Истражувањa

Наместо пари во буџетот, пари од буџетот за обвинетите функционери

Судски трошоци од стотици илјади евра за застарените случаи поради измените на Кривичниот законик

„Законите се како колбаси. Подобро е да не знаете како се прават“.

Оваа мисла, која му се припишува на германскиот политичар од 19 век, Ото Фон Бизмарк, два века подоцна, особено се цитира кога се говори за непринципиелни политички договори и за дубиозни законски решенија.

Можеби на граѓаните не им е секогаш докрај јасно што сѐ се „става“ во законите, но главните „готвачи“ во политичките кујни добро знаат. Знаеја и македонските пратеници, кои во септември лани ги изгласаа измените во Кривичниот законик.

Со нив застареа речиси сите предмети на поранешното специјално обвинителство и случаи на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, што во прв степен, што во фаза на судење, а други, како што е еден дел од предметот за Скопје 2014, „Феникс“ и во истражна постапка.

Веднаш почнаа да стигнуваат трошоците, оние што ги направиле обвинетите додека оделе на судења. Нив ги плаќаат граѓаните од буџетот, иако во законските измени пишуваше дека тие нема да имаат финансиско влијание врз буџетот.

БИРН анализираше четири високопрофилни случаи, за кои први стигнаа сметките за наплата од обвинетите.

Во сите нив, според обвиненијата, државниот буџет е оштетен за речиси 160 милиони евра. Но, поради застарувањата, никогаш во судот нема да се докаже дека таа штета е направена, ниту, пак, тие средства ќе се вратат во буџетот.

Затоа граѓаните само за тие четири предмети ќе им платат над 250 илјади евра за судски трошоци на обвинетите.

Најголемиот дел од нив се исплатени во предметот „Траекторија“ на СЈО.

Наместо милиони во буџетот, илјадници евра од буџетот

Наместо во буџетот да се вратат 155 милиони евра, колку што беше проценетата штета во случајот за изградбата на т.н. кинески автопатишта во предметот „Траекторија“, граѓаните на обвинетите ќе им платат речиси 145 илјади евра за судски трошоци.

За судски трошоци за застапување на обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски биле побарани речиси 500 илјади евра.

Адвокатите ги застапувале поранешните oбвинети функционери на 74 рочишта, составувале жалби, разни други поднесоци и застапувања пред судот…

Судиите не им прифатиле сѐ. Некои рочишта не се одржале, одредени трошоци што обвинетите ги пријавиле, како составување листа на докази, не биле прифатени бидејќи судиите оцениле дека не се нужни.

Казните за трите кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и злосторничко здружување, беа драстично намалени. Пред законските измени, за злоупотреба на службената положба каде што има штета на буџетот делата застарува за 40 години, а по измените тој член е избришан.

Обвинетите од досуденото не биле задоволни, па се жалеле на одлуката, со која им се одбиваат повисоките суми што тие ги барале за трошоци.

На крајот, судиите Иван Џолев, Софче Гаврилова Ефремова и Ленка Давиткова пресекле дека вкупниот износ за тројцата обвинети е 144.819 евра.

Околу 9.300 евра од судот за застапување и поднесоци барал и адвокатот на Никола Груевски, Еленко Миланов.

Но, судот му го отфрлил барањето за трошоци како недозволено, бидејќи немал полномоштво. Миланов ја обжалил одлуката, со образложение дека го застапувал Груевски со полномоштво во 2017 и во 2018 година.

На крајот, одлуката дека не му следуваат пари станала конечна.

Во судот стигнаа и трошковниците за предметот со масовното прислушување „Таргет“, но поради жалби, тие се во Апелацискиот суд. Сумите, со оглед на траењето на процесот веројатно не се мали. Адвокатот на Сашо Мијалков од судот побарал 86 илјади евра само затоа што 32 пати го посетил неговиот клиент во затворот. Ова се пари кои се побарани само за посетите, без застапувањата пред судот и поднесоците.

