Повторно, само неколку дена пред почетокот на новата учебна година, отворена е можноста за штрајк на наставниот кадар.
Први септември 2019 година почна со штрајк на наставниците во основните и во средните училишта. Бараа покачување на платите за 25 отсто, а не за пет, како што планираше тогашната владејачка гарнитура. Еден месец подоцна падна и договор – платите се зголемија за 10 отсто.
Во 2022 година повторно протестираа, па добија зголемување од 15 отсто.
Оваа година очекуваа зголемена плата за 12 отсто, како што беше договорено со минатата влада.
Но, актуелната министерка за образование, Весна Јаневска, категорично тврди дека тоа нема да се случи, бидејќи буџетот е во лоша состојба.
За Синдикатот за образование, наука и култура, најавеното зголемување на платите од март во следната година е неприфатливо. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во разговор за БИРН, вели дека членството е разочарано и се надева дека ќе се најде решение во следните неколку недели. Синдикатот што го раководи е најголем во секторот – има околу 27 000 илјади членови.
БИРН: Господине Неделков, в понеделник почнува учебната година, а покачувањето на платите за наставниците, владата реши да го одложи. Која е реакцијата на СОНК на оваа одлука?
Неделков: Едно е тоа што го кажува министерката за образование и наука, но друга работа е тоа што ние не го прифаќаме тоа. Сè уште сме во контакт со Министерството за образование и наука и очекуваме нашето прашање да оди на повисоко ниво, односно да се постави пред премиерот, пред министерката за финансии и пред владата. Не се помируваме со ваквата одлука и мислиме дека по пат на преговори сè уште има можност за надминување на проблемот.
Нашите аргументи се на маса и мислиме дека тие се со поголема тежина од она што го слушаме во моментов дека нема средства и дека за 2024 година нема усогласување. Ние не се согласуваме со тоа и очекуваме деновиве, не само до почетокот на учебната година, туку и до средината на септември да изнајдеме соодветно решение со кое ќе има зголемување на платите во основното и во средното образование во 2024 година.
БИРН: А што доколку нема решение да се зголеми платата годинава?
Неделков: Тогаш највисокиот орган на одлучување, Советот на СОНК ќе одржи седница, на која ќе расправа за преговорите и за евентуалните понудени можности и Советот ќе донесе одлука што понатаму. Во овој момент и премногу е рано, а и јас како претседател немам овластувања да кажам што понатаму, сè додека Советот не донесе одлука. Членството реагира со огромно незадоволство. Луѓето се револтирани. Тоа е и очекувано. Кога можеше цел јавен сектор од март досега да се усогласи, освен во образование и здравство, испаѓа дека овие дејности се најнебитни во општество за да имаат релативно најниски плати.
БИРН: До кога е рокот што ѝ го давате на владата за преговори?
Неделков: До средината на септември, поради тоа што по 20 септември се подготвува платата што се зема меѓу 10 и 15 октомври. Значи, реално, крајниот рок е меѓу 15 и 20 септември. Сите опции потоа, ако не се стигне до договор, се можни, но што ќе испадне од тоа, во овој момент не може да прејудицирам. Членството е незадоволно, меѓутоа кој чекор ќе го преземеме, не знаеме. Сè уште сме во преговори и можеби некакво алтернативно решение ќе се најде. Мислам дека синдикатот не е подготвен за одложување на покачувањето како алтернативно решение, но ајде да видиме што ќе биде на преговорите.