Регион

Љубиша Беара избра ‘зло’, вели авторот на романот за Беара

Омразата, национализмот и лојалноста кон Ратко Младиќ, направија, полковникот на Војската на Република Српска (ВРС), Љубиша Беара, да стане клучен организатор на масакрот во Сребреница, смета новинарот Ивица Ѓикиќ, кој напиша роман за овој неодамна починат осуденик за воени злосторства.

Пишува: Драгана Ерјавец, Сараево

Ивица Ѓикиќ

Во пресрет на одбележувањето на 22-годишнина од масакрите извршени на 11 јули во Сребреница, Ѓикиќ, автор на романот „Беара”, во интервју за БИРН вели дека решил да ја напише оваа книга, за да се обиде да утврди кои биле мотивите на луѓето како Беара, во 1995 година, да го „наредат и извршат геноцидот” над Бошњаците од Сребреница.

„Во книгата не е буквално ништо фикција, имагинарно, или измислено … Оваа книга е потрага по одговори, бидејќи ми се чини дека одговорот не е еднодимензионален и едноставен”, објаснува Ѓикиќ.

„Она што го знам е дека Беара избрал зло и многу елементи влијаеле на таквиот негов избор – фасцинацијата со Ратко Младиќ, чувството на одговорност кон него, како и националистичкото докажување и омраза”, вели тој.

Поранешниот началник за безбедност на Главниот штаб на ВРС, Љубиша Беара, почина во затвор во Берлин во февруари оваа година, каде што одлежуваше доживотна затворска казна, на која го осуди Хашкиот трибунал.

На прашањето, зошто токму Беара, од сите лица кои биле вклучени во злосторствата, го става во центарот на романот, Ѓикиќ, вели дека сакал да ги истражи мотивите на „главниот технолог на геноцидот”.

„Додека го пишував романот ми беше и мачно, и тешко, тажно и вознемирувачки, емоциите ми се менуваа од бес до сожалување”, вели Ѓикиќ, кој е роден во Босна и Херцеговина. Тој во 90-тите години работел како новинар за независниот хрватски неделник „Ферал трибјун“, а денес е новинар во загрепскиот неделник „Новости“. Автор е на уште два романа.

„Разбирам дека на многумина им е неприфатливо, за оние кои го извршиле геноцидот во Сребреница да се зборува како за луѓе, а не исклучиво како за монструми, да се раскажува за нивните семејни прилики, слабости и доблести. Го разбирам тој став, но вистината е дека Беара и сите други учесници во геноцидот во Сребреница, беа – луѓе, а не еднодимензионални чудовишта“, нагласува Ѓикиќ.

Сенката на геноцидот

Според него, специфичноста на романот „Беара” е ставањето на поголем акцент на злосторниците и техниката на извршувањето на злосторството, отколку на жртвите или на меѓународната заедница, која, како што додава, со погрешни потези го овозможола геноцидот во Сребреница.

„Сребреница, според мое уверување и разбирање на светот и животот, е најважната тема на нашето време, особено за нас кои живееме тука”, додава тој.

„Без оглед на општествениот и политичкиот контекст, геноцидот врз Бошњаците засекогаш ќе стрчи над овој простор, како предупредување, што се обичните луѓе подготвени да направат, кога за тоа ќе се создадат соодветни политички, идеолошки и општествени околности”, вели Ѓикиќ.

Тој информира дека на книгата, која што беше објавена во 2016 година, работел речиси една деценија и дека поголемиот дел од материјалот го пронашол во архивите на Хашкиот трибунал.

Останатите документи ги наоѓал во книги, статии од весници, а разговарал и со луѓе што го знаеле Беара уште пред војната.

Самиот Беара, како и членовите на неговото семејство во Белград, сепак, не сакале да зборуваат со Ѓикиќ.

Ѓикиќ истакнува дека кон Беара никогаш не се поставил како судија, туку дека за него, пишувањето на книга за Сребреница, било начин да се соочи со геноцидот.

Истражувајќи го геноцидот во Сребреница, вели Ѓикиќ, она што најмногу го поразило било сознанието дека меѓу сторителите „немало отпор кон намерата да ги убијат сите заробени Бошњаци”, и дека речиси никој не одбил да учествува во убиствата.

Негирањето на геноцидот го опишува како нешто „погрешно и инфантилно”.

„Фактите нема да исчезнат, ако ставите рака преку очите, за да не ги гледате. Политичките и интелектуалните елити, досега требаше да научат дека негирањето или релативизирањето на геноцидот и злосторствата, се производ на долгорочна несреќа, пред сѐ на сопствениот народ и продолжување на животот во омраза“, заклучува Ѓикиќ.