Компанијата „Хацат“, која повеќе од 20 години ги снабдува со оброци пациентите и медицинскиот персонал на скопските клиники, пред два месеца, го доби судскиот спор пред Врховниот суд.
Заеднички служби, установата што се грижи за снабдување на Клиничкиот центар, побара највисокиот суд да утврди дали се исправни првостепената и второстепената пресуда, со кои, Заеднички служби на „Хацат“, треба да му исплати над 40 милиони денари, односно над 660 илјади евра, плус камати и судски трошоци по тужба од 2022 година за доставена храна.
Во пресудата на Врховен се наведува дека „Хацат“ „ги исполнил своите договорни обврски реализирајќи ги услугите утврдени во договорот на начин што за потребите на тужениот вршел снабдување со храна на пациентите и на персоналот“.

Извадок од пресудата | Фото: БИРН
За тоа биле изготвени фактури, кои, Заеднички служби ги примиле во нивната архива и не приговарале ниту за нивната содржина, ниту за висината на износите.
Рокот за плаќање бил 15 дена, а потоа почнала да тече камата. Но, тоа не било направено, па „Хацат“ тужел пред судот.
Ова не е прв случај во кој Хацат преку судот ги наплаќа своите фактури за испорачана храна. Имајќи ги предвид објавените пресуди во судската база, може да се заклучи дека станува збор за долгогодишна пракса, поради која, цената на оброците станува значително повисока.
Oсвен главниот долг, Заеднички служби треба да платат и 1.100 евра за трошоци за судењето.
БИРН во истражувањето објавено пред две години, пишуваше за неконкурентниот договор стар две децении со „Хацат“, кој никој не сака да го раскине, ниту Заеднички служби, ниту фирмата која во 2004 година ја доби зделката за снабдување со храна.
Независно од тоа што со години пациентите се жалат дека добиваат невкусна, еднолична и количински недоволна храна, која ја враќаат.