Неполни три месеци откако беше уапсен, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, го обвини Ангел С., кој беше дел од личното обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски за оддавање службена тајна.
Информацијата за БИРН ја потврдија од ова обвинителство, иако за тоа не беше објавено соопштение на веб-страницата на оваа институција, со оглед на тоа што станува збор за предмет од висок јавен интерес.
Обвинението е поднесено на 12 јуни.
Постапката ја водела обвинителката Ивана Трајчева, од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Оттаму велат дека „по спроведена темелна истражна постапка“ до Основниот кривичен суд поднеле „обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор“.
Од Обвинителството не одговорија на прашањето дали истрагата е проширена и на други инволвирани во случајот.
Според соопштението за отворената истрага обвинетиот на 30 март годинава на паркингот пред хотел во Велес се сретнал со човек, кој сега е сведок во постапката и му покажал службени документи од МВР, што претставуваат службена тајна.
Во соопштението пишуваше дека обвинетиот му дозволил на човекот да ги снима документите, „кажувајќи му кој документ за што се однесува“. Целта била овие документи да бидат објавени на социјалните мрежи, за тоа требало да добие 50.000 евра од човекот за кого се однесувале.
Кривичниот суд за БИРН потврди дека е стигнато обвинение, по кое „сѐ уште се постапува по приговор на одбраната“, а притворот му е продолжен до 13 јули.
Опозицискиот СДСМ веднаш по апсењето ја праша владејачката партија кој му ги дал службените тајни на обезбедувачот на Мицкоски, и oбвини дека МВР се обидувало да го скрие скандалот, но под притисок на медиумите, било принудено да излезе со информација во јавноста.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со контрапрашање за тоа кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиерот.