Регион

Црна Гора ризикува уште едно неуспешно судење за воени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

По серијата срамни ослободителни пресуди, во Црна Гора започнува ново судење за воени злосторства, во кое тужителите, поради желбата да постигнат резултати што ќе ја задоволат ЕУ, ризикуваат уште еден неуспех.

Пишува: Јово Мартиновиќ, Подгорица

Специјалното обвинителство во Подгорица. Фото: tuzilastvo.me.

Додека Црна Гора се бори успешно да го изоди патот кон ЕУ, еден од условите што мора да го исполни на тој пат, е да се соочи со своето минато од 90-тите години и да ги казни одговорните за извршените воени злосторства.

Црногорските обвинители досега безуспешно ги решаваа најсериозните воени злосторства, меѓу кои се масакрот на цивилите, косовски Албанци, извршен од страна на Војската на Југославија, ВЈ, во местото Калуѓерски лаз, етничкото чистење на Бошњаците во пограничниот регион Буковица и депортацијата на бошњачките бегалци (и последователниот масакр извршен над нив од страна на силите на босанските Срби).

Во сите овие случаи обвинетите беа ослободени.

Сега, Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, поведе уште еден случај, кој може повторно да ја доведе оваа држава во непријатна ситуација, а се работи за предмет кој беше префрлен од Србија.

Во вторник, пред Вишиот суд во Подгорица, за воени злосторства над цивилното население во Косово, со судење ќе се соочи црногорскиот државјанин Владо Змајевиќ.

Според специјалниот обвинител на Црна Гора, Змајевиќ е виновен за убиство на четворица цивили, косовски Албанци, во селото Жегра, општина Гњилане, Косово, извршено на 30 март 1999 година.

Обвинителот во обвинението наведува дека тој ден „за време на вооружениот конфликт меѓу т.н.. Ослободителната војска на Косово, ОВК, и ВЈ“, доброволецот Змајевиќ ги прекршил Женевските конвенции и убил цивили кои не учествувале во конфликтот и ги ограбил нивните имоти.

Значајно за овој случај е што обвинителот вели оти тој „бил при здрава памет и свесен за своите постапки”.

Обвинителот опишува различни детали на кривичното дело и го нагласува наводното признание на Змајевиќ за неговата одговорност за извршените злосторствата, дадено пред воениот суд во Приштина, како и неговото негирање дека ги извршил овие дела, при подоцнежното негово апсење во Црна Гора.

Обвинителството се осврнува на документи на Хашкиот трибунал, кои се однесуваат на ексхумации во именуваното село и заклучува дека “од изјавите на сведоците и (српската) Агенција за безбедност и одбрана, произлегува оти во критичниот момент, дошло до вооружен конфликт меѓу вооружената воена организација, таканаречената ОВК и Војската на Југославија, а Змајевиќ бил пешадинец во ВЈ“.

Но, ова „откритие” на обвинителот, за вооружениот конфликт во Жегра, е во контрадикција со одлуката на Хашки трибунал.

Имено, во конечната пресуда во случајот против генералите Владимир Лазаревиќ, Небојша Павковиќ и Сретен Лукиќ од 2014 година, Жалбениот совет на Хашкиот трибунал заклучува дека не постојат докази за активности на Ослободителната војска на Косово во селото.

„Жалбениот совет заклучи дека ВЈ и МВР на Србија, потпомогнати од вооружени цивили и други нерегуларни сили… ги истерале косовските Албанци од селото, со употреба на закани, со тепање и убиства, создавајќи клима на страв”, се вели во пресудата.

Советот, исто така, утврди дека куќите во Жегра биле “ограбени и запалени од ВЈ, која била потпомогната од вооружени цивили и други нерегуларни сили”.

Пореметување на личноста

Случајот Змаевиќ го следат и други нејаснотии.

Кога тој и уште шест други резервисти на ВЈ, беа уапсени на 1 април 1999 година, тие беа обвинети за убиство на 7 од 13 цивили, убиени од српските сили во селото Жегра.

Првично беа уапсени заради грабеж и непослушност, бидејќи ВЈ не успеала да ги задржи под контрола, како што е наведено и во многу интерни извештаи, кои денес се јавно достапни.

Недолго потоа, воениот обвинител во Приштина подигна обвинение само против Змајевиќ, а воениот суд на 5 јуни 1999 година, го упати во Воената болница во Ниш, на психијатриско набљудување, додека другите беа ослободени.

