Кој му јави на министерот за правда како гласале судиите за притворот на Сашо Мијалков, кога, освен нив, друг не би смеел да го знае тоа?
На Фејсбук, првиот човек на Правда, директно со име и со презиме повика двајца од тројцата судии во судечкиот совет, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои одлучуваа во предметот, да објаснат зошто гласале за ексшефот на тајната полиција да се пушти од притвор за предметот „Трезор“, каде што неправосилно е осуден на осум години затвор.
И тоа не му е првпат. Видовме една слична таква епизода кога на ТВ дебата, министерот објави дека апелацискиот суд ја преиначил одлуката за сообраќајката кај Млечен ресторан. Бидејќи ова е втор ваков случај, природно е прашањето дали е на дневна линија министерот со скопска Апелација?
Но, она што дополнително е проблематично во последниов случај е што министерот (свесно) не ја спомна третата судијка во советот, Тања Милева. А тоа значи само едно – дека тој точно знаел како гласале судиите, а излегува дека гласале 2-1. Тоа подоцна го потврдија и медиумите, кои известија дека единствено третата судијка Тања Милева гласала со издвоено мислење.
Не само Бојан Маричиќ, попладнето и СДСМ на прес-конференција ги повика двајцата судии што гласаа „за“ Мијалков да излезе од Шутка, да објаснат како оцениле дека „не постои ризик од бегство“.
Но, СДСМ и министерот како да забораваат дека посочениот судија Ристов немаше да биде избран да ја немаше поддршката и на партиски номинираните членови на Судскиот совет.
Доволно е да се прочита записникот од седницата во 2019 година, каде што пишува дека буквално сите 12 членови на Судскиот совет (и судиите во советот и оние што ги назначија партиите и претседателот на државата) не штеделе пофални зборови.
Нецели две години потоа, истиот тој совет, со козметички промени во составот, ја информира јавноста дека ќе разгледува како судијата, за кого пред две години не можеле да ги дособерат фалбите, одлучил вака „непријатно да ги изненади“.
Истиот судија му изрече опомена на ексградоначалникот на Шуто Оризари од СДСМ за нанесување телесна повреда. Не е регистрирано дека тогаш Маричиќ праша зошто казната е толку мала.
Вториот судија што се најде на „ѕидот на срамот“ е Енвер Беџети, кој гласал во судечкиот совет, кој ја укина пресудата за Мијалков и другите обвинети во предметот на СЈО за изборни нерегуларности „Титаник 2“. Маричиќ тогаш не нè информираше како гласал судијата што вчера го повика.
Целата рашомонијада со пуштањето на Мијалков паѓа точно на една година кога во Владата се наредија министерот за правда и првите луѓе на Обвинителството и на Судскиот совет на прес за да ја претстават Методологијата за прочистување во правосудството.
Маричиќ, лани во декември рече дека врвен приоритет е враќањето на довербата во правната држава. Најави и „динамична проверка на работата на судиите“.
Една година по овој прес, министерот вели – довербата на граѓаните со вакви одлуки се урива. И во право е. Само прашањето за довербата не е насочено само кон судот.
Кога сме кај математиката, бројот на „прочистени“ обвинители од лани до денеска е нула. Кај судиите, само во последниот месец, Врховниот суд укина три решенија за разрешување судии.
Кога прочистувањето е статистика, а не темелна проверка на сработеното (што никогаш и ја немало), ќе се повторуваат вакви епизоди во кои јавноста одвреме-навреме ќе се скандализира.
Настрана од слаткоречивата приказна за „прочистувањето“, на социјалните мрежи се мултиплицираа коментари од каде му се на Мијалков 11 милиони евра за гаранција за имотот.
А логичното прашање е друго – каде беа државата, во прв ред Обвинителството, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање (со која патем раководи близок човек на премиерот во оставка) досега да го проверат потеклото на имотот што Мијалков го нуди?
Додека тоа не се случи, прашањето од каде му се парите во оваа ситуација е промашено, а имотот – чист и податлив за гаранција.
Судиите знаат кој е Мијалков. Тоа не е чичко Петре од Кучково, туку една од најмоќните фигури во државава и дека притворот е поради опасност од бегство, а не поради бегство. Чуму притвор кога веќе некој ќе избега?
Она што најмногу и со право ги разочара адвокатите е шарената судска пракса.
Секој адвокат чиј клиент добил волку висока затворска казна (и тоа не една, туку две неправосилни пресуди од 8 и 12 години затвор), ќе ви каже дека е речиси неверојатно некој да излезе од притвор додека пресудата не стане правосилна, па како гаранција да ја понуди и пола Македонија.
Згора на тоа, судиите знаат и дека во февруари Мијалков два дена беше „недостапен“, па се јави „од Македонија“ да нè потсети дека Обвинителството „си игра јалова потрага“, а тој самиот успева да изигра цел систем.
Уште едно прашање е дискутабилно: Што е поразлично од април годинава, кога беше одбиена гаранцијата од Мијалков од 11 милиони евра?
Само неколку часа откако „експлодираше“ веста за пуштањето на Мијалков на слобода, во соседната зграда до Апелација друг судечки совет се состана и експресно одлучи да му определи притвор во друг случај.
Да можеа вчера телефоните да раскажат како ќе постапи државата, во ургентниот обид да го задржи Мијалков во притвор, ќе ни стане јасно како се испишува оваа веќе традиционална „правосудна гротеска“.