Регион

Насер Ориќ ја чека пресудата по обвинението за убиство на српски воени затвореници

Судењето на Насер Ориќ, поранешен командант на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ) во Сребреница, кој е обвинет за убиство на тројца воени затвореници од српска националност, беше сконцентрирано на исказот на главниот сведок, за кој се поставува прашањето, колку е вистинит.

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Дваесет и пет години по наводните воени злосторства, Судот на Босна и Херцеговина во понеделник ќе им ја изрече пресудата на Насер Ориќ и неговиот подреден во војната, Сабахудин Мухиќ, кои се обвинети за наводно убиство на воени затвореници во регионот на Братунац и Сребреница.

Во обвинението се наведува дека Ориќ, поранешен командант на единица на територијалната одбрана на АБиХ, и Мухиќ, поранешен припадник на АБиХ, во 1992 година, во селата Залазје, Лолиќи и Куњерац, убиле тројца воени затвореници од српска националност.

Случајот беше во голема мера контроверзен, бидејќи многу Бошњаци, го сметаат Ориќ за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница за време на војната, додека, од друга страна, некои босански Срби сметаат дека обвиненијата се премногу благи.

Клучните докази на обвинителството се темелеа на сведочењето на заштитениот сведок О-1, кој изјави дека во текот на акциите на АБиХ против силите на босанските Срби, видел кога Насер Ориќ ги убил тројцата затвореници.

Сведочејќи преку видео-врска од Белград, со заштитен лик, О-1 пред судот изјави дека за време на нападот на селото Залазје, Ориќ удрил српски затвореник – судијата, Слободан Илиќ – во лицето и градите, а потоа го убил.

„Насер Ориќ го зеде ножот што му беше на појасот и замавна кон вратот. Затвореникот падна на колена. Ориќ го удри во градниот кош и го преврте назад”, рече тој.

Сведокот на обвинителството, Ибран Мустафиќ, изјави дека во мај 1993 година, Ориќ му раскажал за начинот на ликвидација на Слободан Илиќ.

„Арогантно ми раскажа дека го ликвидирал Илиќ. Ми рече дека му се паднал во група затвореници, а ми раскажа и за начинот на кој го сторил тоа”, изјави Мустафиќ.

„Го удрил во окото … Ориќ рече дека тој почувствувал страв, а потоа го заклал”, раскажа Мустафиќ.

Од друга страна, ниту експертот, Рифат Кешетовиќ, кој на барање на Обвинителството на БиХ направи извештај и даде мислење за причината за смртта на судијата, не откри повеќе детали кои би расветлиле како тој бил убиен, но, утврди постоење на повеќе фрактури на черепот.

„Не можев да утврдам како настанале повредите, со тап предмет или се работи за повреда од огнено оружје. Најверојатно причина за смртта е траума на главата”, рече Кешетовиќ.

Според заштитениот сведок на обвинителството, во текот на операцијата на АБиХ во селото Лолиќи, бил заробен српскиот војник, Милутин Милошевиќ.

Ориќ прво го удри, а потоа зеде автоматска пушка и го застрела, изјави О-1.

Сведокот нагласи дека во акцијата „Куњерац”, која, според него, била спроведена во есента 1992 година, биле заробени пет лица, меѓу кои бил и неговиот пријател, Митар Савиќ.

„Митар беше арогантен кон командантот Ориќ. Нешто му се спротивставуваше. Ориќ почна да го удира. Го зеде „колтот” и му пукаше во градите. Го уби во градите”, рече сведокот.

Додаде дека Ориќ два пати пукал во Савиќ и дека потоа и Сабахудин Мухиќ, наречен Мрчо, пукал во него.

Но, сведокот, Стојанка Савиќ, сопруга на убиениот Митар, изјави дека војник кој се викал Зоран, а на чие презиме не можеше да се сети, кој бил со нејзиниот сопруг во ров во селото Куњерац, кога тој бил убиен, ѝ рекол дека нејзиниот сопруг „бил застрелан во уста” и дека починал на лице место.

Оваа изјава е спротивна на сведочењето на О-1, кој тврдеше дека Савиќ бил заробен, тепан, а потоа застрелан од непосредна близина.

Ориќ за време на војната во БиХ. Фото: Анадолија

 

Оспорување на кредибилитетот на сведокот

Одбраната на обвинетиот Ориќ, го оспори кредибилитетот на сведокот О-1, покажувајќи документ од казнената евиденција во кој се наведува дека сведокот е 11 пати осудуван.

