Специјалното јавно обвинителство (СЈО) откри дека последниот тендер од еден милион евра за завршните работи за Музејот на ВМРО бил наместен. Станува збор за нова истрага на СЈО, со кодно име „Тендери“, во која првоосомничена, според информациите на БИРН е министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска. Освен неа, осомничени за злоупотреба на службената положба се уште три членови на комисијата за јавни набавки.
Според обвинителката Фатиме Фетаи, на 14 јуни 2011 година по телефон, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на раководното лице од фирмата Бетон – Штип, му кажала да ги работи завршните работи на Музејот на македонската борба, а дека тендерот ќе биде објавен подоцна.
Министерката, според СЈО, рекла дека сè е договорено за ниту една друга фирма да не може да го добие тендерот.
Огласот, според веб страницата на Бирото за јавни набавки, бил објавен на 17 јуни 2011 година, три дена откако Бетон – Штип веќе знаеле дека ќе го добијат тендерот.
И навистина, како што наводно било договорено, тендерот, на 5 август 2011 година го добива Бетон – Штип, за 1 милион евра, односно 62.480.543 денари, кога веќе фирмата наголемо работела на завршните работи на Музејот.
Се претпоставува дека на Министерството за култура му се брзало, со цел Музејот да биде отворен на 8 септември 2011 година, на 20-годишнината од независноста на Македонија, како што впрочем и се случи.
Од СЈО тврдат дека за осомничените нема да биде баран притвор, туку мерки за обезбедување.
Бетон Штип доби тендери од „Скопје 2014“ од над 54 милиони евра
Фирмата „Бетон – Штип“ е една од фирмите кои заработија најмногу од проектот „Скопје 2014“. Базата на податоци на БИРН, „Скопје 2014 под лупа“, покажува дека Бетон – Штип добила тендери во вредност од над 54 милиони евра, само од проектот на власта.
Само за Музејот на ВМРО оваа фирма заработила над 6 милиони евра, а најмногу тендери има добиено за Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во вредност од над 12 милиони евра.
До 2012 година, најголеми акционери во Бетон – Штип беа Илија Бреслиски, поранешен генерален директор на компанијата со 20 отсто од акции и приватниот инвестициски фонд од Хрватска НФД Капитал Ауреус со 18,3 отсто од акциите.
Тие ги продадоа своите акции во 2012, кога оваа градежна фирма доби нови газди – Орка Холдинг, контроверзната фирма „Ексико“, Тим ДОО и Езимит Инвест ДООЕЛ Штип.
Орка Холдинг е во сопственост на бизнисменот Орце Камчев а мистериозната „Ексико“ го крие сопствеништвото во Лугано, Швајцарија. Фирмата ТИМ ДОО е во сопственост на Дејан Панделески, кумашин на поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, а сопственик на Езимит ДООЕЛ е извесен Зоранчо Митровски.
Музејот на ВМРО – објект со најмногу склучени договори
Музејот на македонската борба е еден од најголемите потфати на Владата на ВМРО – ДПМНЕ за проектот Скопје 2014. Според склучените договори објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, изградбата на Музејот чини над 16 милиони евра, но, според бројот на склучени договори, тој е на првото место.
Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, за изградбата на Музејот се склучени 123 договори со правни и со физички лица, меѓу кои има и голем број анекси, непредвидени и дополнителни работи и останати договори кои од година во година ја зголемуваа цената.
БИРН веќе пишуваше дека за овој објект Министерството за култура набавувало фрижидери, комоди, машини за перење садови, монитори и мебел со цени повеќекратно повисоки од оние што ги има во продавниците.
Сепак, оваа истрага на СЈО која што допрво се отвора е прва која дава сомнежи за сериозни прекршувања на законите при изградбата на луксузниот проект на власта „Скопје 2014“.