Регион

Ослободен од обвинението за нечовечно постапување со затвореници

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поранешниот полицаец Милан Гавриловиќ, беше ослободен од обвиненијата за нехумани дела, извршени врз затвореници од несрпска националност, кои биле транспортирани во логорите во регионот на Приедор, во 1992 година.

Џана Брканиќ, Сараево

Милан Гавриловиќ во судница. Фото: БИРН

Судот на Босна и Херцеговина, донесе пресуда, според која, поранешниот полицаец, Милан Гавриловиќ, поради недостиг на докази, беше ослободен од обвинението за злосторства извршени во областа на босанскиот град Приедор, од мај до август 1992 година.

Гавриловиќ беше ослободен од обвинението дека понижувачки постапувал со затворениците, додека го обезбедувал нивниот превоз од логорот Омарска во логорот Мањача.

Според сведоците, затворениците биле транспортирани во нехумани услови, на високи температури и без вода.

Мира Смајловиќ, претседател на судскиот совет, рече дека советот не можел да заклучи, надвор од разумно сомневање, дека обвинетиот имал улога на лице одговорно за обезбедување на затворениците, но и колкав бил неговиот придонес за нехуманите услови во автобусите.

„Се ослободува од обвинението дека во автобусот, со десната нога, го удрил изгладнетиот и видливо слаб, Сенад Капетановиќ, во десната страна на главата“, рече Смајловиќ.

Додаде дека според обвинението, Капетановиќ, поради ударот, обилно крварел и дека следното утро, ја изгубил свеста.

Советот наведе оти ниту еден друг сведок не го потврдил сведочењето на повредениот Капетановиќ.

„Обвинителството не покани ниту еден сведок кој бил во истиот автобус со жртвата“, рече Смајловиќ.

Истакна дека советот, за клучна, ја смета изјавата на сведокот, Владимир Субота, поранешен полицаец, кој за време на транспортот бил во автомобилот со Гавриловиќ.

„Тој не се сеќава дека некој излегол од автомобилот додека возеле … Тој, исто така, рече дека не е сигурен дали обвинетиот бил одговорен за обезбедување на целиот конвој“, рече Смајловиќ.

Оваа пресуда може да биде обжалена.