Регион

Поранешен припадник на ВРС обвинет за убиства и силување

Пишува: Ерна Мачкиќ / Сараево

Обвинителството на БиХ, против Саша Цветковиќ, државјанин на Србија, подигна обвинение за воени злосторства извршени над цивили во Сребреница и Братунац, во април и мај 1992 година.

Цветковиќ е обвинет, заедно со уште двајца други војници, дека извеле човек од неговата семејна куќа, лоцирана во населбата Колонија, во местото Сасе, општина Сребреница.

Тој, како што се наведува, држејќи го на нишан и заканувајќи му се дека ќе ги убие членовите на неговото семејство, му наредил, на жителите на соседното село, да им каже да се предадат доброволно.

Кога човекот, по истекот на рокот што му го дале, не се вратил, Цветковиќ отишол во неговата куќа и убил двајца цивили, се вели во обвинението.

Обвинителството го товари Цветковиќ дека од рудникот за цинк и олово „Сасе“, во кој се наоѓале бошњачки цивили, заедно со уште еден војник, зел три жени, кои ги одвеле во насока на Братунац, каде што им се придружил уште еден војник.

Според непотврденото обвинение, жените биле однесени во една напуштена куќа, силувани и сексуално злоупотребувани.

Цветковиќ и уште еден војник, според обвинителството, во неколку наврати силувале една од жените.

Обвинението е доставено до Судот на БиХ за потврда.