Настан што се случи пред 75 години, овој викенд ги стави настрана пандемијата на корона вирусот, политичките скандали и претстојната рецесија на Балканот.
Имено, одбележувањето на 75-годишнината од убиствата на хрватските нацистички војници и цивили, што ги извршија партизаните на крајот од Втората светска војна во Блајбург, со миса во катедралата во Сараево, предизвика лути реакции низ целиот регион. Овој настан и оние што следеа по него, покажаа дека народите и луѓето на Балканот, сè уште се многу поделени кога станува збор за заедничката историја.
Но, и покрај сите реакции, мисата, како и протестната прошетка во која учествуваа околу 5.000 антифашисти, а која се одржа на само неколку стотици метри од сараевската катедрала, поминаа без ниту еден инцидент.
За многумина, целата оваа епизода беше уште еден проблематичен потсетник за нерешените и спротивставени идеолошки, религиозни, етнички и политички погледи, кои го прогонуваат регионот со децении, ако не и со векови.
Некои забележаа дека ова спорно прашање можеби е намерно исполитизирано и се користи како кампања на партиите пред изборите во регионот во наредните месеци. Во Хрватска и во Србија кон крајот на јуни треба да се одржат општи избори, додека во октомври се очекува да се одржат локални избори во Босна и Херцеговина.
Други го фалеа отсуството на насилство и присуството на воздржаност што постоеше за време на двата настани, како и за време на јавните дебати што им претходеа или што следеа. Во овие тешки и напнати времиња, едно многу контроверзно прашање може лесно да предизвика насилни протести во која било западна демократија, без оглед дали се тоа САД, Франција или Германија. Но, како што велат некои, спротивставените страни на Балканот останаа мирни и релативно цивилизирани во своите несогласувања.
Причини и последици
Комеморација во Блајбург, во 2017 година. Фото: Framnat.eu.
Годишната голема комеморација за жртвите од Блајбург, обично се одржува во Австрија, но истата беше откажана оваа година, поради ограничувањето на движењето воведено заради корона вирусот. Наместо тоа, се одржаа три миси, во Блајбург, Сараево и во Загреб.
Сепак, тензиите и јавното незадоволство поради мисата, не се неочекувани, со оглед на фактот дека ова е една од најспорните епизоди во историјата на поранешна Југославија.
По капитулацијата на нацистичка Германија на почетокот на мај 1945 година, десетици илјади хрватски пронацистички усташки и други колаборационистички единици, придружувани од илјадници хрватски и словенечки цивили, избегаа од партизаните во Австрија.
Плашејќи се од одмазда поради бројните злосторства извршени од усташите над Евреите, Србите, муслиманите, Ромите, но и Хрватите и другите кои му се спротивставиле на нацистичкиот режим низ целиот регион, тие се надевале дека ќе ѝ се предадат на британската војска, која била стационирана во близина на австриската граница.
Првата група, предводена од словенечките единици, се предала на британските трупи во близина на Клагенфурт на 14 мај 1945 година и таа била сместена во логор во близина. Другата група се обидела да се предаде на 15 мај, во близина на Блајбург. Но, групата била одбиена и била принудена да се предаде на партизаните.
Затворениците потоа биле префрлени во воени и работни логори. Процесот вклучувал масовни егзекуции и малтретирање, при што исчезнале десетици илјади луѓе.
Долги години, ова беше табу тема во Југославија, никогаш соодветно истражена, иако словенечките власти во повеќе наврати пронајдоа десетици масовни гробници во кои имало останки на илјадници луѓе. Сè уште постои расправија за точниот број на жртви, кој варира во зависност од изворот и се движи од 30.000 до 600.000 луѓе.
Овој настан во 70-тите го искористија хрватските националисти, кога во Југославија дојде до етнички тензии. Кон крајот на осумдесеттите, прашањето за убиените Хрвати во Блајбург стана камен-темелник на хрватското националистичко будење, додека злосторствата извршени од усташите и учеството на десетици илјади Хрвати во партизанското движење, беа минимизирани.
Речиси во исто време, Слободан Милошевиќ користеше историски погрешно толкување на битката со турските сили на Косовско поле одиграна во 1389 година, за на ист начин да го разгоре српскиот национализам.
Прашањето за Блајбург донекаде беше притаено за време на процесот на пристапување на Хрватска во ЕУ, но кога таа стана членка во 2013 година, тоа повторно се актуелизира.
Во 2016 година, хрватскиот парламент го обнови своето покровителство на комеморацијата во Блајбург, а во годините што следеа, на овие собири редовно се истакнуваа усташки симболи.
Австрија на крајот го забрани прикажувањето на два главни усташки симболи, додека католичката црква на Корушка во 2019 година го отфрли барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса за време на комеморацијата во Блајбург, објаснувајќи дека настанот се користи за промовирање на националистички идеи.