Во болничкиот наод, Змајевиќ, кој во 1993 години се борел и во Вуковар и бил осуден за обид за убиство и изнуда, е опишан како „емоционално напната личност, кој страда од анксиозност”.

Се заклучува, дека неговата ментална состојба во времето на извршување на делото била „значително влошена” и дека тој пати од „пореметување на личноста / психопатски карактер”.

Змаевиќ подоцна бил упатен на психијатриски третман.

Сето ова е неважно за црногорскиот обвинител, кој, сакајќи „резултати”, ги игнорира овие извештаи и Змајевиќ го опишува како човек кој во времето на извршување на наводното злосторство, бил „со здрава памет и свесен за своите постапки”.

Обвинителот, исто така, го отфрли барањето на адвокатите за дополнителни психијатриски испитувања на Змајевиќ, што го прави единствен таков случај, бидејќи досега сите обвинети за воени злосторства во поранешна Југославија, морале да поминат низ такви тестови.

Специјалниот обвинител на Црна Гора, одлучи да го обвини Змајевиќ само за убиство на четворица, а не седум цивили, како што беше наведено во почетокот, кога беше уапсен во август 2016.

Дури и за ова обвинение, доказите се на „лабави нозе”.

Имено, клучниот сведок, Дамир Новиќ, кој заедно со Змајевиќ беше меѓу уапсените лица обвинети за грабеж, има историја на ментални болести.

Сведоштвото на Новиќ, во кое Змајевиќ се обвинува за убиство на тројца членови на семејство Хазири, е целосно во спротивност со резултатите од обдукцијата на одделот за судска медицина на српската полиција во Гњилане, но, и во спротивност со сведоштвото на еден од членовите на семејството Хазири, кој го преживеал убиството на своите родители.

Сведок на обвинителството, е и поранешен поручник во ВЈ, кој изјави оти бил сведок кога Змајевиќ убил овчар, Албанец, иако ниту еден од другите војници кои биле присутни на тоа место, не го потврди она што поручникот изјави дека го видел, но неговиот исказ, исто така, се разликува и од исказот на синот на жртвите.

Едно нешто околу кое сите поранешни припадници на ВЈ, денес сведоци против Змајевиќ, се согласуваат, е тоа оти тој се однесувал како ментално пореметена и психопатска личност.

Тие истакнаа дека командантите на ВЈ им дале инструкции да не прават никаква разлика меѓу албанските цивили и „терористите” на ОВК, бидејќи сите биле исти.

Исчезнати документи

Друг проблем што се појавува во овој случај е фактот дека Србија на специјалниот обвинител на Црна Гора, не му ги испратила резултатите од тестот на парафинските ракавици и другите експертски извештаи, врз основа на кои тој ќе може да докаже дека Змајевиќ бил тој кој ги убил селаните.

Неофицијалното објаснување било дека овие документи исчезнале, но, и покрај тоа, обвинителот реши да го продолжи случајот.

Убиените биле истакнати жители на Жегра, а меѓу нив бил и локалниот лидер на политичката партија, Демократска лига на Косово.

Локалните жители тврдат дека убиствата биле намерни и добро испланирани од страна на локалната српска полиција и лидерите на владејачката Социјалистичка партија, со поддршка на локалното српско население.

До Обвинителството на Гњилане, во 2005 година, беа поднесени обвиненија против голем број на локални моќници од српска националност, кои, наводно, ги испланирале и оркестрирале изнудувањата, грабежите, убиствата и протерувањето на Албанците од селото, во кое претставувале мнозинство. Тие имале голем број на богати роднини во Швајцарија, па оттука имале средства да им платат откупнина и да им дадат пари за заштита на локалната полиција и на градското собрание.

Сепак, Владо Змајевиќ не се споменува во овие наводи.

Српското судство не се огласи во врка со овие обвиненија.

Во Хаг, генералите Лукиќ, Лазаревиќ и Павковиќ, подеднакво, секој за себе, си ги презедоа заслугите за апсењето на Змајевиќ и на другите осомничени и за нивното наводно брзо судење.

Всушност, Змајевиќ во Србија никогаш не бил суден, додека другите шестмина, без многу публицитет, беа ослободени зад затворени врати.

Многумина веруваат дека српските обвинители се среќни што на нивните црногорски колеги им е оставено да се справуваат со овој неуредна случај, за кој постојат малку докази и оти се радуваат што гонењето на Змајевиќ е подалеку од Белград.

Бидејќи, на крајот, Србија нема да сноси никаква одговорност за неуспехот на уште еден случај за воени злосторства во Црна Гора.