Скоро 70 илјади евра за ексдиректорите во „Маѓар телеком“

Во случајот „Маѓар телеком,“ судијката Ленка Давиткова ги прогласи тројцата обвинети поранешни директори компанијата, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи за виновни. Во пресудата стоеше дека тие, солидарно во буџетот, треба да вратат над 1 милион евра.

Но, од овие пари нема да се врати ни денар во буџетот. Напротив. Буџетот ќе им врати пари за судските трошоци.

Кога предметот стаса пред апелациските судии, веќе беа донесени измените на Кривичниот законик, кои го скратија рокот за застарување на делото несовесно работење во службата, за кое тие беа обвинети.

Апелација само констатирала застареност.

Потоа тројца адвокати заедно побарале околу 250 илјади евра за судски трошоци. Судот досудил речиси нешто над 69 илјади евра.

Адвокатите барале трошоци затоа што 72 пати се појавиле пред судот, но им одобриле трошоци за 39 рочишта. Образложението на судиите е дека барале трошоци за рочишта што биле одложени на нивно барање. Барале пари и за вештачење, кое не било изведено како доказ пред судот, па затоа не биле досудени трошоци за него.

И во предметот „Теофиловски“, кој се водеше за судијата Зоран Теофиловски и за уште шестмина, обвинителството тврдеше дека државата е оштетена за 860 илјади евра за нелегална приватизација и легализација на атрактивно земјиште во Тетово.

Поради застарувањето, на седумтемина обвинети ќе им се исплатат вкупни судски трошоци од над 25 илјади евра.

Во предметот „Пациент“ на СЈО, за изведба на градежно-занаетчиски работи во неколку болници во земјава, на 14 обвинети ќе им бидат исплатени нешто над 15 илјади евра за вештачења, застапувања пред судот и обвинителството и други судски трошоци.

Еден од обвинетите, кој бил од Загреб, барал да му бидат исплатени и трошоците за сместување и авиобилетите.

Сложените пресметки – главоболки за судиите

Се пресметува секое рочиште, секој поднесок и застапување пред судот | Фото: БИРН

„Тоа е најтешкиот дел од нашата работа“, вели судија за БИРН, објаснувајќи дека поради природата на нивната работа, полесно им е да напишат решение за притвор, отколку да донесат решение за судски трошоци.

Но, сакале или не, освен што судат, често се принудени да ги прават овие пресметки.

Кога ќе застари некој случај, или некого ќе ослободат од вина и кога ќе стигне барање за исплата на адвокатски трошоци, седнуваат и со калкулатор пресметуваат предмет по предмет, рочиште по рочиште, поднесок по поднесок, колку ќе чини тоа.

Во папките со предметите се наведени датумите на сите одржани рочишта, каде што со пенкало се означени сите одржани и одложени судења.

Бројки, проценти и суми. Адвокатите секогаш бараат повеќе, а судиите им досудуваат помалку.

Проценуваат дали рочиштата се одржале или се одложиле, дали одредени докази, како на пример вештачења, биле изведени пред судот…

Податоците што БИРН ги доби од Кривичниот суд покажуваат дека првите трошоци за застарени предмети од организиран криминал и корупција биле досудени две недели по законските измени на Кривичниот законик.

На 15 септември, измените се појавија во Службен весник, а веќе на 29 септември во предметот, судијата Зоран Теофиловски и уште шестмина што беа обвинети за противправна легализација на објект, наместо пресуда, добија решение за судски трошоци.

Од септември до март, во Кривичниот суд застареле над 20 предмети со над 130 обвинети. Во некои случаи уште има судења, каде што обвинетите одговараат и за други кривични дела.

Бројките за застарување во скопска Апелација за истиот период се 26 застарени предмети за 73 обвинети.

Во меѓувреме, измените на Кривичниот законик се одразуваат и на работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое во изминатите шест месеци претежно работи на предмети за криумчарење мигранти и за неовластено производство на дрога.

По септемвриските измени на Кривичниот законик до март годинава нема ниедна истрага за злоупотреба на службената положба и овластување.