Регион

Од БиХ се бара забрзување на процесирањето на воените злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

БиХ не им обезбедила пристап до правдата на илјадници жени, силувани во војната 1992-1995 година во оваа држава, таа мора да го забрза кривичното гонење на извршителите на овие дела и мора да им обезбеди отштета на жртвите, се вели во последниот извештај на Амнести Интернешнл, АИ.

Денис Џидиќ, Сараево

Жена што преживеала сексуално насилство, пред својата куќа во северна Босна. Фото: АИ

Властите во БиХ мора да го забрзаат гонењето на случаите на силување во војната, за да обезбеди правда за жртвите, се вели во најновиот извештај на Амнести Интернешнл, насловен како „Ни треба поддршка, а не сожалување”.

„Поминаа повеќе од две децении од крајот на војната, а десетици илјади жени во државата, сѐ уште не ја имаат потребната медицинска, психолошка и финансиска поддршка, што очајно им е потребна”, изјави заменик директорот на Амнести Интернешнл за Европа, Гаури Ван Гулик.

„Како што поминуваат годиите, така одминува и можноста некогаш да се постигне правда или да се добие поддршка, на која тие имаат право”, додаде Ван Гулик.

За време на конфликтот, илјадници жени и девојки биле силувани или биле изложени на други форми на сексуално насилство од страна на воените и паравоените групи, се вели во извештајот на АИ.

Сепак, од почетокот на судските процеси за воени злосторства во Босна и Херцеговина во 2004 година, па досега, судовите завршиле само 123 случаи на воени злосторства со сексуално насилство, иако бројот на овие случаи во последните неколку години е зголемен, се вели во извештајот.

Покрај барањето за забрзување на гонењето на овие случаи, АИ ги повика властите во БиХ, на жртвите да им обезбедат соодветна психолошка помош.

Оваа организација, исто така, ја повика БиХ да ја разгледа можноста за ревидирање на важечкиот кривичен закон, со цел, кривичните дела според меѓународното право, да се изземат од одредбите за замена на затворската казна со парична казна, бидејќи оваа практика е еднаква на амнестија, што според меѓународното право е забранета.

Според законот во БиХ, сите правосилни пресуди, со кои е одредена казна затвор до една година, можат да бидат заменети со парична казна, како што тоа беше пример во неколку случаи на воени злосторства.

АИ ги повика судовите во оваа земја, да ги почитуваат жртвите кои сведочат во случаите на воените злосторства и да ги информираат за нивното право на надомест на материјална и нематеријална штета во кривичната постапка, како и да се консултираат со жртвите пред да започнат договор за признавање на вината со обвинетите.

Амнести интернешенел ги повика судовите, да дадат јасно објаснување во секој предмет, кога решаваат за примената на олеснувачките и отежнувачките околности.

„Прифаќањето на олеснителни околности, во предметите кои вклучуваат кривични дела според меѓународното право, во никој случај не треба да резултира со изрекување на казна, пропишана со закон за прекршоци”, се вели во извештајот.

До институции во Босна и Херцеговина беше упатен повик да формираат фонд за исплата на отштета на жртвите на сексуално насилство извршено во војната, особено кога станува збор за случаите кога осудените не се во можност да ја платат сумата што им ја наложил судот.

АИ го повика и Уставниот суд на БиХ, да ја разгледа можноста за ревидирање на ставот според кој застарата се применува и на случаите во кои се бара отштета, а во врска со кривичните дела пропишани со меѓународното право.

Стотици поранешни затвореници во Босна и Херцеговина, поднесоа тужби против двата ентитета во оваа држава, со кои бараат отштета, но кои беа одбиени поради застара.

„Иако траумите од минатото никогаш нема да можат да се заборават, не е доцна за да им се обезбеди на овие жени, во иднина да ги вратат своите права и своето достоинство”, заклучи Ван Гулик.