Анализи

Од „кампови за мигранти“ до „родител 1 и 2“ – кратка историја на масовни хистерии

Манипулативните наслови беа доволни за да предизвикаат масовни реакции | Фото: БИРН

Уште одамна е заклучено дека полувистините се полоши од лагите, но во ерата на лажните вести и во општество во кое според меѓународни истражувања за медиумска писменост е најподложно да поверува во тие вести, со голо око може да се види штетата што манипулативното информирање може да ја предизвика.

Најновиот пример за тоа е што илјадници луѓе во моментов веруваат дека постои предлог-закон, според кој, ќе се укинат термините „мајка“ и „татко“ и ќе се заменат со „родител 1“ и „родител 2“. Ова е нов бран на масовни хистерични реакции во јавноста и на социјалните мрежи, откако до пред неколку дена се ширеше параноја дека се киднапираат луѓе и им се вадат органите.

Феноменот воопшто не е скорешен. Се памети и паниката од населување 100-150 илјади мигранти што се појави летото 2017 година откако владата ја објави нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и странци. За тоа дури се собираа потписи за референдуми во 15 општини што требаше да се одржат заедно со локалните избори, иако податоците од Државната изборна комисија покажаа дека сите тие беа општини каде што имало значително намалување на бројот на гласови за ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2016.

Од каде доаѓаат информациите

Информациите не се целосно лажни, туку манипулативни | Фото: Wikimedia Commons

Информациите што предизвикуваат масовни и интензивни реакции не се целосно измислени, туку се производ на манипулативно пренесување вистинска информација. На пример, откако партијата ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција за предложениот закон за заштита од дискриминацијата прашувајќи дали со него ќе се отвори патот за замена на термините „мајка“ и „татко“ со „родител 1“ и „родител 2“, повеќе портали меѓу кои Лидер на новинарот Љупчо Златев и Јавно на Даниел Јакимовски, братот на функционерот на ВМРО-ДПМНЕ Емил Јакимовски, излегоа со наслови како „Мајка и татко стануваат Родител 1 и 2, опозицијата бесна на предлогот на Царовска“. Сето тоа беше доволно за многумина да поверуваат дека станува збор за вистински предлог, а не за сомнеж изразен во политичко соопштение.

Инаку инспирацијата за „родител 1“ и „родител 2“ доаѓа од неодамнешни законски измени во Франција, според кои, во училишната евиденција, каде што се податоците за учениците, родителите нема да бидат заведени како  „мајка“ и „татко“, туку со родово неутралните термини. Во Македонија, во училиштата уште одамна е воведен неутрален термин во евиденцијата, па наместо „татково име“ стои графата „име на еден од родителите“. Ниту во Франција, ниту во Македонија овие одредби не се одразуваат на општата употреба на зборовите „мајка“ и „татко“.

Паниката за киднапирањето ја предизвикаа неколку информации за исчезнати лица за кратко време, кои добија голема медиумска покриеност, а дел од лицата беа пронајдени починати. Но, меѓу другото, стара информација од порталот Јавно за исчезнато 17-годишно момче беше искористена како „аргумент“ дека продолжуваат исчезнувањата, но тоа „се крие“.

За масовното населување мигранти, пак, често се дискутираше и во Собранието, особено за време на долгата расправа за разрешување на поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата порачуваа дека тоа треба да биде темата за која ќе се разговара наместо за Зврлевски. Година и пол подоцна не е направен ниту еден камп и не е доселен ниту еден мигрант.

Фактите и демантите не помагаат

Царовска ги демантираше и населувањето мигранти и укинувањето на „мајка“ и „татко“ | Фото: БИРН

Откако ќе се „произведат“ овие информации, тие масовно се шират од стотици профили на социјалните мрежи, и јавни и анонимизирани. Нивното ширење не успеваат да го спречат ниту јавно достапните документи од кои може да се види манипулацијата.

Се игнорира предлог-законот за заштита и спречување на дискриминацијата достапен на интернет-страницата на Собранието, од кој може да се види дека никаде нема одредба со која „мајка“ и „татко“ се заменуваат со „родител 1 и 2“. И соопштението на ВМРО-ДПМНЕ може да се најде на нивната интернет-страница, од кое се гледа дека опозицијата поставува прашање, а не изнесува цитат од законот.

Продолжи да се шири паниката и од исчезнувањата и откако МВР објави информација дека бројот на исчезнати лица е намален во изминативе години. Ниту фактот дека носењето повеќегодишни стратегии за интеграција на бегалци и странци е меѓународна обврска на државата, и дека такви документи носела и претходната влада, не помогна да се запре стравот и собирањето потписи.

Комуниколошката наука уште одамна ја идентификувала т.н. „пристрасност кон потврдувањето“, според која луѓето се секогаш повеќе подготвени да поверуваат на информации што ги потврдуваат нивните верувања отколку обратно. Дури и не сметаат дека има потреба да проверат дали информацијата е вистинита и дали изворот е веродостоен. Се случило, на пример, на реакција дека една масовно споделувана информација според која „месарница во Чаир била затворена откако сопственикот добил закани со оружје зашто продавал свинско“ се базира само на анонимно писмо на читатели до еден портал без никаква друга потврда, да се добие одговор – не е важно дали конкретниот настан бил вистина, важно е дека „таква била општата атмосфера со меѓуетничките односи“.

Копи-пејст на лажните аргументи

Истите контрааргументи се шират од различни луѓе на различни места | Фото: Library of Congress (дел од карикатура од 1894 година)

Но, во многубројните дебати на овие теми на социјалните мрежи може да се види и идентична, налик на координирана „одбрана“ на манипулативните тези, дури и кога тие се соочени со контрааргументите. За тоа се користат политички теми што предизвикуваа силни емотивни реакции кај јавноста.

Така, на укажувањето дека во ниеден член на законот не пишува „родител 1“ и „родител 2“, како по правило се одговара дека „ниту Тиранската платформа никаде не ја пишуваше, па сепак се спроведе“ или „ниту уставното име немаше да се менува, па се смени“. Луѓето што ги шират информациите не се повлекуваат ниту пред аргументите дека прашањето за името и т.н. Тиранска платформа биле општи процеси, а во случајов станува збор за конкретен законски текст достапен на сите. Се повикуваат и на „свои добро упатени извори“ според кои без разлика каков е текстот на законот, ако тој се донесе, тоа ќе значи напуштање на термините „мајка“ и „татко“.

Сето тоа се случува на различни места, од различни личности, во исто време. Слично како што се ширеа и слики со нацртани урбанистички решенија за изградба на згради за мигранти со тезите дека „сѐ е подготвено за градба“, иако такви решенија не можеа да се најдат во ниедна официјална урбанистичка документација.

Зошто ова не е бенигна тема од Фејсбук

Лажните вести влијаат на однесувањето и на здравјето | Фото: Pixabay

Илјадници универзитети во светот го истражуваат феноменот на недоволна медиумска писменост во време кога има презаситеност со медиуми и кога секој корисник на интернет има пристап до секаков тип информации. Истражувањата покажале дека особено помладите генерации, како почести корисници на интернетот и на социјалните мрежи, се жртви на медиумските манипулации бидејќи им е најтешко да ги разликуваат вистинитите од лажните или од полулажните содржини.

Не само што овие содржини влијаат врз изборните процеси и на креирањето политики кои често се спротивни на јавниот интерес или на достигнатите цивилизациски вредности, туку се покажало и дека влијаат врз однесувањето и на психичкото здравје на младите луѓе, особено кога тие се соочуваат со масовно ширење паника и несигурност во интернет-сферата во која го поминуваат своето време.