„Изјавата на високиот косовски парламентарец, дадена овој викенд, во која користи говор на омраза и се заканува со етничко чистење, е неприфатлива и е причина за сериозна загриженост“, се наведува во соопштението на специјалниот пратеник на ООН во Косово, Захир Танин, објавено во понеделникот.
„Ги повикувам сите одговорни лидери да го осудат овој став, а ги повикувам и правосудните органи да преземат неопходна истрага во врска со овој инцидент и соодветни мерки согласно косовскиот закон“, изјави Танин.
Неговата изјава дојде откако Даут Харадинај, пратеник и лидер на Сојузот за иднина на Косово, изјави дека ќе има војна доколку Франција го екстрадира неговиот брат, Рамуш Харадинај, во Србија, за да се соочи со судење по обвинението за воени злосторства.
„Може да нѐ внесат во војна, ништо друго. Јас не знам за другите, но знам за себе: ако згрешат и ако го направат тоа, треба да бидат подготвени за посериозни теми“, изјави Даут Харадинај во петокот, во интервју за косовската ТВ станица Ѓукаѓини.
„Ако сакаат Косово да биде без Срби, тогаш нека се шегуваат“, додаде тој.
Неговата изјава ја осуди и Канцеларијата на ЕУ на Косово, во чие соопштение се нагласува дека ваков вид на изјави поттикнуваат омраза кон малцинските заедници и се пречка за помирувањето.
И амбасадата на САД во Приштина упати критики на изјавата на Даут Харадинај.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во понеделникот изјави дека изјавата на Харадинај претставува враќање кон „горкото минато“.
„За косовските институции и за народот, заканувачките изјави упатени кон другите неалбански етнички групи поттикнуваат бес, омраза и освета“, напиша Тачи на својот профил на Фејсбук.
Даут Харадинај, заедно со својот брат, Рамуш Харадинај, се бореше во војната во Косово и беше една од позначајните фигури во Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Да потсетиме, минатата недела, Апелацискиот суд во францускиот град Колмар, по трет пат ја одложи одлуката за екстрадиција на поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, во Србија, најавувајќи нова расправа за 27 април.
Хашкиот трибунал досега два пати го ослободуваше од обвиненија за воени злосторства, сторени во воениот конфликт во Косово, во 1998 и 1999 година.
Меѓутоа, српските власти тврдат дека имаат нови докази за различни злосторства за кои Харадинај досега не е обвинуван.
Според нивните наводи, тој е осомничен за убиство на цивили, меѓу кои било и бебе од само две недели, како и за мачење и за силување на малолетник.
Неговото апсење на францускиот аеродром, каде што долета од Косово, ги подигна тензиите помеѓу Белград и Приштина.
Предизвика и протести на Албанците во Косово и надвор од него. Демонстрантите бараа ослободување на Харадинај, а апсењето го осудија како политички чин.
Францускиот суд, на 12 јануари го ослободи Харадинај од притвор. Меѓутоа, додека властите го разгледуваат барањето на Србија за негова екстрадиција, Харадинај, според одлуката на судот, мора да остане во Франција и да биде под судски надзор.