Заедничка историја, различни вистини
очетокот на протестната прошетка во близина на споменикот на антифашистите убиени од усташите. Фото: Недим Дервишбеговиќ.
Заживувањето на комеморациите во Блајбург, ја продлабочи повеќедимензионалната поделба што со децении постои во самата Хрватска, но и меѓу Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.
Од една страна, поделбата се одвиваше по идеолошки линии, помеѓу националистичкиот или фашистичкиот наратив од една страна и граѓанскиот, социјалистичкиот или комунистичкиот наратив од друга страна. Под оваа поделба, можеше да се види дополнителна малигна пукнатина, која се ширеше по етничка, верска и, на крајот, политичка линија и ги насочуваше бошњачките, хрватите и српските интереси едни против други.
Сите актери во оваа повеќеслојна драма често користеа слични пристапи – прикажувајќи се себеси како најголеми, ако не и единствени жртви, и обвинувајќи ги другите страни за повеќето злосторства, игнорирајќи ја сопствената одговорност и историските грешки.
Оваа година, во главниот град на Босна и Херцеговина, се одигра последниот чин на оваа драма, кој ги натера бошњачките и српските официјални претставници, како и бројни хрватски политичари и академици, па дури и Светскиот еврејски конгрес и нерезидентната израелска амбасада во БиХ, да се спротивстават.
Имено, тие беа на мислење дека мисата, што се одржуваше во сараевската катедрала, а која ја водеше кардиналот Винко Пуљиќ, служела за величање на сторителите на злосторствата на усташкиот режим. Претставниците на хрватската и на католичката црква возвратија на критиките, тврдејќи дека мисата се одржува од религиозни причини и без политичка заднина.
„На секоја невина жртва, ние ѝ должиме еднаква почит“, рече кардиналот Пуљиќ за време на службата. Поради пандемијата, настанот се случи во скоро празна катедрала пред неколку свештеници и избрани гости.
Во меѓувреме, недалеку од катедралата, неколку илјади луѓе се собраа на мирен антифашистички протест. Тие пееја партизански песни и извикуваа антифашистички пароли, обидувајќи се да задржат физичка дистанца поради пандемијата.
Многу критичари забележаа дека мисата е посветена „само“ на жртвите од мисакрот во Блајбург и дека не беа спомнати жртвите на усташкиот режим.
Сепак, многу од нив покажаа слични недостатоци во сопствениот пристап, бидејќи тие се фокусираа на злосторства извршени од усташкиот режим во Втората светска војна, игнорирајќи ги злосторствата на југословенскиот комунистички режим.
Некои аналитичари и медиуми забележаа дека и покрај нивните идеолошки, етнички или политички разлики, луѓето мирно „се согласиле дека не се согласуваат“.
„Сараево повторно покажа достоинство“, објави ден потоа, весникот „Дневни аваз“.
Заеднички интерес-поттикнување на тензии
Среде вжештената расправа во последното продолжение на драмата Блајбург, некои експерти посочија дека реакциите на некои хрватски официјални претставници и медиуми, сугерираат оти постои дополнителна мотивација за кавгата.
Хрватските власти, медиумите и експертите, најмногу ги насочија своите забелешки кон бошњачките власти и медиуми.
Вистината, сепак, и не е поинаква.
Иако неколку бошњачки политичари јавно негодуваа поради мисата во Сараево, нивните коментари беа смирени. Некои аналитичари посочуваат дека ова е разбирливо, со оглед на фактот дека за време на Втората светска војна, некои муслимани служеле во усташката војска и влада.
Дури и поглаварот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ, ги предупреди Бошњаците дека нивните критики не треба да бидат насочени кон католичката црква или кардиналот Пуљиќ.
Од друга страна, најострите критики доаѓаа од граѓански, а не етнички ориентирани функционери, јавни личности и медиуми, како во БиХ, така и во Хрватска.
Во меѓувреме, политизацијата на спорот околу комеморацијата, посочува дека балканските лидери – без оглед на етничката припадност или политичката ориентација – и натаму се подготвени да се играат со потпалувачките погледи на контроверзните настани, покажувајќи на тој начин заеднички интерес за поттикнување на етничките тензии во регионот.
Во последните четири децении, ова се покажа како најдобар рецепт за постојана победа на изборите, без оглед на влошените економски и социјални околности.
Всушност, политичките интереси се чини дека се едни од ретките работи што можат да ги обединат различните балкански идеолошки, етнички, религиозни и политички групи.
Среќко Латал е новинар, уредник и аналитичар кој ги следи случувањата на Балканот уште од 90-тите години. Мислењата изразени во овој текст се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.