Вести

Нов обид за деблокада на реформите во МРТ и во АВМУ

Советите на овие две институции да се избираат со апсолутно, наместо со двотретинско мнозинство

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Наместо со двотретинско мнозинство, членовите на Советот на Агенцијата за агенција за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) да се избираат со најмалку 61 глас од пратениците, предвидуваат промените на  Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кои ги предлага владејачкото мнозинство во Собранието.

Имено, вчера во Собранието се усвои потребата од носење на законот во скратена постапка.

Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кој се донесе во 2013 година под силен притисок на Европската Унија и на новинарските заедници, со промените во 2018 предвидуваше членовите на двете тела да се избираат со најмалку 80 гласови, додека со сега предложените измените се предвидува само мнозинство од 61 пратеник.

Со други зборови, на овој начин се заобиколува можна нова блокада од опозицијата за избор на членови на овие тела.

„Имајќи предвид дека изборот на членови на овие две тела требаше да се случи во 2019 година, но никогаш не се заврши постапката за избор на нови членови на овие тела, голема е веројатноста јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да останат без органите што се неопходни за тековното функционирање на овие две институции, заради состојби со политичка позадина“, пишува во предложените законски промени.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, пак, за БИРН вели дека ја разбира потребата од реформи во АВМУ и во МРТ, меѓутоа потенцира дека ова законско решение не е принципиелно

Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, во сличен стил за БИРН вели дека промените се прават за да се обезбедат неопходните реформи и промени професионални, независни тела и вистински јавен сервис.

„Реформи што ги чека целата јавност, кои се клучни за соодветна професионализација на овие важни тела, а беа неразумно блокирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Костадинов.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, пак, за БИРН вели дека ја разбира потребата од реформи во АВМУ и во МРТ, меѓутоа потенцира дека ова законско решение не е принципиелно.

Тој потсетува дека гласањето со две третини беше воведено по барање на новинарите и на нивните здруженија и по барање на Советот на Европа за да се обезбеди поголема независност на овие тела.

„Промената носи ризици, не само за сега, туку и за во иднина да можат властите по своја волја да си ги менуваат составите на двете исклучително важни тела“, вели Чадиковски.

Тој се осврнува на фактот дека мнозинството во Парламентот се повикува на блокада што ја имаше од претходниот состав и аргументира дека моменталниов парламентарен состав не ги исцрпел сите можности, имено воопшто не се обидел на стариот начин да ги избере телата, за да премине на ова решение, за кое Чадиковски уште еднаш потенцира дека е непринципиелно.

Надлежностите на Советот на АВМУ се големи во сферата на електронските медиуми | Фото: Роберт Атанасовски

Власта предводена од СДСМ, пред две години се обиде преку законско решение да направи реформи во Македонската радио-телевизија и да постави членови на Советот на АВМУ, кои би биле независни од партиите. 

Се распишаа конкурси за пополнување на местата во двете тела, меѓутоа тие никогаш не се реализираа, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше преку собраниската комисија со која претседаваше нејзиниот поранешен пратеник Илија Димовски.

Се распишаа конкурси за пополнување на местата во двете тела, меѓутоа тие никогаш не се реализираа, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше преку собраниската комисија со која претседаваше нејзиниот поранешен пратеник Илија Димовски

Надлежностите на Советот на АВМУ се големи во сферата на електронските медиуми.

Советот распишува конкурс за дозвола за телевизии и радија, ја продолжува дозволата и може да ја одземе доколку постојат услови за тоа, понатаму Советот е тој што дозволува промена на сопственичката структура на телевизиите или радијата, внимава дали се прекршуваат авторските и сродните права и, меѓу другото, го избира директорот на агенцијата.

Програмскиот совет на МРТ, пак,  е најважното тело на јавниот сервис.

Тој ги избира и ги разрешува директорот на МРТ и неговиот заменик, дава согласност за именување или разрешување на уредникот на јавниот сервис, го избира Надзорниот одбор, ги следи коментарите и укажувањата на публиката и дури може писмено да побара прекинување на програмата доколку куќата не ги исполнува програмските обврски и стандарди.