Регион

Припадник на силите на босанските Срби обвинет дека запалил живи цивили

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поранешниот припадник на силите на босанските Срби, Радомир Шушњар, е обвинет за учество во масакр, извршен во 1992 година во Вишеград, во кој живи биле запалени 57 бошњачки цивили.

Џана Брканиќ, Сараево

Остатоците од запалената куќа во улица „Пионирска“ во Вишеград

Обвинителството на Босна и Херцеговина, во петок поднесе обвинение против Радомир Шушњара, со кое тој се товари дека во јуни 1992 година, учествувал во масовно убиство на Бошњаци, затворени во една куќа во улица „Пионерска“ во Вишеград, која потоа била запалена.

Според Обвинителството, Шушњар, познат по прекарот Лалцо, заедно со други членови на паравоени формации и на Војската на Република Српска (ВРС), дошол до куќата во улица „Пионерска“, во која претходно биле затворени бошњачки цивили.

Тие на затворениците им се заканувале дека ќе ги убијат ако не им предадат пари и скапоцености.

Шушњар е обвинет дека лично, со закани и навреди, вршел претрес на цивилите, за да се увери дека немаат ништо скриено.

Таа вечер, како што е наведено во соопштението на Обвинителството, Шушњар им наредил на цивилите да се префрлат во друга куќа, при што и самиот ги придружувал, а потоа куќата ја заклучил.

Според Обвинителството на БиХ, во куќата потоа била фрлена запалива експлозивна направа, која предизвикала пожар.

„Шушњар фрлил рачна граната, а истовремено, од автоматско оружје, пукал по куќата, за да го спречи бегството на цивилите“, соопшти Обвинителството.

„Во куќата биле затворени 57 цивили, вклучително и жени, деца и стари лица, кои биле живи запалени. Неколкумина од нив успеале да избегаат и да се спасат, а посмртните останки на убиените до денес не се пронајдени“, додаваат од Обвинителството.

Хашкиот трибунал во 2009 година го осуди поранешниот паравоен водач, Милан Лукиќ, на казна доживотен затвор, а неговиот роднина, Средоје Лукиќ, на 27 години затвор, за учество во овој масакр и во други воени злосторства во Вишеград.

Шушњар беше уапсен во Франција во 2014 година, а потоа, по двегодишна судска процедура, беше екстрадиран во Босна и Херцеговина.

Обвинението е испратено до Судот на БиХ на потврда.