Според бранителката, Лејла Човиќ, сведокот бил осуден за лажно пријавување, измама, нанесување на тешки телесни повреди, злоупотреба на правата и социјалното осигурување, и други дела.

Одбраната ги оспоруваше и наводите на сведокот дека во наведените воени акции бил припадник на АБиХ.

Откако заштитениот сведок изјави дека негов командант бил Алија Мушкиќ, одбраната приложи доказ дека сведокот воопшто не бил припадник на АБиХ.

Одбраната, исто така, ги презентираше изјавите што сведокот претходно ги дал, во кои тој не споменува дека Ориќ учествувал во убиствата.

Сведочејќи во корист на одбраната, Алија Мушкиќ, рече дека во 1992 година живеел во Церска и оти бил ангажиран во цивилната заштита во тоа место, а не во Сребреница, каде што Ориќ бил активен, ниту пак во армијата.

„Немавме никаква врска со војската. Не сум бил во ниту една воена акција“, рече Мушкиќ.

Тој негираше дека го познава сведокот О-1.

Сведокот, Фадил Салиховиќ, изјави дека ги знае обвинетите Ориќ и Мухиќ, но дека тие не учествувале во нападот на Куњерац.

И за сведокот О-1 истакна оти не учествувал во таа акција.

Поранешниот член на единицата на територијалната одбрана, Сабит Халиловиќ, рече дека додека бил ранет и лежел во болница, во посета му доаѓал Зулфо Салиховиќ, кој му рекол оти го убил судијата Слободан Илиќ, дело за кое се терети Ориќ.

Салиховиќ нагласи дека ги познава сите членови на единицата на територијалната одбрана „Суќеска“, на која О-1 тврдеше дека и припаѓал.

Истакна дека одговорно тврди оти заштитениот сведок О-1 не бил во таа единица, ниту пак дека го познава.

Сведокот на обвинителството, Миломир Лазаревиќ, го опиша заробувањето на војниците на Војската на Република Српска (ВРС) во Залазје, по борбите во јули 1992 година.

Нагласи дека го слушнал гласот на Насер Ориќ, како вели дека затворениците не смеат да се малтретираат. „Еден (припадник на АБиХ) сакаше да го тепа Милисав Илиќ. Го чувме Насер како вели: „Не го тепај. Ние не сме четници, ниту пак усташи. Ќе им биде судено пред воен суд“, додаде сведокот.

Ориќ со својата адвокатка, пред да влезе во Судот на БиХ. Фото: БИРН

 

Непознати лица од Србија „нуделе поткуп за сведочење“

Заштитениот сведок О-2 изјави дека од лица од Србија му биле понудени пари и евакуација на неговото семејство, за да сведочи против Ориќ.

„Два џипа, со белградски таблички, застанаа пред мојата куќа. Го исклучија автомобилот и ми пристапија двајца од по 30 години. Ме прашаа дали сум тој што го бараат“, рече О-2.

„Ми дадоа парче хартија и ми рекоа – напишете го износот. Вие и вашето семејство ќе бидете евакуирани. Бараа да сведочам против Ориќ како заштитен сведок и да кажам дека извршил злосторства во Залазје“, рече тој.

Додаде дека не сакал да прифати лажно да сведочи, но сепак пред неговата куќа подоцна повторно се појавиле двата џипа.

„Дојде жена со руса коса. Со акцент од Србија. Ме праша дали сум се премислил“, изјави сведокот.

Истакна дека одречно им одговорил и оти се вратил во својата куќа.

Пред почетокот на судењето, одбраната побара од Хашкиот трибунал да ја сопре постапката против Ориќ, бидејќи тој во Трибуналот веќе еднаш бил суден за овие кривични дела.

Но, Трибуналот го отфрли барањето на одбраната, при што судијата образложи дека „наводите за убиство во обвинението поднесено во БиХ, фундаментално се разликуваат од обвиненијата за убиство во хашкото обвинение, во делот за наводните жртви и природата, времето и местото на наводното злосторство”.

На судењето во Сараево, во завршните зборови, обвинителството и одбраната се фокусираа на кредибилитетот на сведочењето на заштитениот сведок О-1.

Обвинителството тврдеше дека вината на обвинетите е докажана со сведочењето на сведокот, особено со „деталниот опис” на убиството на судијата Илиќ, кој О-1 го дал.

Одбрана, пак, тврдеше дека целото обвинение и доказната постапка на обвинителството, се темелат на исказите на неверодостојниот сведок О-1 кои се разликуваат.