто не ме засега ова прашање”, ни рече еден средовечен човек, кој не сакаше да го каже своето име, додавајќи дека тој сака да „остане надвор од секаква политика.”

„Сето ова се глупости, на кого му треба ова? Знам дека на концертите на Томпсон се присутни усташи и поддржувачи на НДХ (профашистичката Хрватска Независна Држав). Се прашувам, на кого му треба повторното отворање на овие прашања?“, додаде тој.

22-годишниот студент Мехмед, за БИРН изјави дека смета оти концертот во Мостар не треба да се одржи, додавајќи дека е против забраната на протестите, „затоа што правото на протест е едно од основните демократски права”.

Пензионерот Антонио (69), за БИРН изјави дека „не е ниту за, ниту против концертот”.

„Кој сака да оди, нека оди”, вели тој, додавајќи дека не одобрува забрани, бидејќи тие „само предизвикуваат поголеми проблеми”.

Потенцира оти не се согласува ниту со одлуката на градот, да ги забрани протестите против концертот.

Објавено и на Балканска транзициска правда